1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тежок пат до директни преговори

9 декември 2010

Специјалниот американски пратеник за Блискиот Исток, Џорџ Мичел, идната недела ќе патува во регионот, барајќи нови начини за придвижување на мировниот процес меѓу Израел и Палестинците.

https://p.dw.com/p/QUC0
Има ли сепак надеж за мир? Архивска снимка-Барак Обама, Махмуд Абас и Бенјамин НетанјахуФотографија: picture-alliance/dpa

САД не сакаат да потклекнат во напорите за напредок во блискоисточните мировни преговори и покрај најновиот пораз кој го доживеаја. Откако владата на Барак Обама се откажа од обидот да го убеди Израел на нов мораториум во градењето доселенички еврејски населби на палестинските автономни подрачја, специјалниот американски пратеник Џорџ Мичел идната недела ќе патува во регионот, барајќи нови начини за придвижување на процесот.

На Мичел му претстојат одделни разговори со Израелците и со Палестинците, изјави портпаролот на американското министерство за надворешни работи Филип Кроули. Вашингтон и натаму инсистира на директни преговори, истакнува Кроули:

„Ќе продолжиме да наоѓаме начини за создавање на таква доверба, што ќе им овозможи на двете страни повторно да преговараат директно“, порача Кроули.

Абас: Не преговараме без мораториум на градењето

Прекин на изградбата израелски населби од барем 90 денови важи како предуслов за Палестинците повторно да седнат заедно со Израел на преговарачка маса. Претседателот на Палестинците Махмуд Абас тоа денеска недвосмислено го потврди: „Не прифаќаме никакви преговори додека се градат населби“, изјави Абас по разговорот со египетскиот претседател Хосни Мубарак во Каиро. Абас остави отворено дали е подготвен директните преговори да бидат под водство на Американците, кои ја нудат оваа можност. Според шефот на палестинските автономни области неопходни се „јасни препораки за мир“. На оваа тема Абас ќе се консултира со другите лидери на претстојниот самит на Арапската лига, како и со другите членови на палестинското раководство, по што ќе ја донесе одлуката. Самитот ќе се одржи можеби по средбата на Абас со американскиот специјален пратеник за Блискиот Исток, Џорџ Мичел. Според палестински извори, палестинскиот преговарач Саеб Ерекат денеска или утре треба да се сретне со американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон во Вашингтон. За утре е планирана средба на Клинтон со палестинскиот премиер Салам Фајад. Заменикот-преговарачот од израелска страна Јицак Молхо веќе се наоѓа во САД.

Kinder spielen in Gaza
Фотографија: Claudia Tomassini

Револт кај Палестинците

Кај дел од Палестинците меѓутоа револтот по вчерашното американско откажување од притисокот врз Израел заради нов мораториум е голем.

„Не сметам дека има смисла понатаму да се преговара во Вашингтон. Сега се зборува за индиректни преговори, а тоа е како да се прави веридба по свадба. Сметам дека ни треба алтернативен план и дека ПЛО треба веднаш да прогласи независна палестинска држава на окупираните територии од 1967, вклучувајќи го и Источен Ерусалим. Треба де факто да се создаде палестинска држава и потоа да се побара од меѓународната заедница да ја признае“, порача палестинскиот политичар Мустафа Баргути.

Во меѓувреме Палестинците вложуваат засилени напори за што е можно повеќе држави да ја признаат Палестина уште пред завршувањето на мировните преговори. Тоа веќе го сторија Бразил и Аргентина, а Уругвај најави дека ќе се приклучи следниот месец. Претседателот на Палестинците Махмуд Абас најави дека сега поинтензивно ќе го насочи вниманието кон Европа и посебно кон Турција.

Автор: ЖА/ГЧ/дпа/афп/дв

Редактор: Симе Недевски