Судири на демонстрантите со полицијата во Иран
1 март 2011Иранските безбедносни сили употребија солзавец во денешните судири со демонстрантите во главниот град Техеран. До судирите дошло за време на протестите за ослободување на двајца опозициски лидери, јави интернет-страница блиска до опозицијата.
„Безбедносните сили и луѓе во цивилна облека се судрија со демонстрантите во Техеран“, тврди страницата „Калеме“. Друг опозициски интернет-медиум јави дека голем број припадници на безбедносните сили биле распоредени низ главните улици и плоштади во Техеран со цел да спречат протести.
Поранешните претседателски кандидати Мирхусеин Мусави и Мехди Каруби не се видени во јавноста откако повикаа на демонстрации против исламскиот режим на 14 февруари годинава. На протестите кои имаа за цел и поддршка на востанијата во арапскиот свет, излегоа илјадници луѓе, а најмалку две лица загинаа во судирите со полицијата. Опозицијата за денеска закажа протести со барање за нивно ослободување.
Противниците на режимот во Иран тврдат дека Мусави и Каруби биле уапсени од полицијата заедно со нивните сопруги, но властите ги демантираат ваквите тврдења, и велат дека двајцата опозициските лидери биле задржани во домашен притвор и им бил забранет контакт со надворешниот свет.
Автор: ЖА/ројтерс
Редактор: Борис Георгиевски