1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тадиќ победи на изборите во Србија

28 јуни 2004

Новиот српски претседател се вика Борис Тадиќ. Кандидатот на Демократската партија, на изборите доби доверба на 53,7% од избирачите. Неговиот противкандидат од националистичката Радикална партија, Томислав Николиќ, освои 45% гласови.

https://p.dw.com/p/AcMi
Борис Тадиќ
Борис ТадиќФотографија: AP

Ова е победа на нашата европска иднина, изјави доцна вчеравечер, новиот претседател на Србија, Борис Тадиќ. Тој нагласи дека на Србија и е доста од лаги и старата политика од минатата деценија.

”Јас сум убеден дека Србија уште еднаш ќе потврди дека оди кон ЕУ, дека оди кон безбедносните и политички интеграции, дека оди кон современоста на својот политички живот и подобар живот за своите граѓани, дека Србија е упатена на практично решавање на своите проблеми, а не на робување на минатото.”

Иако српскиот претседател, според уставот, има само репрезентативни задачи и не поседува вистинска политичка моќ, голем број западни држави се заложија за Тадиќ како претставник на една нова политичка линија во земјата. Тадиќ на своите приврзаници им вети дека во следните пет години, колку што трае неговиот мандат ќе ја води земјата повторно на патот кон Европа.

Поразениот Томислав Николиќ во својата прва реакција по обелоденувањето на резултатите рече дека е повеќе од задоволен, зашто со оглед на тоа што неговите радикали се најсилни во земјата, без нив нема да може да се оди напред. Тој најави дека во т.н. Демократски блок ќе се случат судири веќе во наредните денови. Николиќ подвлече дека изборите ги загубил самоз атоа што сите српски медиуми и сите странски земји застанале на страната на Тадиќ.

Борис Тадиќ, инаку, во демократската партија е наследник на убиениот српски премиер Зоран Џинџиќ. Според многумина набљудувачи, тој негува еднаков стил на работа и има многу слични гледања на работите како Џинџиќ.