1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Субрата Рој не ги контактирал сопствениците на имотот на кој сака да гради

Милчо Јованоски25 јануари 2013

Индиецот Субрата Рој во Љубаништа ќе гради луксузен туристички комплекс, меѓу 10–те најубави во светот. Жителите и МПЦ во очекување - што ќе биде со нивните имоти? Државата со желби проектот целосно да успее.

https://p.dw.com/p/17RBe
Фотографија: MIA

Со секое доаѓање во Македонија очекувањата на жителите на Љубаништа дека ќе профитираат од идната инвестиција на милјардерот Субрата Рој се зголемуваат. Манастирот Свети Наум, кој е на дофат на Љубаништа, и сега е најомилена и најчеста дестинација на сите туристи кои доаѓаат во Македонија .

Токму ова парче рај на земјата го магепса и индискиот магнат кој, според зачестените средби со македонските власти, е со намера на тој простор најдоцна до 2020 година да изгради суперуликсузен комплекс. За почеток ќе се градел пловечкиот казино хотел, а подоцна и трговски центри и илјадници луксузни вили, спа центри... Рој уште не зне колку ќе чини целиот комплекс, но сигурно повеќе стотици милиони евра и тој ќе биде дел од туристичката развојна зона на Владата која има за цел да ја раздвижи македонската економија и туризмот. За почеток за околу пет милиони евра индискиот магнат го купил хотелот „Славија“.Таму ќе се сместел тимот кој ќе работи на проектот во Љубаништа.

Subrata Roj
Граѓаните стравуваат дека државата ќе им го експроприра земјиштето или, пак, дека ќе добијат по едно евро за метар квадратенФотографија: MIA

Митрополитот Тимотеј: „Ниту за милион евра не би продал ни еден метар квадратен“

Граѓаните и надлежните во црквата се’ уште никој не ги контактирал и информирал за намерите дека тука ќе се гради. Дел од оние со кои контактираше Дојче веле се во недоумица што ќе стане со нивните имоти и по која цена ќе оди обештетувањето.

„Се работи за осумдесеттина семејства кои имаат имоти на просторот за кој е заинтересиран индсикот бизнисмен. Но, се’ уште никој не дошол да разговара со нас. Ја видовме делегацијата помина со автомобилете низ село и никому ништо“, вели Живко Наумоски.

„Ништо не знаеме, будно ги следиме медиумите. Дел од жителите се плашат дека атрактивното земјиште ќе им биде одземено за минимална сума, па дури и не се заинтересирани за продавање. Но, против државата не се може. Со закон ќе ја спроведе експропријацијата“, додава Крсте Велески.

„И со нас никој не разговарал и не знаеме дали индискиот инвестирот е заинтересиран за црковниот имот, кој по околу седум децении државата ни го врати и пак може да ни го одземе. Во полето имаме околу 100 хектари земја која припаѓа на манастирот Свети Наум. Ако се прашувам јас - ни за по цена од еден милион евра не би продал ни еден метар квадратен. Тамошната убавина нема цена,“ ни рече митрополитот Дебарско – кичевски Тимотеј.

Власта: „Се ќе биде според законите“ - Општината: „Ова е предизборен трик“

Вицепремиерот и министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека се ќе биде законски и согласно законите ќе оди обештетувањето на граѓаните чие земјиште ќе биде дел од проектот.

„Проектот ќе донесе ангажман за илјадници луѓе од Охрид и илјадници нови вработувања, проширен бизнис за охридските малостопанственици и домашни фирми, а ќе значи многу и за туризмот и рејтингот на Македонија во светот“, рече Ставрески.

Subrata Roj
Со реализацијата на планот на Субрата Рој ќе бидат погодени 80 семејства и МПЦФотографија: MIA

Градоначалникот на Охрид Александар Петрески, пак, беше заобиколен. Проектот Љубаништа за него е предизборен трик на власта. Не е против инвестициите, но апелира да се внимава да не се наруши рамнотежата на флората и фауната во Охридското езеро, старо четири милиони години.

„Предупредувам дека со новиот пакет закони се овозможува нова национализација, налик на онаа од 1946 година, во која најоштетени ќе бидат сопствениците на земјиштето - граѓаните и Македонската православна црква. Земјиштето ќе им биде одземено со обештетување од само по едно евро за метар квадратен, а реалната цена е далеку поголема“, вели Петрески.

„Ние веќе формиравме управувачки комитет од 25 лица од повеќе државни институции кои ќе ги решаваат правните, финансиските, инфраструктурните и маркетинг прашањата. Тимовите разговараат со ’Сахара груп’, а една екипа е задолжена за екологијата и заштитата на „Охридското езеро“, тврди вицепремиерот Ставрески.

На туристичкиот комплекс ќе му претходи автопат?!

Од Охрид до Љубаништа се стигнува по тесен и кривулест пат изграден кон крајот на шеесеттите години од минатиот век. Патот ја поврзува Македонија со Албанија и со години е тесно грло и пречка за побрз развој на туризмот. Претпоставките дека кон комплексот во Љубаништа во иднина ќе гравитираат до 100.000 илјади луѓе неминовно наметнуваат и автопатско поврзување. Владата, пак, најавува изградба на автопат од Кичево до Охрид и нов пат до Свети Наум со помош и кредит од Кина. Со инвестициите на Индиецот Рој се поврзуваат и најавите за градба на хидро аеродромот во Охрид. Јавноста преку социјалните мрежи се прашува, што ќе биде попрво – најавената голф патека што ќе завршува во Езерото, аеродромот на вода или новиот пат до Свети Наум?!