1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Терористички напад во Стокхолм

12 декември 2010

Шведскиот главен град Стокхолм за влакно избегна терористички напад кој можеше да има огромни последици. Во две експлозии во центарот на градот, вчера, загина атентаторот-самоубиец, а повредени се двајца минувачи.

https://p.dw.com/p/QWKG
Фотографија: AP

Прво експлодирал автомобил, а потоа следувала и втора детонација во која загинал самиот напаѓач. Десет минути пред експлозијата, шведската новинска агенција ТТ добила предупредување во кое стоело: „Времето за дејствување дојде“.

Шведскиот министер за надворешни работи Карл Билт, непосредно по полноќ, на Твитер соопшти дека станува збор за „исклучително вознемирувачки обид за терористичи напад, во омилена зона во центарот на Стокхолм“. Нападот, како што вели Билт, „не успеал, но доколку бил успешен ќе бил навистина катастрофален“.

Stockholm Explosionen
Фотографија: AP

Според медиумски извештаи атентаторот имал шест меѓусебно поврзани бомби, како и ранец полн со шајки. Бомбите биле поврзани со кабел, кој меѓутоа се скинал, така што експлодирала само една од бомбите.

Двајцата повредени минувачи се пренесени во болница со полесни повреди, а според веб-страницата „Локал“ тие добиле повреди во првата детонација. Две минути потоа, стигнал втор повик за помош, а на двесте метри оддалеченост од местото на втората експлозија е пронајдено телото на човек, кој имал огромна рана во стомакот. Експлозијата, според очевидци, била многу гласна, луѓето почнале да бегаат од местото на настанот, а голем број плачеле и биле во шок.

Напаѓачот се обучувал за „света војна“

Според агенцијата ТТ, авторот на имејлот што стигнал во новинската агенција десет минути пред нападот, вели дека причина за нападот е молчењето на шведскиот народ поради карикатурите на уметникот Ларс Вилк, кој го нацртал муслиманскиот пророк Мухамед како куче, а се осврнува и на ангажманот на шведските војници во Авганистан. „Сега ќе гинат вашите деца, ќерки и сестри, онака како што умираат нашите браќа, сестри и деца“, цитира агенцијата делови од имејл пораката. Весникот „Афтонбалдет“ пишува дека испраќачот на пораката е 28-годишен маж, кој како што самиот пишува, се обучувал за „света војна“ за време на својот престој на Блискиот Исток. Тој го моли своето семејство за прошка поради тоа што лажел за причините поради кои оди на Блискиот Исток и ја моли својата сопруга да ги бакне децата од него.

Stockholm Explosionen
Фотографија: AP

Дали атентаторот дејствувал сам или се работи за терористичка група, полицијата не соопштува:

„Околу тоа не можеме да кежеме ништо. Полицијата спроведе добра истрага, имаме добри луѓе, а што се однесува до техничкиот материјал, имаме многу траги и сведоци“, изјави шефот на шведската тајна служба „Саепо“, Андерс Торнберг, на денешната прес-конференција, најавувајќи дека „се отвора истрага за терористички напад“.

Полицијата во Стокхолм најави зголемено присуство на нејзини припадници во центарот на градот:

„Ќе ги зајакнеме нашите сили, пред се‘ во големите трговски центри. Го повикуваме населението да стапи во контакт со нас доколку забележи нешто сомнително“, соопшти портпаролот на полицијата.

Aвтор: ЕМФ/ЖА/дв/дпа/дапд/афп

Редактор: Жана Ацеска