1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Теодор Мерон останува на чело на Хашкиот трибунал

Џевад Сабљаковиќ/Б. Георгиевски2 октомври 2013

Американскиот судија повторно е избран за претседател на Трибуналот во Хаг. Неговиот трет мандат почнува на 17. ноември. Тој добил 12 гласови на судечкиот колегиум, додека неговиот противкандидат О-Гон Квон 6 гласови.

https://p.dw.com/p/19se2
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Веќе по третпат, 83-годишниот Теодор Мерон е избран за претседател на Меѓународниот суд за воени злосторства. Пред него на таа функција од 1993 година се сменија уште пет судии, но ниту еден не ја задржа функцијата во три мандати и ниту еден немаше противкандидати. Неговиот авторитет не успеаја да го разнишаат ниту дилемите и бурните дебати кои се отворија, откако беа донесени ослободителни пресуди за хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач, како и за српскиот генерал Момчило Перишиќ, иако, како претседавач со Жалбениот совет, неговото влијание имаше пресудна улога за нивното донесување.

Се стекнува впечатокот дека судијата Мерон едноставно мораше да остане на функцијата, бидејќи спроведува некои, само нему познати задачи, кои летово дискретно ги спомена судијата Хархоф. Во своето писмо, овој дански судија соопшти дека „Трибуналот го променил курсот под притисок на воените естаблишменти на некои влијателни земји“. Притоа Хархоф нагласи дека таквите појави предизвикуваат длабока загриженост во судскиот колегиум.

Иако исходот од гласањето покажува чиста победа на Мерон, останува дилемата дали во гласањето на дел од судиите биле вплеткани елементи кои немаат многу врска со правдата и независноста на судството, туку многу повеќе со бранот политички и институционални интереси и притисоци, како и лични амбиции и кариеризам.

Den Haag ICTY
Трибуналот во ХагФотографија: Nenad Velickovic

Иако во одминати години, судијата Мерон е многу моќен. Пред да биде повторно избран на функцијата, Обединетите нации го именуваа за претседател на Механизмот за меѓународните кривични судови, пред кој, кога ќе престане со работа Трибуналот, ќе се водат жалбените постапки во останатите предмети.

Многу високи функции и почести во ситуација кога стотици здруженија на жртвите од војните и невладини организации од Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија бараат негова оставка или смена. Освен ослободителните пресуди за споменатите генерали, Мерон е критикуван и поради предвременото пуштање од слобода на Момчило Краишник, кој отслужи само 13 години од 20-годишната затворска казна поради прогони на политичка, верска и национална основа, како и убиства и депортации.

Да не беше судијата Хархоф, веројатно немаше да има ниту противкандидат при реизборот на Мерон. Останува надежта дека Хашкиот трибунал сепак ќе успее до крај да ја исполни својата мисија и да ги изведе пред лицето на правдата виновниците за некои од најголемите воени злосторства сторени на територијата на Европа.