1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

„Повторно ќе дојдат многу луѓе“

2 март 2020

Анкара ќе пропушта бегалци во насока кон ЕУ. Жителите на грчкиот остров Лезбос им се спротивставуваат на новодојденците. Ситуацијата таму е тензична поради бегалскиот камп Морија. Флоријан Шмиц известува од Лезбос.

https://p.dw.com/p/3Yka1
Griechenland Flüchtlinge an der türkisch-griechischen Grenze
Фотографија: picture-alliance/Zumapress/Eurokinissi

Тие ги блокираат улиците до бегалскиот камп Морија: на локалните жители на Лезбос веќе им е дојдено преку глава и не сакаат повеќе нови мигранти на нивниот остров во и онака преполнетиот камп во кој луѓето страдаат поради катастрофалните услови. Но во неделата наутро имаше многу новодојдени бегалци кои допатуваа со брод од Турција – грчките медиуми известуваат за 300 лица на кои им успеало тоа. Новите бегалци со автобуси всушност требало да бидат донесени во кампот Морија. Но, улиците се блокирани.

Кристина Какидаки не може да верува што се случува на нејзиниот роден остров Лезбос. Бегалците не се тука само од 2015, раскажува оваа 87-годишна жена, туку уште од 1990-те. Уште тогаш таа била посветена на оние кои барале заштита. Во тоа време имало бегалци од граѓанската војна во Југославија. До сега Кристина се залага за добри односи меѓу локалното население и мигрантите. Околу 25.000 бегалци во моментов живеат на островот во пренатрупаниот и хаотичен бегалски камп Мориа со ужасни санитарни услови.

BG Flüchtlingskrise Griechenland/Türkei
Локални жители на Лезбос спречуваат брод со бегалци да се закотвиФотографија: Getty Images/AFP/A. Messinis

Но, наскоро овој број може да се зголеми. Веста дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја отворил границата кон Грција за сириските бегалци е ужасно лоша вест за жителите на островите Лезбос, Хиос и Самос. Ситуацијата веќе ескалираше на копнената граница меѓу Турција и Грција. Таму грчката полиција до сега спречи над 10.000 мигранти да ја преминат границата, соопшти Министерството за миграција во Атина. И на грчките острови се очекува дека голем број бродови на турскиот брег се подготвени да запловат – бродови со луѓе кои со месеци или години чекаат шанса да го продолжат свото патување кон Европа.

Порака до Атина и Брисел -„Границата е премината!"

Во светло на се поголем наплив на нови бегалци, жителите на Лезбос, Хиос и Самос веќе подолго време се чуствуваат како препуштени сами на себе – од нивната влада во Атина и од ЕУ кои и понатаму се потпираат на договорот за бегалци со Турција. Зошто сѐ уште се верува во успехот на овој договор, за жителите на островите е нејасно. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис сака ситуацијата да ја стави под контрола пред се со две мерки – преку заострен Закон за азил со кој поголем број лица би се протерале назад во Турција, и со изградба на затворен бегалски камп на островот.

Повеќе на темата:

-ЕУ му веруваше на Ердоган, сега нема план „Б“ за бегалците

-Грците го губат трпението со бегалците: „Ова е инвазија!“

-Пругата - лакмус за мигрантски бран: денес нема, но утре којзнае?

Но, нејасно е дали може ова да го спроведе во пракса. Ескалацијата на грчко – турската граница покажува: Анкара е сериозна во намерата да го поништи договорот за бегалци. Исто така на островот има голем отпор против изградба на затворени центри.

„Не можете луѓето кои со години и месеци живеат овде околу нас едноставно да ги затворите во затвор," вели еден сопственик на продавница во центарот на Митлини, најголемиот град на Лезбос. „Така ги третираме како да се криминалци." Исто така поради оваа причина минатата недела многу локални жители излегоа на улиците, а имаше и судири со полицијата. Нивната порака до Атина и Брисел гласи: границата е премината! Со години локалните жители, волонтери и активисти за човекови права предупредуваа дека ситуацијата на островот е неиздржлива, не само за бегалците туки и за островјаните.

Griechenland Flüchtlinge in Lesbos
Бегалци на ЛезбосФотографија: DW/F. Schmitz

Глад и насилство во бегалските кампови

„Чудно е. За првпат сите на островот се согласни, од екстремно десните до екстремно левите,” раскажува еден 40-годишен наставник. Но, грчката влада се држи на плановите за затворени кампови. Како реакција на протестите Атина ги испрати прочуените специјални сили на полицијата, МАТ. На Самос веќе се отпочнати градежните рабпти за затворениот камп. На Лезбос многумина од населението по секоја цена сакаат да го спречат тоа.

„Не може од нас да направат Елис Ајленд,” вели Кристина Хацидаки споредувајќи го островот со малото островче пред Њујорк Сити, кое 30 години служело како збирно место за имигрантите во САД. Хацидаки се нервира што на луѓето од Лезбос паушално им префрлаат дека се ксенофоби. Неонацисти има, но само мала група. Повеќето други едноставно се префорсирани, смета таа. „Во Митилини живеат 30 илјади луѓе. Истовремено има 25 илјади бегалци на островот. Само таа споредба покажува колку е сето тоа апсурдно.”

Растечки тензии на турско-грчката граница

И во бегалските кампови расте тензијата, постојано доаѓа до насилни инциденти. Дополнително на лошите и делумно недостоинствени услови за живот на луѓето им тежи и неизвесноста. Често барателите на азил не чекаат како што е предвидено шест месеци на постапката, туку со години. 42-годишен маж од Нигерија од 2017 година се наоѓа во Морија. Условите, вели, се неподносливи. „Ве молам извадете нѐ од тука. Страдаме. Ги молиме Европјаните да ни помогнат."

На Сакам Алдин му е позната ситуацијата. Тој е основач на данската невладина организација Тим Хуманити која има свој центар веднаш до бегалскиот камп. Минатата година грчката полиција го протерала од земјата. Алдин претпоставува дека на властите им бил трн во око бидејќи откривал пропусти и разговарал со новинари.

Тој е загрижен заради тоа што Турција сега повторно пушта бегалци во земјата. „Ќе дојдат многу луѓе и повторно ќе има и удавени. Грчката армија ќе се вклучи за да ги одврати и повторно ќе има несреќи."

И оние кои ќе успеат да дојдат до грчкото крајбрежје преку Средоземно море не се безбедни. „Нема да има доволно за јадење, ситуацијата во кампот ќе ескалира, ќе има судири со полицијата и на луѓето на островот дефинитивно ќе им пукне филмот. Дојдени сме до точка која е повеќе од критична."

ЕУ во трка со времето

Сотирис Сербос, професор за меѓународни односи на универзитетот Демокрит во грчкиот град Комотини полага надежи во ЕУ. Мора конечно да се развие одржлива стратегија, одобено за односите со Турција.

„ЕУ е во трка со времето. Краткорочно смислените решенија, вечното чекање и купување време мора да има крај“. Договорот со Турција е без ефект, смета Сербос и образложува: „Од 150 илјади пристигнати од постоењето на договорот наваму се протерани околу 2 илјади, односно само 1,3 проценти."

Сербос го бара она на што се противат многу европски земји, имено праведна распределба на бегалците на сите земји од Унијата. „Во вакви времиња мора да размислуваме поинаку. Мора да развиеме нова стратегија и луѓето да ги префрламе директно од Турција во други земји."

На Лезбос повеќето луѓе изгубиле надеж дека во Брисел нешто ќе се смени. Стравуваат дека туристите како и во минатите години ќе го избегнуваат нивниот остров, иако бегалците се исклучиво во главниот град Митилини и во кампот Морија. Веројатно е дека на уште повеќе лица ќе им треба засолниште. Кога зимата ќе замине и ќе се стопли времето бројот на бегалци како и во изминатите лета драстично ќе се зголеми. И со, и без договор со Турција.