1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Тенка понуда„ на Израелците

20 ноември 2007

САД ги поздравија најновите отстапки на израелската влада спроти големата конференција за Блискиот исток. Клеменс Ференкоте известува за реакциите на израелската понуда.

https://p.dw.com/p/CJWm
Има ли добра лична хемија? Претседателот на Палестинците Махмуд Абас и израелскиот премиер Ехуд Олмерт на вчерашната средбаФотографија: AP

Ослободувањето 440 палестински затвореници, како и најавениот прекин на градењето нови израелски населби на Западниот брег на реката Јордан се позитивни чекори што ќе придонесат за создавање доверба, порача портпаролот на американскиот Стејт департмент Шин Меккормак. Според најавите на израелската влада палестинските затвореници треба да бидат пуштени на слобода спроти почетокот на конференцијата за Блискиот исток закажана за наредната недела во Анаполис, во САД. Станува збор претежно за припадници на движењето Фатах на палестинскиот претседател Махмуд Абаз. На најавената мерка се спротиставија две коалициони партии во владата на израелскиот премиер Ехуд Олмерт. И шефот на израелскиот Генералштаб Габи Ашкенази изјави дека ја отфрла одлуката на владата.

Што се однесува до втората мерка на доверба, откажувањето од градење нови израелски населби на палестинските автономни подрачја на Западниот брег, Олмерт појасни дека на тоа Израел бил обврзан уште со планот на Блиско источниот квартет. Олмерт исто така категорично ги отфрли шпекулациите дека за оваа мерка дошол силен притисок од САД. „Никој не не‘ присилува на ништо, по своја волја одиме на конференцијата во Анаполис за да поттикнеме процес што за кусо време ќе води кон потпишување договор„ – нагласи Олмерт. Уште спроти средбата со Махмуд Абас, Олмерт призна дека има се‘ уште и големи разлики во ставовите.

„Факт е дека има разлики, тоа не го ни криеме. Околу некои прашања мораме да постигнеме компромис. Преговорите ќе почнат по конференцијата во Анаполис.„

Палестинската страна во меѓувреме изрази разочарување од најавите на Олмерт. Министерот за затвореници Ал Ајрами порача:

„Тоа е многу мала остапка од израелска страна. Ние бараме пуштање на слобода на илјадници затвореници. Израел може без проблеми според сопствените критериуми да пушти 7.000 палестински затвореници.„

Моментално во израелските затвори има преку 10.000 Палестинци. Според критериумите на израелската влада не можат да бидат пуштени на слобода сите оние кои биле замешани во терористички напади.