1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тадиќ распиша избори во Србија

13 март 2012

Српскиот претседател Борис Тадиќ денеска ги распиша парламентарните избори во земјата за шести мај. Тоа ќе бидат деветти избори од повторното воспоставување повеќепартиски систем во 1990-та година.

https://p.dw.com/p/14Jr6
Фотографија: dapd

Српскиот парламент, конституиран на 11-ти јуни 2008-ма година, беше втор состав кој имаше полн четиригодишен мандат од 1990-та година наваму. Претходните избори беа одржани на 11-ти мај 2008-ма година, на нив учествуваа 22 изборни листи, од кои 10 беа малцински.

За малцинските листи не важи цензусот од пет проценти за влез во парламентот, туку природниот праг кој зависи од бројот излезени гласачи, а на претходните беа потребни околу 15 илјади гласови за едно пратеничко место.

Изборите за 250 пратеници во српскиот парламент се одржуваат според пропорционален изборен систем со една изборна единица за цела територија.

На претстојните избори првпат од воведувањето повеќепартиски систем ќе биде користен единствен избирачки список како електронска база на податоци.

Serbien Wahlen Wahlplakate in Belgrad
Од претходните изборни кампањи во СрбијаФотографија: AP

Парламентарните избори ќе бидат спроведени по измените во Законот за избор на народни пратеници со кои е укината бланко-оставката на пратениците, е воведено е најмалку една третина од кандидатите на изборната листа да мора да бидат жени.

Политичките партии по изборите нема да можат да одредуваат кој од кандидатите за пратеник ќе влезе во парламентот зашто мандатите ќе бидат делени според редоследот од изборната листа, почнувајќи од првиот на неа.

Првите повеќепартиски избори за српскиот парламент беа одржани во 1990-та година според мнизински изборен систем.

Следните, во 1992-ра и 1993-та година беа одржани според пропорционален модел со девет изборни единици, додека на изборите во 1997-ма година имаше 29 изборни единици. Избори со Србија како една изборна единица беа одржани во 2000-та, 2003-та, 2007-ма и 2008-ма година.

Автор: ЖА/СН/ бета

Редактор: Симе Недевски