1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судски епилог за несреќата на бродот „Илинден “

5 јули 2011

Капетанот на бродот „Илинден “, Сотир Филески и претставникот на германски „Лојд“ Бранко Баиќ денеска во Охрид се осудени на по една година затвор. Во граѓанска постапка семејствата на загинатите ќе бараат отштета.

https://p.dw.com/p/11pA8
Schiffsunglück auf dem Ohrid-See in Mazedonien Special police divers search the area where a boat ?Ilinden? sank in Ohrid Lake in Macedonia, 05 September 2009. At least 15 people are reported dead when the tour boat ?Ilinden? capsized in Ohrid Lake, whereas it is feared that number of victims could rise. Big part of tourists on the boat were from Bulgaria. EPA/GEORGI LICOVSKI +++(c) dpa - Report+++
Потонатиот брод „Илинден“ во близина на кампот ЕлешецФотографија: picture-alliance/ dpa

Судијката Милка Танеска, која раководеше со Судскиот совет, ги прогласи за виновни двајцата главно обвинети и тоа за предизвикување тешки дела против луѓето и имотот во сообраќајот и дека со своето несовесно работење придонесе на 5 септември 2009 година да се случи несреќа на бродот „Илинден“. Бродот потона во Охридското Езеро блиску до авто – кампот „Елешец“, при што се удавија петнаесет бугарски туристи.

Со пресудата, судот ги задолжи обвинетите Филески и Баиќ, кому му се судеше во отсуство, подеднакво да ги надоместат штетите во висина од 2.537.160 денари во рок од 15 дена. Тука спаѓаат техничката експертиза, вештачење и вадењето на бродот.

Филески: „Не се чувствувам виновен“

По соопштувањето на пресудата првообвинетиот – капетанот на бродот „Илинден “, Сотир Филески, рече дека не се чувствува виновен и дека за други детали сврзани со понатамошниот тек на постапката ќе се изјаснат неговите адвокати, а тие денеска не беа во судницата да ја слушнат пресудата за клиентот кого го бранат.

Schiff gesunken im Ohrider See, Mazedonien, 05.09.2009. Freigabe durch: Macedonian Information Agency MIA
Спасувачки екипи на местото на несреќатаФотографија: MIA

Мартин Петров, адвокатот на семејствата на загинатите бугарски туристи, децидно повтори дека висината на оштетните побарувања ќе ја соопштат по добивањето на пресудата во писмена форма. Претходно, во текот на судскиот процес претставнци на семејствата рекоа дека во посебна граѓанска постапка отштета ќе бараат од обвинетите, но и од државата.

Преживеаните туристи бараа условна казна за капетанот

Спротивно од нив, преживеаните бугарски граѓани во бродската несреќа пред неколку дена се огласија и побараа условна казна за првообвинетиот Филески.

„Без оглед на тоа што висината на казната е ниска, имаме впечаток дека ова е компромис меѓу изведените докази и некоја намера или желба да се изрече ослободителна пресуда за обвинетиот Бранко Баиќ “, изјави неговиот адвокат Славко Котески.

Инаку, според пресудата, капетанот на бродот Филески го прекршил законот, но и прописите за внатрешна пловидба, заради тоа што не го одржувал соодветно системот за управување, а во критичниот момент на бродот имало повеќе патници од дозволеното и на пловилото тие не биле правилно распоредени. Дел од нив биле на дополнително изградената горна палуба, а на неа не смеело да се превезуваат патници. Филески, според обвинението не ангажирал соодветен екипаж за тој вид на брод.

(FILE) A file picture dated on 24 March 2008 shows the boat ?Ilinden? at the dock of Ohrid Lake in Macedonia on 24 March 2008. At least 15 people are reported dead on 05 September when the tour boat ?Ilinden? capsized in Ohrid Lake, whereas it is feared that number of victims could rise. Big part of tourists on the boat were from Bulgaria. EPA/STR +++(c) dpa - Report+++
Бродот „Илинден„ сликан во 2008 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Бранко Баиќ, во отсуство е прогласен за виновен и осуден затоа што издал сертификат за техничка исправност на бродот „Илинден “, но не дал забрана за употреба на надградбата на бродот, но и ограничување за бројот на патници кои смеело да се превезуваат со „Илинден “.

Голем медиумски интерес во Македонија и во Бугарија

Охриѓани со олеснување ја примија пресудата, поголемиот дел ја исклучуваат вината на младиот капетан Сотир Филески и се надеваат дека е можно казната да биде уште ублажена по жалбата, која најверојатно адвокатите на Филески ќе ја поднесат до Апелациониот суд. Во судницата не беа претставнците на Здружението на бродари. Дел од нив беа и спасители на бугарските туристи и помогнаа да се намали трагедијата во досега најголемата бродска несреќа во Македонија. Дел од нив беа и сведоци во текот на истрагата и судскиот процес, а лани заедно со локалната власт беа и организатори на панихидата по повод годишнината од несреќата.

Соопштувањето на пресудата предизвика голем медиумски интерес во Македонија, но во судницата беа присутни и екипи на медиуми од Бугарија.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Горан Чутаноски