1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема датум за автоматско членство на Србија и Црна Гора

БГ
5 февруари 2018

Германската влада е воздржана во однос на најавите од Европската комисија дека на Србија и Црна Гора ќе им ја одреди 2025 година како датум кога треба да станат членки на ЕУ. Прво да се завршат реформите.

https://p.dw.com/p/2s8ut
Deutschland, Berlin, Reichstag, Flaggen der Bundesrepublik Deutschland und der Europäischen Union
Фотографија: picture-alliance/dpa/M.Skolimowska

Повеќето земји кандидати за членство во ЕУ мораат да спроведат бројни реформи во своите земји, порача портпаролот на германската влада Штефан Зајберт, и не можат да се надеваат на фиксни датуми за членство.

„Такви нешта како автоматско членство со однапред определен датум нема да има“, го изнесе Зајберт ставот на германската влада на денешната прес-конференција во Берлин.
Повеќе медиуми претходно јавуваа дека во Стратегијата на ЕК ќе биде наведена 2025 година како датум до кој Србија и Црна Гора- кои се сметаат за најнапреднати во процесот на преговори- ќе треба да станат членки на ЕУ. Според неофицијални информации на ДВ, во последната верзија на Стратегијата која треба да биде објавена утре (6 февруари) таков датум повеќе не се споменува.

Од германската влада соопштуваат дека ја поддржуваат европската перспектива за земјите од Западниот Балкан, но оттаму велат дека ќе ја коментираат Стратегијата откако ќе биде јавно објавена.
Официјален Берлин ги смета за неопходни натамошните сеопфатни реформи во клучни области како владеењето на правото, конкурентноста и регионалната соработка.
„Во прв ред, пред членството мора да бидат решени билатералните спорови“, вели портпарол на германското министерство за надворешни работи.

Германската агенција ДПА јавува дека членството на западнобалканските држави е предмет на спор во самата ЕУ. Источноевропските членки на ЕУ се за проширување, но во западните држави стравуваат од трошоците и слабите реформи во регионот. Најчесто како проблеми се наведуваат корупцијата и организираниот криминал. Од друга страна, расте и загриженоста поради зголеменото влијание на Русија и Кина на Западниот Балкан. Во западните дипломатски кругови притоа се предупредува да не се повторува грешката од 2007 година, кога во членство беа примени Романија и Бугарија, иако не беа подготвени за тоа.