1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тапети кои штитат од земјотреси

Бригите Остерат/ Жана Ацеска3 април 2012

Идејата звучи малку лудо, но е всушност луцидна: кога ќе се затресе земјата, само неколку милиметри дебелите ѕидни тапети би требало да ги „држат“ ѕидовите и да запрат нивно уривање.

https://p.dw.com/p/14WMe
Фотографија: Bayer Material Science

Нивните пронаоѓачи ги нарекуваат едноставно- „тапети против потреси“. На прв поглед материјалот од кој се направени потсетува на бескрајно долги покривки за маси кои некоја баба ги сплетила од конци: бели, со фина мустра, не подебели од обични тапети. Тешко е да се поверува дека нешто вакво може да спречи уништување на ѕидовите. Научниците од Институтот за градежништо и градежна технологија во Карлсруе меѓутоа тврдат дека може. Тој нежен материјал ги „држи“ ѕидовите и силите кои делуваат врз нив при потресот ги распоредува низ целата површина, спречувајќи уривање на ѕидовите. Стручњаците со години работат на вакви тапети, но се‘ досега не беа задоволни од резултатот. Но, годинава чудотворните тапети конечно би требало да се појават на пазарот.

Цврсти, но еластични

Важно е материјалот од кој се изработени тапетите да биде многу цврст, но исто така и еластичен. Поради тоа тапетите се состојат од две компоненти, објаснува Мориц Урбан, еден од научниците кои работеа на нив: многу крути и цврсти стаклени влакна и растеглив полипропилен. Влакната одат во четири правци, што треба да гарантира рамномерен пренос на силите. Така потешко настануваат пукнатини, зашто силите кои дејствуваат при потрес се распоредуваат по многу поголема површина, а не се сконцентрирани на одделни места, на слабите точки на ѕидовите. Другиот ефект е тоа што кога ќе дојде до пукнатина, ѕидовите не се уриваат, зашто влакната кои се налепени на нив ги крепат како гумена лента, објаснува инженерот.

Erdbebentapete auf Mauerwerk NEU
Фотографија: grintsch communications

Ако потресот е премногу силен, тогаш, се разбира, пукаат и стаклените влакна. Полипропиленот во тој случај дејствува како резервно осигурување: тој спречува испаѓање камења од ѕидот. Блоковите, циглите и деловите од ѕидовите кои почнуваат да паѓаат при урувањето на куќите, претставуваат голема опасност за луѓето кои не успеале доволно брзо да го напуштат објектот погоден од потрес.

„Со овие тапети на луѓето можеме да им обезбедиме дополнително време потребно да избегаат надвор или дури и толку да го зацврстиме ѕидот за да не се урне“, тврди Лотар Стемпњевски, шеф на Институтот за градежништво и градежна технологија од Карлсруе.

Внатре и надвор

Ѕидните тапети за заштита од потрес можат да се лепат на внатрешните ѕидови како и обичните тапети. Тие можат и нормално да се бојадисуваат, а преку нив можат да се додадат и обични тапети. Бидејќи материјалот е лесно порозен, нема никакви проблеми ниту со влага во ѕидовите, ниту со мувла, до чија појава доаѓа кога ѕидовите немаат можност „да дишат“. Постои можност за поставување на овие тапети и на надворешните ѕидови.

„Тие се тогаш како во некој сендвич во фасадата“, објаснува инженерот Урбан.

Тапетите против потреси во секој случај не можат да се лепат со обично лепило за тапети, зашто и тоа, како и самите влакна на тапетите, мора да биде многу цврсто, но и еластично. Лепилото мора да обезбедува неделливо поврзување на тапетите со ѕидот, но истовремено да се „ниша“ со нив. Научниците поради тоа пронашле и посебно лепило на база на полиуретан.

Успешен тест

„Овие материјали ги испробавме меѓу другото на вистинска куќа поставена на платформа која се ниша“, вели Мориц Урбан.

На челичната плоча на површина од 35 квадратни метри била изградена камена куќа во италијански стил, која била изложена на голем потрес. Без зајакнувањето од стаклени влакна таа при одреден степен на потрес би се урнала како кула од карти.

„Со тапетите специјализирани за потрес не успеавме да ја срушиме“, вели Урбан и додава: „Нашите тапети се оптимални за средно силни потреси“.

Erdbeben / Beben / Seismograph / GFZ
Фотографија: dapd

Меѓутоа, тие не функционираат на бетонски ѕидови. „За нив се’ уште подобри се уште посилни карбонски влакна“, објаснува инженерот, но на тоа стручњаците уште не работеле.

Тапетите против потрес уште годинава треба да бидат достапни ширум светот. Но, тие на почеток нема да можат да се купат во обичните стоваришта за градежен материјал. Планот е да се започне нивно воведување на пазарот преку маркетиншките партнери, мајсторите-занаетчии и градежните претпријатија. Замислата е прво општините да бидат мотивирани за поставување вакви тапети во болниците, старските домови и детски градинки, посебно во трустните подрачја како Турција, Јапонија или Чиле. Пречка би можел да биде финансискиот фактор. Овие специјални тапети имено ќе бидат поскапи од обичните, а во почетокот би требало да ги лепат само професионални градежници, што исто така ја поскапува нивната примена.