1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Таен регистер на Роми во Шведска

К. О. Рихтер/ С. Недевски10 ноември 2013

Шведска во светот важи за демократија за пример. Вообичаено сјајниот медал на беспрекорната шведска демократија има и темна страна, што сега на сопствена кожа ја чувствуваат Ромите кои со векови живеат таму.

https://p.dw.com/p/1A6Kv
Фотографија: Philippe Huguen/AFP/Getty Images

За Марчело Деметер и за неговата сопруга Сузане Хакансон во моментов заедничките попладниња со децата и внуците повеќе претставуваат можност за пренасочување на вниманието, отколку радост.
Тие се припадници на 25-илјадното ромско малцинство во Шведска, се вбројуваат и меѓу 5.000 Роми кои без да знаат се заведени во тајниот регистар на шведската полиција.
„Рекоа дека станува збор за регистар за криминалци, но тоа би значело тогаш дека сите Роми се криминалци, вклучувајќи ме и мене, дури и нашите деца, а во нашиот случај и мојата најмлада внука која има само 2 години. Значи, и таа е криминалка, иако не знае ни што значи тоа“, раскажува Марчело.

Во регистерот и жени и деца

Од пред 12 години Ромите се признаени како малцинство во Шведска. Исто како и Лапонците и финското малцинство. И покрај тоа, и натаму животот им е тежок. Не е лесно да се најде работа, вели Сузане Хакансон: „Кога ќе конкурирате за некоја работа, и натаму не можете да кажете дека сте Ром. Ромите во Шведска се презиваат, на пример, Таикон или Деметри, и кога тие со такви имиња конкурираат, тешко можат да добијат работа, дури и во денешно време.“
Пред неколку недели, еден голем дневен весник откри дека полицијата во јужна Шведска отворила таен регистар за Роми.
Во него се наоѓаат мал број криминалци, но прецизно е заведено нивното социјално опкружување, пријателите и семејствата.
Токму поради тоа сега шведската полиција ретерира и тврди дека воопшто не станува збор за регистар на Роми.

Informelles EU-Außenminister-Treffen in Stockholm
Фотографија: DW

Петер Спрингаре е раководител на одделението за тешки злосторства во градот Еребро во централна Шведска. Тој е еден од најголемите поборници на тајните бази на податоци. За инспектор Спрингаре тоа едноставно е дел од истражното секојдневие со цел да се дознае со кого се во контакт криминалците. Тоа што во регистарот има само Роми, било чиста случајност:
„Луѓето прашуваат како е можно во таков регистар да се опфатени само Роми. За мене тоа не е невообичаено. Ако настојувате да истражите ромска криминална мрежа, тогаш е нормално во регистарот да се појавуваат само Роми. Тие податоци потоа ги користиме за наши службени цели“, вели Спрингаре.
Зошто со регистарот се опфатени и жени и мали деца, комесарот не може точно да образложи.

Шведска сепак е правна држава

Шведскиот министер за интеграција Ерик Уленхаг не е задоволен со објасувањето на полицијата. Смета дека регистерот е илегален бидејќи се темели на етничка припадност.

„Да ме прашаше некој пред три недели дали верувам дека шведската полиција има регистар кој се темели исклучиво на етничка припадност, ќе кажев: Не. Бев лут и тажен кога дознав дека такво нешто сепак постои“, вели Уленхаг.

Ромите ’де јуре’ се составен дел на општеството, но отсекогаш биле на маргините. Ромските номадски семејства со векови наназад се дискриминирани и прогонувани, особено во рурална Шведска, во идиличните скандинавски предели.

Во минатиот век и во Шведска постоеле т.н. расни истражувања. На универзитетот во Упсала еден институт за расна биологија проучувал наводни расни обележја. Во дигиталната архива на универзитетската библиотека и ден-денес има фотографии на наводно „типични“ Роми.

Ромите ширум Шведска, слично како овде во Линкепинг, деновиве протестираат против полицискиот регистар и исклучувањето од општеството (дискриминацијата) кое сѐ уште го чувствуваат. Марчело Деметер е јасен во намерите: „Мораме да дознаеме зошто всушност има таков регистар, колкав му е обемот и кој уште води такви регистри. Мораме да се погрижиме да нема такви листи, бидејќи сепак имаме закони кои забрануваат такви работи.“

Шведска е сепак правна држава, истакнуваат Марсело и Сузане. Тие се надеваат дека еден ден без лошо чувство, повторно полни со радост ќе си играат со децата и со внуците во паркот, како сосем нормални Швеѓани.