1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

270309 Nordkorea Raketen

27 март 2009

САД деновиве ја обвинуваат Северна Кореја дека се подготвува меѓу 4 и 8 април да лансира ракета од голем дострел. Пјонгјанг инсистира на тоа дека станува збор за лансирање на ракета- носач за телекомуникациски сателит.

https://p.dw.com/p/HKhm
Северна Кореја има моќен воен потенцијалФотографија: AP

САД и соседите на Северна Кореја, како Јужна Кореја и Јапонија претпоставуваат дека раководството во Пјонгјанг го користи наводното лансирање на ракета со комуникациски сателит за тестирање на балистички проектил од голем дострел. Доктор Оливер Тренерт експерт за атомската политика на Северна Кореја во Фондацијата за наука и политика смета дека не е невозможно Пјонјанг да тестира ракета од голем дострел.

„Северна Кореја веќе подолго време усовршува балистички ракети од поголеми дострели. Сметам дека и од политички апсект е веројатно дека Северна Кореја сака новата американска администрација на Барак Обама да ја натера да го насочи вниманието кон Пјонгјанг и не само да се концентрира на Иран и на другите жаришта во меѓународната политика“.

Nordkorea Symbolbild Flagge und Rakete
Фотографија: AP Graphics

Покрај политички, Северна Кореја би можела и економски да профитира со извоз на нејзините ракети од среден и голем дострел.

„Во минатото веќе сме виделе силна соработка со Пакистан и Иран. Сметам дека Северна Кореја има намера да ги продава ракетите од среден и голем дострел. Предуслов за тоа е да се докаже дека овие проектили можат да функционираат“, вели Оливер Тренерт.

Воените амбиции на Северна Кореја- реална опасност за регионот и светот

Северна Кореја уште во јули 2006 година од нејзиниот источен брег лансираше ракета од типот „Таеподонг 2“. Дострелот на една ваква ракета е се’ до американската сојузна држава Аљаска. Меѓутоа според американски наводи тој тест бил неуспешен и сега се претпоставува дека комунистичкиот режим повторно сака да тестира подобрена верзија на овој тип проектил, со можен поголем дострел. Ова меѓутоа не може да се докаже. Колку се опасни воените амбиции на Северна Кореја за регионот и за целиот свет?

US-Außenministerin Hillary Clinton droht Pjöngjang Konsequenzen an
Шефицата на дипломатијата на САД, Хилари Клинтон го предупреди ПјонгјангФотографија: AP

„Тоа мора да се гледа во контекст со атомската програма на Северна Кореја. Дали таа е способна да опреми проектил со атомско вооружување? Тоа не е познато, но, се знае дека Северна Кореја експериментирала со атомско оружје. И во контекст со ракетната програма нормално се создава закана, особено за непосредното соседство, пред се’ за Јапонија“.

Советот за безбедност на ОН во 2006 година усвои резолуција со која и забранува на Северна Кореја да врши ракетни тестови. Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон во средата го означи планираниот ракетен тест на Северна Кореја како провокација и прекршување на резолуцијата на ОН. Јапонија најави дека ќе ги стави во борбена готовност ракетните системи за одбрана од напади и доколку е потребно ќе го собори севернокорејскиот проектил.

Тоа автоматски би се сметало за објава на војна, и армијата на Северна Кореја ќе биде подготвена да преземе соодветни мерки, се вели во Пјонгјанг.

Автор: Ксиегонг Фишер/ Симе Недевски

Редактор: Трајче Тосев