1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тајланд - општество во транзиција

Родион Ебигхаузен/ Александр Трајковска3 декември 2013

Масовни протести го тресат Тајланд. Опозицијата бара оставка на владата и се бори против волјата на мнозинството.

https://p.dw.com/p/1AS5y
Фотографија: picture-alliance/dpa

Разлутената толпа вее тајландски знамиња. Таа се приближува кон седиштето на владата и сака да изнуди нејзина оставка. Повеќе редови полициски кордони го штитат објектот. Состојбата е непрегледна и тензична. Потоа летаат камења и гранати солзавец. Силите за безебедност со водени топови и гумени куршуми ја одвраќаат толпата. И во други делови на Бангкок изминатите денови имаше безредија. Четири лица загинаа, а повеќе од 100 се повредени.

Тајланд никако да се смири. Во 2010. година при протестите беа убиени повеќе од 90 лица. Причината за судирите кои траат со години: Тајланд е општество во транзиција. Марко Бинте вонреден професор на универзитетот Монаш во Малезија заклучува: „Станува збор за нов општествен договор. Тој досега се спроведуваше со феудални елементи и мора да стане подемокоратски, за да може да биде во согласност со сегашната општествена реалност“.

Пресврт и криза

Пресвртот почна во 1992. година кога првата цивилна влада по долго владеење на војската ги зајакна демократските структури. Демократизацијата во 2001. година доби нов полет кога Таксин Шинаватра беше именуван за 23. премиер на Тајланд. Тој на изборите успеа да го мобилизира мнозинство население на северот и североистокот на земјата. Таксин вети конјунктурна програма за населението од внатрешноста и по изборот ја спроведе, како што истакнува Бинте: „Таксин беше тој кој воопшто се залагаше за населението од внатрешноста и се придржуваше до своите политички ветувања“. Со тоа на долг период си создаде база на власта.

Ова меѓутоа ја разлути политичката елита во Бангкок, која дотогаш беше на власт. Со доаѓањето на Таксин се создадоа два спротиставени табори: црвени и жолти кошули. Црвените кошули го поддржуваат Таксин и денес неговата сестра Јинглак. Тие доаѓаат од северните и северноисточните противници, но во меѓувреме и во Бангкок. Жолтите кошули поддршка имаат во градовите, меѓу граѓанската елита и на југот на земјата. Тие се придржуваат кон стариот поредок.

Thailand Proteste Shinawatra TV Ansprache 28.11.2013
Јинглак ШинаватраФотографија: picture-alliance/dpa

Таксин на почетокот на неговата кариера важеше како голема надеж за демократијата. Но набрзо дојде разочарувањето, како што вели Рајнер Адам раководител на канцеалријата на фондацијата Фридрих Нојман во Бангкок: „Таксин тогаш постепено ги укина сите механизми, кои припаѓаа на една либерална демократија“. Така на пример на сите клучни позиции во владата постави свои луѓе, така што практично немаше опозиција.

Пуч и заострување на фронтовите

Кога Таксин во 2006. година беше на Генералното собрание на ОН во Њујорк, војската во Тајланд изврши пуч во согласност со жолтите кошули. На наредните избори во 2007. година меѓутоа на власт повоторно дојде партијата наследничка на Таксин. Жолтите кошули кратко потоа излегоа на улиците и успешно ги истиснаа црвените од владата. Во 2010. година повторно имаше демонстрации на улиците од страна на црвените кошули, кои бараа враќање на Таксин. Жолтите кошули се бранеа. Сутеп Таугсубан, кој и сега ги предводи протестите на жолтите кошули, тогаш наредил полициска акција во која загинале 25 луѓе, а 800 биле повредени. Откако се смирија протестите на изборите во 2011. година победија црвените кошули. Но, како што покажуваат последнтие протести, жолтите кошули не сакаат да се помират со тоа.

Thailand Antiregierungsproteste in Bangkok Anführer Suthep Thaugsuban 28. Nov
Фотографија: Reuters

Промените во последните години покажуваат: Мнозинството редовно се одлучува за црвените кошули, додека помалубројните жолти кошули неуморно, но, безуспешно се обидуваат да се пробијат. Сегашните протести на опозиционите жолти кошули, со нивниот ултиматум до владата и барањето демократски нелегитимиран „Народен совет“ да избере нов премиер, покажуваат колку е длабока нивната недоверба спротив волјата на народот.

Всушност, еден конфликт е нешто добро, вели Адам. „Општеството се менува кога настануваат конфликти. Но конфликтите би мореле, се разбира, да се спроведуваат со соодветни средства. Тие мораат да бидат поставени во институционални рамки“. Но токму тоа недостасува. Јазовите меѓу раскараните групи се толку длабоки, што речиси не е можен дијалог.