1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тадиќ ќе го посети Вуковар?

20 јули 2010

Изјавата на српскиот претседател Тадиќ дека може да се очекува негова посета на Вуковар наиде на позитивни реакции во Хрватска. Граѓаните би го поздравиле тој гест, ако биде придружен со извинување за злосторствата.

https://p.dw.com/p/OPxR
Тадиќ и ЈосиповиќФотографија: AP

Српскиот претседател Борис Тадиќ е добредојден во Вуковар, изјави хрватската премиерка Јадранка Косор и додаде дека посета на Тадиќ секако би бил добар потег. Косор смета дека во „контекст на соработката со Меѓународниот кривичен суд, во Хрватска се очекува конечно да бидат уапсени Младиќ, но и Хаџиќ и да застанат пред лицето на правдата.“ Градоначалникот на Вуковар Жељко Сабо исто така ја поздравува најавата за посетата на Тадиќ и додава дека токму тој имал идеја првата средба меѓу претседателите на Хрватска и Србија да се одржи во Вуковар, оти на тој начин би ги охрабриле сите кои се залагаат за развивање на добри односи во иднината.

EVP Kongress in Bonn
Хрватската премиерка Јадранка КосорФотографија: DW

Иако Тадиќ и не назначил термин на доаѓање, медиумите почнаа да шпекулираат дека би било добро ако тоа се случи на 18 ноември, денот кога падна Вуковар, или на 12 ноември на 15-годишнината од потпишувањето на Ердутскиот договор, со кој започна мирна реинтеграција на Славонија, Барања и Западен Срем во хрватскиот државно-правен систем. Претседателот на Самостојна демократска српска партија (СДСС), Војислав Станимировиќ не верува дека Тадиќ ќе го посети Вуковар на 18 ноември и истакна дека неговата партија има иницијатива до парламентот и владата, годишнината од Ердутскиот договор да се одбележи достоинствено.

Jugoslawien Kroatien Serbien Geschichte Kriegsverbrechen Vukovar
Вуковар во 1991 годинаФотографија: AP

Сабо и Станимировиќ, како и останатите актери на хрватската политичка сцена, посетата на претседателот Иво Јосиповиќ на Србија и најавата дека Тадиќ ќе го посети Вуковар ги сметаат за знак за подобри односи меѓу двете држави. Благонаклонето се гледа и на поддршката што ја дава претседателот Јосиповиќ за евро-атланските аспирации на земјите од регионот.

Flaggen Serbien Kroatien
Фотографија: DW

Аналитичарите сметаат дека средбата на двајцата претседатели е значајна од многу причини: на пример дополнително е потврдена извонредната соработка на полето на сузбивање на организираниот криминал, поттикнати се преговорите за решавање на граничните спорови, почнати се преговори за аранжманот за премин на границата само со лична карта, а и Србија вети дека ќе ги отстапи документите поврзани со случувањата во Вуковарската болница, за време на војната.

Освен ова, со посетата на Јосиповиќ на Србија би требало да престанат натегањата и лицитациите кој ќе го заземе местото лидер во регионот. Хрватска е на чекор до ЕУ, повеќепати покажа подготвеност и на другите држави да им помогне на тој пат и подготвена е сите отворени прашања да ги реши низ дијалог. Регионалната соработка е еден од најважните елементи на политиката на ЕУ кон просторот на бивша Југославија, а очигледно дека тоа се’ повеќе се сфаќа како во Загреб, така и во Белград и останатите држави во регионот.

Автор: Гордана Симоновиќ/ Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска