1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студентскиот стандард на трагично ниво

Кристина Озимец18 август 2016

Универзитетите во Македонија денеска ги отвораат вратите за нови студенти, но проблемот со нивниот стандард останува нерешен. Студентите се жалат дека не можат да ги задоволат ни основните потреби

https://p.dw.com/p/1Jk3A
Фотографија: DW/S. Toevski

Марија Павлеска е апсолвент на Економски факултет, од Кичево која веќе неколку години живее во Скопје. Две години живеела во студентски дом, но поради неподносливата состојба во „Гоце Делчев“, сега живее под кирија.

Условите каде што престојува сега се неспоредливи бидејќи секогаш има струја, вода, тоалет со туш, фрижидер, греење, и стабилен интернет. Освен влагата и старите нереновирани соби, студентите мора да бидат снаодливи во секојдневието, за најнеопходните работи. По домовите, како фрижидери се користат терасите и прозорите, па така и онаа малку храна што тие ја купуваат за да ја јадат подоцна често им пропаѓа.

„Во „Гоце“ до лани не беше дозволено да се стави фрижидер во малечките соби. На некои од студентите им пишуваа казни, други ги опоменуваа сами да ги изнесат додека не се врати повторно контролата. Истото важи и за греалките. Не е дозволено да се користат бидејќи електричната инсталација е премногу стара и може да избувне пожар, а греењето е слабо. Во некои од блоковите последните два ката 13-ти и 14ти се целосно исклучени од грејната мрежа со пресечени цевки“, вели Павлеска за Дојче веле.

Таа беше дел од иницијативата „Операција Студентски дом“ која на социјалните мрежи објави 24 фотографии за секојдневието во студентскиот дом „Гоце Делчев“, кои го обиколија и шокираа светот. По притисокот кој беше направен преку медиумите, екс премиерот Никола Груевски за прв пат призна дека студентите се во право, по што започна реконструкција на делови од домот.

Според неа, генералните услови за живот на студентите во земјата се субстандардни. Ако студент се разболе и отиде до Универзитетската клиника зад студентскиот дом Кузман во Центар, докторот ги враќа во матичниот град кај матичниот лекар, за тој да издаде упат. „Студентот се враќа дома, зема упат и добива термин за два месеци на клиника, секако прво ако има пари да ги покрие сите автобуски билети потребни за прегледот, а после тоа и за самиот преглед. До тогаш преживувањето е во слободен стил. Купони и попусти за храна се измислена категорија кај нас. Библиотеките и бројот на здрави столчиња во нив се бројат на прсти“, додава Павлеска.

Marija Pavleska Skopje Mazedonien
Марија ПавлескаФотографија: Kristina Ozimec

Живот со неколку илјади денари месечно

Во Скопје има студенти кои преживуваат и со 1500-2000 денари месечно, ако имаат добиено бесплатно сместување во домот, вели Павлеска. Ако сместувањето треба да се плати, тоа чини меѓу 3000-3700 ден месечно во зависност од типот на собата.

„Има студенти кои живееат во остава (просторот зад лифтовите), а исто така и студенти кои живеат во помошни простории кои биле планирани за катни кујни/ цртални. Овие простории едвај може да се каже дека имаат прозор, а мора да делат тоалети кои се дури по 5-7 ката подолу/погоре од собата. За пристојно живеење со сместување во дом, потребни би биле 10.000 денари, за студентот да може и да се исхранува здраво и да има солиден социјален и забавен живот“, додава таа.

Unmenschliche Wohnbedingungen in Studentenwohnheimen in Skopje
Катастрофални услови во студентските домовиФотографија: DW

Студентите ќе може да станат тутори

На првата седница на пратениците во Собранието по годишните одмори закажана за 24-ти август, тие ќе расправаат за измените на Законот за студентски стандард. Доколку се усвојат предложените измени, студентите ќе може да бидат тутори на ученици од средно и основно образование, по што ќе добиваат поени за стипендија.

„Со предложените решенија на студентите ќе им се даде можност да го надоградат своето знаење како тутори, што ќе им послужи при нивно идно работно ангажирање“, пишува во предлог-законот

Иако дел од младите со кои разговаравме ја поздравуваат оваа новина, сепак велат дека доколку веќе постои политичка волја за подобрување на студентскиот стандард, тогаш е потребно да се почне од задоволување на базичните студентски потреби.

„Законот опфаќа само неколку работи, а студентскиот стандард како поим содржи: студентски попусти, регулација на студентските домови и условите во нив, стипендиите и бефефициите за студентите. Се’ она што може да го олесни и подобри животот на еден студент во земјава. Овие теми се уште не се регулирани правилно. Важно е да се отвори прашањето околу можни реформи и измени во другите членови, со цел да имаме сеопфатен закон кој навистина оди во полза на подобрување на студентскиот стандард“, вели Александра Филипова од Младинскиот образовен форум за Дојче веле.

Според неа, туторството како реформа се применува во дел од развиените земји, меѓутоа во овој предлог закон нема нацрт и спецификации. „Се уште немаме одговори за тоа кој студент ќе може да биде тутор, кој ќе биде задолжен да ги регулира поените собрани од туторство, колку стипендии на годишно ниво ќе бидат издадени за студентите тутори, колкава ќе е сумата на стипендијата стекната на овој начин и дали туторството ќе може да се смета и како пракса“, додава Филипова.

И од Студентски Пленум велат дека доколку веќе се покренува расправа околу студентскиот стандард во Собранието, тогаш има и многу други работи кои треба и мора да бидат отворени.

Mazedonien Land und Leute Studenten in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

„Студентскиот стандард со еден збор е трагичен. Студентски домови кои едвај и премногу споро се реновираат, мензи со прескапа и нечовечна храна полна со бубачки, тешки начини за заработка, а многу давачки за студентите. Има и многу други проблеми, но за жал се чини дека ова прашање е долго време игнорирано и студентите се маргинализирани. По појавата на Студентскиот Пленум, на неколку моменти ја видовме владејачката партија како се обидува да не’ поткупи со проекти кои само гребеа по површината на вистинските студентски проблеми. Повеќето студентите се чувствуваат прегазени и фрлени настрана во нашето општество. Овој тренд не смее да продолжи“, вели Деа Здравковска од СП.

Додека пратениците да се сетат и на останатите проблеми на студентите, тие продолжуваат да функционираат во сегашните услови.

Павлеска вели дека наменско и функционално трошење на парите определени за функционирање на домовите би решило голем дел од проблемите. „Ние плаќаме такви апсурдни давачки кои кога ќе се соберат по број на студенти навистина се астрономски суми и никој не прашува што се случува со нив. Тоа мора да се промени. Кога апатијата ќе се замени со ангажираност, а стравот со став работите ќе мрднат од мртва точка“, вели Павлеска и додава дека системот треба да се реновира, а не да се вароса ѕидот.