1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонска трагедија

11 септември 2021

По Тетово сите се на губитничкиот пат. И политичките и здравствените власти, а и опозицијата доколку продолжи со грубо и непримерно искористување на драмата со смртта и животот. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/40BZt
Nordmazedonien Feuer im Krankenhaus in Tetovo
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Големата несреќа во тетовската модуларна болница во многу нешта потсетува на трагедијата на хрватските острови Корнати во август 2007 година, кога во еден ненадеен еруптивен пожар на ниска сува трева за помалку од една минута изгореа 12 пожарникари, а се спаси само еден. Таа несреќа имаше голем одек во сите поранешни југословенски простори и остана во сеќавање како незамислива трагедија за која не може да се најде и некакво вистинско објаснување. Официјалните резултати од истрагата наведуваат дека пожарникарите се нашле во огнен обрач од пожарот кој бил предизвикан од природна појава поврзана со горење на гасовите од вегетацијата.

Во Тетово изгледа дека ништо не беше предзивикано од природна појава, туку дека несреќата веројатно е резултат на технички инциденти или небрежност, а кислородот наменет за пациентите само придонесе за екстремно брзо ширење на пламенот. Кога се гледаат видео инсертите од мобилните телефони како блика пламен од прозорците, јасно е дека тие што останале внатре немале буквално никаква шанса да преживеат, а смртта, колку и да била брза, била како од пеколот.

Неспорно е дека оваа трагедија во Тетово ќе остане во колективната меморија на македонските граѓани, како ден на голема болка, очај, гнев, тага и немоќ. Јавноста се сеќава и на загинувањето на 15-те бугарски туристи во бродот што потона во Охридското Езеро, на падот на хеликотерот со македонските мировници кои се враќаа од Босна, на поплавите со многу жртви во Стајковци... Но на еден уште поболен начин оваа трагедија има дополнителна трагичност – луѓето лежеа таму измачувани од корона вирусот, некои во подобра, некои во полоша состојба. И смртта дојде не од вирусот, туку од пламенот.

Никој не е совршен

Некој ќе рече дека има некоја проколнатост оваа година – на 2 август, на Илинден, премиерот и министри мораа итно да го напуштаат Крушево затоа што ненадејниот пожар, носен од силниот ветер, дојде до првите куќи во Кочани. Потоа изгореа огромни шуми во источна Македонија, а и повеќе домови. Сега, на Денот на независноста, 8 септември, дојде огромна трагедија во Тетово. Празниците носат смрт, страдање и пустош, би рекле фаталистите? Или неодговорноста, слабото функционирање на системот, може да бидат иницијална каписла за несреќи?

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Ни оние општества кои на одреден начин ги перцепираме како совршени – како Германија – не можат да ги избегнат несреќите. Поплавите во западниот дел на Германија ова лето за неколку часа однесоа речиси 200 животи. Тоа изгледаше апсолутно незамисливо не само за македонската, туку и за целата европска јавност – сите веруваат во германската дисциплина, ред и организираност. Но едни брзи и големи поплави покажаа дека германската слика ни одблиску не била така совршена. Животите не може да се надоместат, трагедијата од поплавите ќе остане да пече со децении, уништувањата од најмалку пет милијарди евра богатата германска држава ќе ги санира и обнови. Истраги за евентуални пропусти во раното предупредување за катастрофи течат. Но тече и животот и после доаѓањето на смртта.

А тоа во Германија е апсолутно поврзано со исклучително важните парламентарни избори на 26 септември. Кандидатот за наследник на Меркел од нејзината партија, Армин Лашет, беше фатен како се смее на шеги во најпогоденото подрачје од поплавите, додека претседателот на државата држеше траорен говор. Во истиот миг политиката стана поважна од страдањата на луѓето. Лашет почна да заостанува во анкетите и неговите шанси да стане канцелар секој ден се помали и помали. А оние на социјалдемократот Олаф Шолц стануваат како планина. Политичката борба за преживување ја замени драмата на загинатите во поплавите и уништувањето на цели гратчиња. Изгледа дека тоа е неизбежно.

На некој начин и тоа ќе биде неизбежно во Македонија. Извонредна работа е што обвинителството покрена брза и сеопфатна истрага за тоа како избувнал пожарот, а уште повеќе дали некои организациски и градежни постапки на одреден начин овозможиле да се случи трагедијата. Сигурно дека истрагата нема да дојде до заклучоци во скоро време, затоа што подобро е таа да биде темелна отколку избрзана. Германските експерти сосем веројатно ќе бидат од огромна помош во истрагата за да може да има што е можно поголема доверба на јавноста во нејзините резултати, без оглед дали некому му се допаѓале или не.

Но како и во Германија, така и овде доаѓаат избори, па трагедијата сигурно ќе биде искористена за политички капитал. Тоа се виде уште ноќта кога се запали модуларната болница и кога одредени медиуми почнаа да лиферуваат бројки од над 30 загинати, иако уште тогаш се знаеше дека во тој дел имало 26 пациенти. Од смртта може да се извлече политички капитал.

Други колумни од авторот:

„Машкиот клуб“ на македонската политика

Добредојдовте во пеколот

Отворен Балкан и затворена Европа

ДУИ во фаза на топење во Тетово

Во оваа македонска трагедија, во основа, сите се на губитничкиот пат. И политичките и здравствените власти, а и опозицијата доколку продолжи со грубо и непримерно искористување на драмата со смртта и животот.

Иако сите прсти веднаш беа вперени во министерот за здравство, Венко Филипче, се чини дека најголем камен околу вратот носи Демократската унија за интеграција. Битката за скапоцениот камен во албанскиот камп – Тетово, во овој момент изгледа како загубена. Целиот врв на ДУИ некни замина во Тетово како своевидна логистичка поддршка за градоначалничката Теута Арифи, чии позиции во градот и така се на стаклени нозе. Тоа беше ужасно лош политички потег – да се внимава повеќе на позицијата на Арифи отколку на тагата на роднините на загинатите. На Арифи требаше да ѝ се остави да покаже голема емпатија за загинатите, да бара брза и непристрасна истрага и да изјавува одговорните да преземат одговорност, наместо да се занимава со домаќинлук за партиските гости. Доколку оваа политичка непромисленост почне да се тркала како камен има големи шанси ДУИ да биде во фаза топење во Тетово и во другите градови со доминатно албанско население, без опозицијата да направи нешто спектакуларно, освен да биде мудра, а не агресивна.

За Венко Филипче ова е клучниот момент за натамошната политичка кариера. На прес-конференцијата јасно се гледаше колку тој изгледа скршен од трагедијата. Веројатно и денес и утре и задутре ќе се прашува каде тргнало лошо во модуларната болница во Тетово. Зошто некој дозволил роднини да бидат покрај ковид-пациентите; дали некој ги криел тие информации од него или надлежните здравствени органи во Тетово мислеле дека тоа и не е некој посебен грев или прекршување на строгите прописи. Изгледа несфатливо тоа прекршување на протоколите, но ако не беше трагичниот пожар веројатно и нема да се дознаеше дека синови и ќерки бдеат покрај заболените со ковид.

Зоран Заев е во посебна деликатна позиција. Тој како премиер можеби за ништо да не е виновен за трагедијата, но нема да биде исклучено да плати голема политичка цена. Најважната работа што тој треба да ја направи е да бара апсолутно темелна истрага, без оглед за кого можат да бидат најтешките последици. Изгледа дека тој како премиер и Владата во целост сега се подготвени да ја поддржат таква истрага, но така треба да продолжат и понатаму без оглед што сѐ ќе откријат обвинителите. Кампањата за локалните избори ќе дојде многу брзо и партијата треба да го одмери наративот со кој ќе се претставува пред граѓаните, за трагедијата во Тетово да не виси како Дамоклов меч и онаму каде што ќе има собири и онаму каде што ќе нема.

Може да изгледа парадоксално, но Заев може да добие важна помош во лечењето на политичките рани од најмалку очекуваното место – од опозицијата. Некрофилски или не, ВМРО-ДПМНЕ на брутален, груб и непристоен начин по еден ден молчење ја впрегна својата артилерија за да може да добие што повеќе поени. За партија која е навикната само да плука по политичкиот противник, без оглед што и да направи, тоа изгледа како неможност да се контролира инстинктот. Вмровците преку соопштенијата веќе поминаа одредена граница во заедничката тага, а изгледа дека сакаат да одат и понатаму и подалеку. Таа, на некој начин, се однесува како Фукоовото клатно – докажува дека постојано се врти само околу самата себе.

А граѓаните? Тие и онака тагуваат. Не само сега, туку многу одамна.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар