1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тавук и Авго

22 април 2021

Скандалот на средбата Дендијас-Чавушоглу е најновата епизода во традиционалните анимозитети и ривалства меѓу Грција и Турција и трката за обезбедување примат во регионалните односи. Пишува Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/3sMmt
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Замислена како средба на одмрзнување на односите, минатонеделната средба на министрите за надворешни работи на Грција и на Турција во Анкара се претвори во сензационалистичка кавга на отворена сцена пред светската јавност. Решителноста на Министерот Дендијас да ја докаже неимпресионираноста од бивање гостин на туѓ терен беше пречекана од Министерот Чавушоглу неспремен да во име на бивање домаќин ги одмолчи пацките на гостинот. Сѐ на сѐ, средбата не придонесе за надминување на тензиите и ги зацврсти главоболките за односите во јужното крило на НАТО. 

На средбата во Анкара и претходеше еден друг состанок, не помалку битен по својата тежина и деликатност на односите во регионот. На 5 април во Белград се одржа трилатерална средба на првите дипломати на Грција, Кипар и Србија на која се потврдија заложбите за зацврстување на соработката во медитеранот и Балканот. Според Дендијас, ваквата регионална соработка треба да продолжи преку трипартитна средба во Крф помеѓу првите дипломати на Грција, Србија и Северна Македонија. Притоа истакнувајќи дека Грција одблиску ги набљудува намерите на Турција во Балканот, обидите за сојузништва со земји во регионот и посебно муслиманското население. „Тоа е прашање кое отсекогаш блиску го следиме,” изјави Дендијас. 

Неколку дена подоцна, атинскиот „Катимерини” ќе забележи дека „кај западните држави и умерените муслимански земји во средниот исток и северна Африка  постои загриженост за подемот на радикалниот Ислам во регионот”. Подвлекувајќи ги споделените интереси на Грција со Обединетите Арапски Емирати, Египет, Саудиска Арабија, весникот нотира дека „за Арапите, обидите за обединување на муслиманскиот елемент во регионот од страна на Турција се сметаат не само како намера за оживување на отоманската визија туку и промоција на разединувачка верзија на Исламот”.

Türkei Griechenland Treffen Nikos Dendias und Mevlut Cavusoglu in Ankara
Фотографија: Adem Altan/AFP

Со оглед на традиционалните анимозитети и ривалства на двете држави – Грција и Турција – ваквите формулации и ставови не се вон вообичаеното, очекуваното, па дури и легитимното во трката за обезбедување примат во регионалните односи. Таа логичност и легитимност, сепак, добива сосема поинаква смисла и одржливост доколку во диалогот се вклучат и актерите кон кои таквите политики си вперени, а тоа се самите „муслимани во регионот”. Во чии очи, и врз чии искуства, таквите политики и не се сметаат како нешто навистина ново, туку повеќе како гиро верзија на веќе испробан донер.

Во основа, пристапот на Грција кон регионот „со фокус врз муслиманите”е ништо повеќе од новокомпонирано сценарио претходно користено од Турција со „фокус врз муслиманите”. И во двата случаи времено аргументирано со „подршка на западните фактори за обезбедување мир во регионот” и смирување на етничките тензии. Религиската оптовареност во пристапот на двете страни е само манифестација на споделен менталитет. Со единствена неразрешлива дилема: кој во таа поделба на улогите е пилето (тавук) и јајцето (авго)? Дали отоманската призма кон Балканот се црпи од Византиското или пак се инспирира од Отоманското? И на крај, дали пристапот кон „муслиманите во регионот” е навистина диктирано од нивната перцептирана „радикализација” или пак е произвид на внатрешните грчки и турски идентитетски и демографски болни предизвици кои ги проектираат врз другите, превасходно соседите?

Други колумни од авторот:

-Да беше само Јанша...

-Приказна за две села

-Европска демократура против американска стабилократија

Проблематичноста во тој пристап, претходно демонстриран од Анкара и сега наследен од Атина, е што е во основа циничен, лицемерен и капитално неискрен и деструктивен кон националните интереси на самото „муслиманско население” во регионот. Како што на времето на Анкара не и пречеше да нејзиниот пробив кон регионот го врши во содејство со САД, ЕУ и арапските земји, така и на Грција не ѝ пречи напати саркастично, напати апсурдно во нејзиниот поход кон „турскиот агресивен ислам во Балканот”  да се здружува со „арапскиот толерантен ислам”. Но збрката од агресивноста-толерантноста е повеќе продукт на расштрканоста на европската мисла (која, нели, Грција сака да ја одбрани) отколку на вистинска промисленост и оржливост. Па така, додека Дендијас на сите камбани ја фали соработката со Арапските Емирати, неколку дена претходно потпретседателот на Европскиот парламент Фабио Масимо Kaсталдо ќе алармира дека покрај вообичаените Турција, Русија, Кина „и Обединетите Арапски Емирати сакаат да го искористат политичкиот вакуум во регионот” создаден поради повлекувањето на ЕУ.

Циничната злоупотреба на „муслиманското население” во регионот од страна на ваквите земји членки на НАТО и ЕУ посебно доаѓа до израз во маскирањето на чисто национал-државните интереси на Грција и Турција под плаштот на религиски „добронамерни” интервенции. Што дава за право да се постави прашањето дали навистина проблемот е со наведеното население или пак во цврливата духовност, провидната стратегија и нечесната суштина на стратегиите на загрижените надворешни страни? И по тоа прашање, колку и да се трудат да го докажат спротивното, Турција и Грција демонстрираат сличност – ако не и идентичност – во искривените согледувања  на надворешните реалности и атавистичка култивација на внатрешните политички култури.

Türkei Griechenland Treffen Nikos Dendias und Mevlut Cavusoglu in Ankara
Фотографија: Turkish Foreign Ministry/REUTERS

Под какви и да е изговори, со какви и да е „сојузништва”, и во име на било какви „високо-морални мотиви”, пристапот на Атина и Анкара не се базира врз грижата или загриженоста за „муслиманското население” во регионот, туку врз споделената негација на етно-националната свест на народите кои пред се се препознаваа како нации, како граѓани и на крај како припадници на оваа или онаа верска определба. „Муслиманското население” во регионот имаат свои имиња и презимиња, свои национални дистинктиви, сопствени национални истории, свои национални политики и сите до една се сметаат како составен дел на европскиот национален курикулум. Со својот пазарџиски миопичен топтански пристап кон овие народи, сведени на религиска графа, Грција докажува дека сеуште плови зад Турција која одамна ја има надминато исламистичката агенда на „tutti muslimani” и – согласно ново-националистичката агенда на Ердоган – преферира соработка базирана врз национални интереси без разлика на доминатната вероисповест. И во тоа е хендикепот на Грција која со моно-православни дипломатски средби не може да дава лекции на мулти-векторната политика на Ердоган. Чии партнери во регионот и пошироко, со исклучок на Бакир Изетбеговиќ, не се ниту муслимани (Рама, Вучиќ, Борисов) ниту пак религиски оптоварени (Курти).

Религиската карта врз која Атина сака да ја цементира нејзината политика кон регионот, со евро-американска подршка, е не само некоректен нихилизам кон националните политики на перцептираните реципиенти на нејзината политика, туку е и несреќно надополнување на нејзиното не сосема за-машала минато во регионот. Грција, политички, академски и културно, ја пропушти можноста да се издигне над себе и сопствените балканштини преку јасна и недвосмислена осуда на авантурите во воените години изведени од доброволните викенд-воини и злосторници во Босна под синото знаме на Вергина. Или пак агресивните и непријателски политики кон Албанија и Македонија во девеесетите. Нејзиното одбивање да ја признае независноста на Косово е дури помалку иритирачка од обидите за наметнување на муслимански белег врз сите прашања за кои сметаат дека се пречка на национал-државните интереси на Грција. Повторно, Турција предоцна ја разбра погубноста на наметнување религиски тонови врз меѓудржавни соработки базирани врз неколку процентна фасцинираност со религијата во споредба со доминантната национал-идентитетска определба на народите во регионот. Сетики Грција допрва ќе го разбере наравоучението за поледиците од пресликувањето на домашните политики врз соседите. Но, како што покажува случајот Фето, и потенцијалната авто-деструктивност од мешањето на религијата во државните политики.

Türkei Griechenland Treffen Nikos Dendias und Mevlut Cavusoglu in Ankara
Фотографија: Adem Altan/AFP

Пристапот на Грција кон регионот базиран врз „селективни народи” и „религиско население” не е ниту исклучок од воспоставеното правило (делумно од западот, делумно од Турција) ниту пак е формула за надополнување на европското отсаство во регионот. Последиците од тој пристап ќе бидат на грб на Балканот и Грција и на сметка на Русија како историски самодеклариран заштитник на православието во регионот и пропонент на идејата дека во регионот се случува цивилизациски, а не национален судир на интереси. Пристапот на Дендиас базиран врз религиска белегизација на едни и национална промоција на други народи е – со или без замисла – составен дел на таа стратегија.

Внатрешните идентитетски кризи и демографски есапи без кусур се карактеристики на сите народи во регионот, вклучително, особено и предимствено во Грција и Турција. Нивното форсирање во надворешната политика е рецепт за краткорочен, минлив успех и долгорочни, неодминливи главоболки. Интересот на Грција во блиско-источните состојби е разбирлив. Но тоа не подразбира и вовлекување на сиот регион во блиско-источните хаоси од кои Атина би добила нешто, додека сите останати ништо. Религискиот аргумент за спречување на пристуството на Турција во регионот е однапред осудено на пропаст поради домашната рецептивност кон турските инвестиции и отсаството на грчки или европски инвестиции. Ерата на алармирање со повици „Турците доаѓаат!, Русите доаѓаат!, Кинезите доаѓаат!” е веќе на замирање и замор од немањето на никакви навестувања за „Грците доаѓаат, Американците доаѓаат, Европејците доаѓаат.” Дотолку повеќе што на самите грци, американци, европјани ама баш воопшто не им пречат кинеските, руските, турските и арапските инвестиции во нивните сопствени дворишта. 

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач