1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

170709 Anschläge Indonesien

17 јули 2009

Терористички напади во центарот на главниот град Џакарта. Меѓу загинатите има и странци, но веројатно нема настрадани германски државјани. Претседателот вети решителни мерки против теророт. Меѓународна осуда на нападите.

https://p.dw.com/p/Irfu
Полицијата врши истрагаФотографија: AP

Завивање на сирени, гласни врескања - нешто по осум часот изутрината изби пекол во главниот град на Индонезија. Александер Атмасубрата е потресен, тој живее во близина. Токму џогирал во близина на хотелот „Мериот“ кога одекнала силна експлозија. Тој се фрлил на земја. Кога се растргнал чадот, втрчал во холот на хотелот и им помагал на луѓето да се спасат од урнатините. „Замолив неколку такси-возила да ги пренесуваат повредените в болница. Меѓу нив беа и неколкумина странци, делумно и тешко повредени. Изнесовме еден човек, кој остана без нога, една друга жртва беше во несвест“.

Ова не е првпат да биде извршен напад врз „Мериот“. Во експлозија на автомобил-бомба во 2003 година во тој луксузен хотел загинаа 12 лица.

Нападите дело на атентатори-самоубијци

Но, овојпат „Мериот“ не беше единствената цел. „Пет минути подоцна одекна експлозија и во хотелот „Риц-Карлтон“. Насекаде имаше парчиња од стакло, од прозорците се ширеше чад. Слушнав само една експлозија, а потоа се’ се замрачи. Подоцна на работ од улицата видов како лежат повредени, меѓу нив и повеќемина странци“, раскажува еден такси-возач, кој бил паркиран на околу 200 метри од хотелот.

Bombenanschläge in Jakarta, Indonesien
Помош за настраданитеФотографија: AP

Полицијата потврди дека нападите се дело на атентатори-самоубијци. Во „Риц-Карлтон“ биле пронајдени делови од телото на сторителот. „Осум лица загинаа во експлозијата, деветтата жртва почина в болница. Го истражуваме нивниот идентитет. Полициски тим веќе ја започна истрагата. Ќе ги разгледаме сите можни варијанти“, рече претставник на полицијата.

Експерти: нападите - дело на Џема исламија

Една од варијантите е дека нападите се дело на организацијата Џема исламија. Досега се’ уште никој не ја презеде одговорноста, но експерти претпоставуваат дека таа терористичка организација, која е активна само во Југоисточна Азија, е кадарна да изведе вакви координирани напади.

Претседателот на државата Сусило Бамбанг Јудхојоно свика кризна седница на владата. „Овие варварски и неодговорни терористички напади го уништија сето, што индонезискиот народ со мака го градеше во изминатите 5 години. Ова не фрла далеку назад и ужасните последици сега ќе мора да ги трпи целиот индонезиски народ“, реагира штотуку реизбраниот индонезиски претседател по денешните терористички напади. На прес-конференција тој најави решителни постапки против теророт: „Ветувам дека индонезиската влада ќе преземе јасни чекори против атентаторите и инспираторите на нападите, како и против сите, кои планираат натамошни напади врз нашата земја“.

Bombenanschläge in Jakarta, Indonesien
„Мериот“ вторпат на ударФотографија: AP

Меѓународната заедница нема да попушти во борбата против тероризмот

Меѓу загинатите, според агенциски извештаи, има најмалку четворица странци, од кои еден е од Нов Зеланд, а двајца од Австралија. Според првичните наводи меѓу настраданите нема Германци. Германската влада најостро ги осуди нападите. Министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер побара сторителите да бидат фатени и изведени пред суд. Владиниот портпарол Вилхелм Улрих дополни дека вакви напади само ја јакнат меѓународната заедница да не попушти во борбата против меѓународниот тероризам. Европската унија, САД и Организацијата на Исламската конференција исто така ги осудија нападите во Џакарта.


Автор: ЗЈ/ /Робина Зифора /дпа

Редактор: Жана Ацеска