1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судбински сме поврзани-иднината ни е заедничка

12 декември 2010

Во плејадата книжевни творци од албанскиот етникум во Македонија веќе половина век се издвојува Фејзи Бојку со своите многубројни песни за деца и преводи обострано на македонски и албански јазик.

https://p.dw.com/p/QUBy
Фејзи БојкуФотографија: Sveto Toevski

Педесет години творење поезија и проза за деца, публицистика, книжевен превод од македонски на албански и од албански на македонски јазик – ова е само кусо резиме на досегашната плодна дејност на Фејзи Бојку во неговите 73 години од животот. Тој е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1974 година. Денес е еден од најистакнатите книжевни творци од албанскиот етникум во Македонија. Го прашавме: кое е неговото творештво досега?

Тој одговара: „Започнав во 1960 година со првата стихозбирка со симболичен наслов ’Првите цвеќиња’. Имам напишано 15 – тина збирки со песни и раскази за деца и млади, една книга за повозрасни со наслов ’Кажувањата на татко ми’, а во областа на преводот имам околу 50 – тина книги."

Доминантна е неговата литература за децата. Песните на Бојку ги има во букварите за првачињата и во многу други учебници и детски изданија. Светот на децата за овој автор е непресушен вруток за книжевна инспирација.

Тој појаснува: „Цел живот работев со децата и за децата. Тие се самиот живот, кој доаѓа и кој е полн со нови вредности, живот што ни го донесува секој ден."

... и дополнува: „Моите стихови – од првиот до последниот - пледираат за нешто убаво и хармонично, за нешто заедничко и благородно."

„Кога би можеле и возрасните да сакаат како децата ...“

Спонтаноста и искреноста на меѓучовечката и меѓуетничката комуникација од благородните детски светови Фејзи Бојку ја бара и ја наоѓа и во реалниот свет на возрасните во земјата во која живее: „Судбински сме поврзани. Подоброто запознавање и почитување ќе придонесе да ни биде подобро на сите нам. Сите други варијанти, размислувања и скршнувања од она што сметам дека е највистинскиот пат, се бесполезни и губење време.“

Mazedonien Land und Leute Kinder in Skopje
Децата се во центарот на творештвото на БојкуФотографија: Petr Stojanovski

„Суштината е – заедничката иднина“ пледира овој бележит книжевен деец: „Јас сум ја сфатил суштината: дека е тоа меѓусебното запознавање, посебно преку културата и творештвото, преку традициите и она што ни било заедничко. Сето ова ќе придонесе кон еден понормален развој и заедничка иднина за сите нас".

Признание за преведувачката дејност

Романите „Сите лица на смртта“ и „Последните селани“ на Петре М.Андреевски се само дел од големиот број наслови од македонската книжевност, кои ги превел на својот мајчин јазик Фејзи Бојку, добивајќи ја годинашнава за првпат востановена преведувачка награда „Абдулазис Ислами“ за севкупната обострана циркулација на литерарните вредности меѓу македонскиот и албанскиот јазик, но и воопшто за својот опус во оваа сфера.

Стефан Симовски, претседателот на Сојузот на книжевните преведувачи на Македонија за придонесот на Бојку кон интеретничката и интеркултурната комуникација во земјата вели: „Значењето на неговиот ангажман е големо со оглед на големиот број преведени поетски и прозни дела од македонски автори. Тој е заслужен за соработката меѓу македонската и албанската литература во Македонија. Бојку е врска меѓу овие две култури со значајна улога во нивното зближување.“."

Бојку се надоврзува: „Сето ова сметам дека и ден – денес е недоволно. Треба да се работи поорганизирано на полето на преводот, со цел да се претстават повеќе книги и дела.“

Во една колумна насловена „За пријателството меѓу луѓето“ тој напиша: „Кога би можеле и возрасните да сакаат онака како што сакаат децата, светот би опстојувал во најголема хармонија.“ Бојку продолжува да твори со овој свој лајт – мотив.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска