1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тајланд потресен од серија бомбашки напади

СН/ртр/дпа/афп12 август 2016

Тајландската армија говори за координиран бран напади: за неколку часа на туристичкиот остров Пукет и пред полициска станица на југот на земјата експлодираа најмалку осум бомби. Четири лица загинаа во нападите.

https://p.dw.com/p/1JgwT
Фотографија: picture-alliance/dpa/R.Y.Grit

Премиерот на Тајланд Прајут Чан-О-Ча апелираше на смиреност до населението. Сѐ уште не е познато кој стои зад нападот. Напаѓачите, меѓутоа очигледно имаа намера да предизвикаат хаос и страв. Набљудувачите во Бангкок веднаш одговорноста им ја префрлија на муслиманските бунтовници на југот на земјата, кои со години се борат против тајландската држава.

Тајландската полиција меѓутоа денеска соопшти дека бомбашките напади во кои загинаа четири лица, а се ранети десетина, не се поврзани со исламски тероризам.

Повеќе експлозии во текот на ноќта и во раните утрински часови потресоа 4 града во централниот и јужниот дел од земјата, а меѓу повредените во летувалиштето Хуа Хин има 10 странци.

Полицискиот претставник Крисан Патанеарен изјави дека е прерано да се зборува кој е одговорен за нападите, но оти се сигурни дека „не се поврзани со тероризам“.

Во нападите, според информациите од тајландските власти, загинале четири лица.

Две лица настрадаа кога 4 бомби експлодирале на прометна улица во туристичкиот град Хуа Хин. Експлозии на бомби имало и во градовите Пукет, Транг и Сурат Тани.

Бомбите во Хуа Хин биле далечински активирани, а биле сокриени во цвеќиња на улица во која се наоѓаат ресторани, кафулиња и улични продавачи.

Thailand Anschläge Hua Hin
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J.Harmer

Некои новински агенции наведуваат дека времето и обемот на нападите сугерираат оти ги извеле противници на владеачката хунта, која минатиот викенд оранизираше успешен референдум за уставот за кој критичарите велат дека ќе се зајакне власта на војската во наредните години.

Хунтата тврди оти одбраната на монархијата е најголем приоритет, а војската и нејзините сојузници сакаат да обезбедат мирна сукцесија на 88-годишниот крал Пумпидум Адунједет.

Нападите се извршени на роденденот на тајландската кралица Сирикит.

Тајланд е погоден со политичко насилство откако милијардерот Таксин Шинаватра е симнат од чело на владата со воениот удар во 2006. година, откако демонстрантите го обвинија за корупција, злоупотреба на власта и навредување на кралот.

Следуваше борба за власт меѓу неговите симпатизери и противници, а владата на неговата сестра Јинглук Шинаватра, која стана премиер во 2011. година беше соборена од власт со воениот удар во 2014 година.

Бомбашките напади се се’ почести во тајландските јужни провинции, во кои дивеат вооружени сепаратистички групи веќе 12 години, но напади врз туристи се реткост.