1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ТВ Косово стартува целодневен канал на српски јазик

Рефки Алија/ Симе Недевски3 јули 2012

До пролет наредната година би требало да започне со работа целодневна програма на српски јазик на ТВ Косово. Ставовите на српските медиумски работници на Косово во врска со овој медиум меѓутоа се поделени.

https://p.dw.com/p/15Pve
Фотографија: Fotolia

Анамари Репиќ, заменик-директор на Радио Телевизија Косово (РТК) укажува на позитивните ефекти од почетокот на целодневното емитување на српската програма која ќе има и 15 насто емисии на останатите јазици - албански, босански, турски и ромски. Програмата ќе се емитува од студијата во Приштина и во Грачаница, а владата на Косово за почеток ќе обезбеди се’ што е потребно за успешен старт.

Промоција на дијалогот

„Таа нова телевизија, ќе биде многу важна за информирање на Србите. Таа треба да го промовира дијалогот, да говори за проблемите на Србите и нивната интеграција во косовското општество, но и да создаде јавен простор за дебати за сите можни теми кои ги мачат не само Србите, туку и сите други на Косово“, оценува Анамари Репиќ.

Од друга страна, српските новинари различно гледаат на почетокот на оваа програма. Така Живојин Ракочевиќ смета дека Србите со тоа добиле сурогат, акт кој ја дискриминира целата медиумска заедница и е во целосна спротивност на она што го барала српската медиумска заедница, а и во спротивност со планот на Ахтисари, кој предвидел независен канал.

„Тоа што се случува со српскиот канал на Косово и Метохија е еден од најлошите облици на дискриминација со многу тешки последици, бидејќи дополнително ќе го доископа и онака длабокиот јаз на недоверба и глувост кога станува збор за албанскиот и српскиот јазик и кога станува збор за информирањето на овие јазици“, тврди Ракочевич.

RTK Das offentliche rechtliche TV von Kosovo
Зградата на Радио Телевизија КосовоФотографија: DW

Жарко Јоксимовиќ, сопственик на приватна ТВ-продукција е свесен, како што вели, за некои слабости, но смета дека понуденото мора да се искористи.

Независен управен одбор

„Без оглед како таа програма ќе функционира, таа ќе биде и тоа од каква полза не само за српската, туку и за самата албанска заедница, за конечно да сфати во какво опкружување и во какви услови живее и како малцинствата гледаат на ситуацијата. Немаме дневен, ниту неделен печат. Работат локални медиуми кои главно се занимаваат со пуштање музика, а не со вистинско информирање, така што секаква понуда мора да се искористи, бидејќи да се живее во информативен мрак во ова време е надвор од секаква памет“, смета Јоксимовиќ.

И Андрија Игиќ, дописник на повеќе српски медиуми од Косово, го поздравува стартот на телевизијата, но за да се избегнат сите недоумици смета дека би требало да се избере „независен управен одбор, мнозински составен од српската заедница, кој би избирал директор и главен и одговорен уредник“.

„Тоа би можело да се изведе така што собранието на Косово би го избирало тој одбор и со тоа да се отстрани секаква сомнеж во вистинитоста, објективноста и професионалноста на содржините и информациите кои и‘ се пласираат на српската заедница“, вели Игиќ.

Анемари Репиќ верува дека на конкурсот или на јавниот повик ќе се пријават голем број идни новинари, сниматели , инжинери, зашто Србите добиваат нешто што досега го немале, а  тоа е 24-часовен канал на косовската телевизија - јавен сервис кој првенствено ќе се занимава со нивниот живот на Косово.