1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

СЈО: Истрага против Груевски и Ахмети за одложениот попис

21 март 2018

СЈО отвора истрага за пропаднатиот попис во 2011 година против екс-челникот на ВМРО ДПМНЕ и лидерот на ДУИ. „Моќник“ и „Актор“ се имињата на уште две нови истраги, соопштени денеска на прес-конференција.

https://p.dw.com/p/2uhJ7
Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Специјалното јавно обвинителство денеска соопшти дека се отворени три нови истраги за поранешни високи државни функционери. Првата истрага е за пропаднатиот попис во 2011 година, за што се осомничени поранешниот премиер и екс-лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети.

Според СЈО, осомничените по започнувањето на постапката за попис на населението во земјата, сфатиле дека пописот ќе им нанесе штета на тогаш владејачките ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ, па водејќи се од лични интереси и со цел задржување на моќта, ја прекинале постапката, со што е предизвикана штета од над 175 милиони денари.

Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti
Али Ахмети - истрага против лидерот на ДУИФотографија: DW/P. Stojanovski

Во втората истрага под името „Моќник“, СЈО смета дека „под влијание на тогашен моќен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, багателно се распродавал општински имот на негови блиски луѓе со измамнички дејствија“.

Поради измама и злоупотреба на службената положба и овластување, покрената е истрага против 13 лица, информираше јавната обвинителка Фатиме Фетаи. Во текот на 2011 година, таткото на пратеникот и тогашниот градоначалник на Македонски Брод, поттикнати од пратеникот, ги довеле во заблуда советниците со прикривање на факти да изгласаат одлука за отуѓување на задружниот двор во село Ижишта во Македонски брод. Со тоа е нанесена штета на државниот буџет од околу 50 илјади евра. Според СЈО, пратеникот барал и лустрација на судијата Драги Билевски за да се одмазди.

Третата истрага се однесува на случајот „Актор“, поради сомнение дека е сторено кривично дело за избор на најдобар изведувач на автопатот Демир Капија- Смоквица. Според СЈО, во 2012 година кога се рагледувале и оценувале понудите за изградба на патот, тогашниот претседател на Владата, Никола Груевски, не сакајќи да биде избран понудувач од Италија, извршил влијание врз тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој ги поттикнал членовите на евалуционата комисија да го фаворизираат изборот на фирмата „Актор“ од Грција. Со тоа, според СЈО, му било овозможено на „Актор“ да прибави корист од 7 милиони евра.