1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Тероризам во Европа: Макрон бара цврста рака

Барбара Везел
11 ноември 2020

Со години приказните се слични: како да се спречи влез на потенцијални терористи во ЕУ, како да се запре радикализацијата на дел од младите муслимани родени во ЕУ? Макрон најавува заострени мерки и бара помош од колегите

https://p.dw.com/p/3l8RQ
Österreich Wien nach dem Terroranschlag
Фотографија: Matthias Schrader/AP Photo/picture alliance

Шефовите на држави или влади на ЕУ на состанокот со францускиот претседател се обврзаа вчера на преземање брзи мерки во борбата против тероризмот. Станува збор за контрола на надворешните граници на ЕУ и на интернет. Претседателот Емануел Макрон потсети на најсмртоносниот напад во Европа, за да додаде тежина на своите зборови. В петок ќе биде одбележана годишнина од крвавиот напад во парискиот клуб „Батаклан" од ноември 2015 година, кога загинаа 130 луѓе. Од тогаш практично Франција не се смири. Најновата серија напади во Париз, Ница и Виена се повод Макрон повторно да побара драстични мерки во рамките на ЕУ.

Францускиот претседател забележува повеќе слаби точки во европската борба против тероризам, првенствено порозните надворешни граници. Напаѓачот од Ница само неколку дена порано допатувал во Франција од Италија преку отворените Шенген-граници, а недолго претходно како илегален мигрант стигнал од Тунис преку Средозменоморската рута.

Европските лидери со години бараат затворање на тој пат кон Европа, зајакнување на европската гранична агенција Фронтекс и поефикасна борба против шверцување луѓе. За сево ова е дискутирано многу пати, но без голем успех.

Сега францускиот претседател инсистира на „длабока реформа" на Шенгенските правила кои и натаму би овозможувале отворен сообраќај во рамки на ЕУ. Франција веќе најави дека ќе го удвои бројот на гранични службеници и ќе ги зајакне контролите.

Загриженост за отворените граници

Холандскиот премиер Марк Руте изјави дека е загрижен за иднината на Шенген. Германската канцеларка смируваше со зборовите дека сите сакаат да ја зачуваат слободата на патување, таа служи и кон непречен промет на стоки, но мора да се примени конечно она што е одамна договорено.

Имено, системот излез-влез, со кој на надворешните граници би биле регистрирани сите влезови и излези од ЕУ. Освен тоа, рече Меркел, нешто може да се постигне и со полициски контроли кои одделни држави не би ги спроведувале на внатрешните граници, туку неколку километри во внатрешноста на својата територија.

Повеќе на темата:

Терористот Кујтим Ф. се обидел да купи муниција во Словачка

Европа и понатаму под закана од џихадистички тероризам

Како терористот од Виена Кујтим Ф. стана радикален исламист

Франција во шок: Што може да се стори против паралелните општества?

Претседателот Макрон критикуваше на редовно „злоупотребување" на правото на азил. Со тоа веројатно мислеше на прелесното патување на напаѓачот од Ница во ЕУ.

Слични обвинувања датираат уште од 2015 година, кога почна големата бегалска криза, но оттогаш малку нешто се промени. Иако првенствено источноевропските членки на ЕУ подигнаа гранични огради, се чини дека Средоземноморската рута и натаму е слаба точка.

Шефовите на држави или влади повторно искажаа приврзеност кон подобра соработка на полициите и тајните служби.

Но, од тоа има мала корист ако, како во случајот со Виена, словачките колеги ги известиле Австријците дека подоцнежниот напаѓач се обидел да купи муниција, а во Виена никој не реагирал на тоа. Би требало да биде зајакнат Интерпол, а размената на информации во рамки на ЕУ да биде подобрена.

Frankreich | Treffen Sebastian Kurz mit Emmanuel Macron in Paris
Емануел Макрон, Себастијан Курц и Ангела Меркел на видео-конференција за терористичката опасност во ЕвропаФотографија: Georg Hochmuth/APA/picture alliance

Перспектива за младината

Ангела Меркел бара вкупен општествен ангажман, можеби поради тоа што гледа опасност во премногу строгите слогани. „Овде не станува збор за судир на исламот и христијанството", но нашиот демократски општествен модел мора да се соочи со терористичките и антидемократски ставови, изјави Меркел. Во тоа спаѓа и координација на борбата против тероризмот со исламските земји, додаде таа.

Шефицата на Европската комисија се залага за превенција и поголеми перспективи за младината. Младите, како што се наведува, се помалку подложни на радикализација доколку имаат поголеми шанси во општеството. На крајот на месецов Урсула фон дер Лајен сака да претстави „Акционен план за интеграција".

Како можен пример често се споменува холандскиот модел за дерадикализација во кој полицајците, социјални работници и други експерти работат заеднички заради одвраќање на младите од насилство и омраза против западниот начин на живот.

Но, станува збор и за построги правила. Официјален Париз има намера да забрани доаѓање на муслимански проповедници од странство – имамите во иднина ќе мора да се образуваат во самата Франција. Со подобра контрола во џамиите и организациите со исламска ориентација, како и контрола на нивното финансирање, Франција сака да ги ограничи радикалните погледи на свет и влијанието на екстремисти врз младината.

Во Австрија на почетокот на неделата се спроведени големи рации во џамии и организации, зашто очигледно дека канцеларот Себастијан Курц сака да покаже цврста рака. Курц предупреди на опасноста која се заканува од т.н. странски борци, поранешни борци на Исламска држава кои се враќаат од Сирија и Ирак – илјадници такви седат во затворите ширум ЕУ.

Австрискиот канцелар ги нарече „темпирани бомби", зашто за неколку години ќе излезат од затвор. Курц бара заострени закони.

Токму напаѓачот од Виена со албанско потекло Кујтим Ф. се обидел да се приклучи на Исламска држава, но во тоа во 2018 година во последен момент го спречиле турските служби. Тој пред една година во Австрија бил предвремено ослободен од затвор.

Борбата почнува на интернет

Подобра контрола на радикалните и исламистички светогледи на интернет, вклучувајќи и закани и „фатви" кои таму се постираат, веќе со години се на агендата на ЕУ. Стручњаците веруваат дека младината сѐ повеќе се радикализира токму на интернет, а сѐ помалку преку лични контакти.

Шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен сака да го примени предлогот од 2018 година за борба против илегални содржини и големите интернет-платформи да преземат одговорност. Тоа значи дека онлајн-платформите мора да бидат активни штом постојат индиции дека на нивните мрежи се појавуваат опасни содржини. Тука важи правилото „што поголема платформа, толку поголема одговорност", рече Фон дер Лајен.

Освен тоа, се диксутира за укинување на заклучувањето (шифрирање) на комуникации кај одредени чет-програми. Таа идеја предизвика големо внимание, но тешко дека ќе наиде на широка поддршка, реакциите на борците за заштита на податоци се остри.

Германското претседателство со ЕУ даде внимателен предлог кој предвидува дијалог со индустријата на софтвери заради можни решенија.