Телефонски терор - Трамп и Турнбул

Новиот американски претседател станал агресивен во телефонски разговор со австралискиот премиер. Причина - обврската САД да преземат бегалци од Австралија.

„Вашингтон пост“ пишува за „високо емоционална телефонска конференција“ - првично едночасовно планираниот телефонски разговор со австралискиот премиер Малколм Турнбул, Доналд Трамп го прекинал по 25 минути. „Ова беше далеку најлошиот од сите телефонски разговори“, му рекол Трамп на својот соговорник. Весникот во извештајот се повикува на извори од Белата куќа. Разговорот се водел во саботата.

Во разговорот со Турнбул, Трамп се разлутил поради должноста САД да преземат бегалци од австралискиот логор во Папуа Нова Гвинеја, што е договорна обврска од времето на неговиот демократски претходник на функцијата, Барак Обама. Во бегалскиот логор се наоѓаат околу 2.500 луѓе, сместени во бедни услови, а САД изразија подготвеност да преземат половина од нив. Меѓу нив се и луѓе од Иран и од Ирак, односно држави кои потпаѓаат под најновата забрана за влез во САД.

Австралискиот премиер Малколм Турнбул

„Ќе го проверам овој глупав 'дил'“

Трамп минатата недела со указ забрани влез во САД на луѓе од претежно муслиманските држави Иран, Ирак, Сирија, Судан, Сомалија, Либија и Јемен, кои, според негово убедување, претставуваат зголемен терористички ризик. Бегалците од цел свет имаат забрана за доаѓање во САД од 120 дена, оние од Сирија пак, на неограничено време.

Трамп, бесен по телефонскиот разговор, твиташе: „Ви се верува ли? Администрацијата на Обама изразила подготвеност да преземе илјадници нелегални бегалци од Австралија. Зошто? Ќе го проверам овој глупав дил.“

Ова не е првиот темпераментен телефонски разговор на Доналд Трамп. Претходно тој „се вжештил“ разговарајќи со мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието. Во двата разговори, новиот станар на Белата куќа се повикал на својата изборна победа и на, според него, огромната маса луѓе присутна на неговата инаугурација.

Бегалци кои го сменија светот

Алберт Ајнштајн

Познат по неговата Теорија за релативноста, германскиот Eвреин, добитник на Нобелова награда, Алберт Ајнштајн, бил во посета на САД во 1933. година кога му станало јасно дека не може да се врати во нацистичка Германија. Во една прилика тој напишал дека се чувствува како „привилегиран од судбината“ што живеел во Принстон, но речиси бил „засрамен што живеел во таков мир, додека останатите страдале“.

Бегалци кои го сменија светот

Марлен Дитрих

Германската пејачка и глумица Марлен Дитрих веќе беше ѕвезда и живееше во САД, кога го доби американското државјанство во 1939. година и ѝ сврте грб на нацистичка Германија. Проминентната бегалка говореше против Хитлер и настапуваше за војската на САД за време на војната. Истовремено, нејзините филмови беа забранети во Германија. Но таа кажа: „Родена сум како Германка и засекогаш ќе бидам тоа.“

Бегалци кои го сменија светот

Хенри Кисинџер

Професор на Харвард и авторитет во областа на меѓународните односи-Кисинџер беше 56-от државен секретар на САД и одигра клучна улога во обликувањето на надворешната политика. Во 1938. година, Хенри Кисинџер, роден во Баварија, избега од Германија за да не се соочи со прогон од нацистите. Чувствата кон татковината останаа исти: „Германија никогаш не престана да биде дел од мојот живот“, изјави тој.

Бегалци кои го сменија светот

Медлин Олбрајт

Родена во денешна Република Чешка, Медлин Олбрајт и нејзиното семејство дојдоа во САД во 1948. година кога комунистите ја презедоа власта во нејзината татковина. Таа почна да се занимава со политика и стана највисоко рангираната жена во владата на САД: Медлин беше првата жена државен секретар на САД (1997-2001).

Бегалци кои го сменија светот

Џорџ Вајденфелд

Роден во Виена во 1919. година, лордот Џорџ Вајденфелд бил британски Евреин и издавач. Тој емигрирал во Лондон по анектирањето на Австрија од страна на нацистите. Бил соосновач на издавачка куќа и работел во кабинетот на првиот претседател на Израел. Го финансирал спасувањето на христијаните од Сирија и Ирак. „Не можам да го спасам светот... но имам долг за отплаќање“, се неговите зборови.

Бегалци кои го сменија светот

Бела Барток

Унгарскиот композитор, виртуоз на пијано и колекционер на народна музика, Бела Барток, иако не бил Евреин, се спротивставил на подемот на нацизмот и прогонот на Евреите. Во 1940. година тој се преселил во САД. Тој еднаш изјавил: „Мојата главна идеја е братство на луѓето, над сите конфликти“.

Бегалци кои го сменија светот

Милош Форман

Иако веќе бил познат режисер во татковината, тој ѝ го свртел грбот на Чехословачка и се преселил во САД по Прашката пролет во 1968. година. Подоцна, Милош Форман режираше два меѓународно познати филмови, кои освоија Оскар.

Бегалци кои го сменија светот

Изабел Аљенде

Чилеанскиот претседател Салвадор Аљенде беше насилно симнат од власт со пучот од 1973. година. Ќерката на неговиот братучед, Изабел, избегала во Венецуела откако почнала да добива смртни закани. Таа подоцна се сели во САД. Нејзините романи се меѓународно признати класици на магичниот реализам, како „Куќата на духовите“ и „Ева Луна“.

Бегалци кои го сменија светот

Мириам Макеба

Мириам Макеба беше на турнеја во САД, кога властите во Јужноафриканската Република ѝ го поништија пасошот поради нејзино учество во кампањата против апартхејдот и подоцна ѝ забранија да се врати во државата. Нејзината песна „Пата пата“ беше светски хит во 1967. година. Легендарната пејачка живееше во САД и Гвинеја пред повторно да може да се врати во сопствената земја, една деценија подоцна.

Бегалци кои го сменија светот

Седечки бик

Лидерот на Сијуксите, Татанка Ијотаке – Седечки бик е еден од најпознатите поглавари на домородните Американци во историјата. Неколку години од животот ги поминал како бегалец во Канада, каде што заминал во 1877. година. Во 1881. година се враќа во САД, каде првично бил затворен, по што бил ослободен и вратен во резерват.

Бегалци кои го сменија светот

Невен Суботиќ

Како и неговиот колега, Ведад Ибишевиќ од Херта Берлин, играчот во Бундеслигата, Невен Суботиќ побегна од војната во БиХ како дете. Свесен за тешките животни услови, Суботиќ во 2012. година основа фондација за помош на луѓето во најсироманите делови на светот и пристап до чиста вода.


Следете нѐ