1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тетово ќе биде Град на мирот и мултиетничноста

15 јануари 2011

Градоначалникот на Тетово Сади Беџети ја промовираше својата иницијатива овој мултиетнички град во 2011 – та година да биде прогласен за „Град на мирот и доброто меѓуетничко разбирање“.

https://p.dw.com/p/zxao
Градоначалникот на Тетово Сади Беџети со средношколци од градотФотографија: Sveto Toevski

Во соработка со невладината организација „Форум за цивилен мир“ од Германија, во следниве месеци ќе бидат реализирани многубројни активности меѓу граѓаните и учениците од сите етникуми.

Градоначалникот Беџети вака ја објаснува целта на својата иницијатива:

„Сакаме да оствариме интеграција на луѓето. Тоа значи, од децата во градинките и во училиштата до возрасните луѓе. Сите треба да имаме предвид дека без добар дијалог меѓу етникумите, не можеме да го постигнеме напредокот што го посакуваме. Сите треба да работиме на таков начин што ќе ги социјализираме нашите деца во околина, во која добрите односи и мирот ќе триумфираат над проблемите и конфликтите. Без таквиот живот нема перспектива во градот“.

Tetovo Stadt des Friedens
Драган Давидовски, советник во општина ТетовоФотографија: Sveto Toevski

Сите граѓани да бидат вклучени во политичкиот живот

Координаторот на проектот Илбер Јахиу се надоврзува:

„Младите можат да го градат Тетово како заеднички град, каде што можат да живеат сите етнички заедници, не само Албанците, ниту само Македонците, туку и сите други, Ромите, Турците .... Официјално кампањата ќе започне меѓу 15 – ти и 17 – ти јануари годинава, кога градоначалникот ќе одржи средба со сите невладини организации од сите етнички заедници. Ќе биде потпишан и соодветен меморандум. До крајот на годинава градоначалникот и странските амбасадори ќе го прогласат Тетово за ‘Град на мирот и меѓуетничкото разбирање'. “

Советникот во Советот на општина Тетово Драган Давидовски вели:

„Таа иницијатива на Сади Беџети е убава идеја. Но, за да стане Тетово навистина град на мирот и соживотот, би требало прво Македонците и македонските политички партии да започнат директно да учествуваат во креирањето на неговиот општествено – политички живот, а не само формално и отстрана да бидат неми набљудувачи на се она што се случува во овој град, во креирањето на културната, образовната, спортската и сите други политики“.

Tetovo Stadt des Friedens
Гимназијалката Љупка ВелковаФотографија: Sveto Toevski

Деновиве, иницијативата на тетовскиот градоначалник го имаше својот вовед со семинарот со средношколци од сите етникуми од градот, насловен „Победи го непознатото– запознај ги другите“. Првите 25 младинци, кои учествуваа во оваа своевидна „работилница“ за подобрување на меѓуетничката комуникација, започнуваат да се вклучуваат натаму во серија активности за надминување на етничките бариери.

Младите не се дружат поради страв од конфликти

Прашавме четворица од нив, кои се на возраст од 16 – 17 години: како гледаат на моменталната ситуација во меѓуетничките односи во Тетово и на она што треба да се направи во овој град за да се унапредат уште повеќе меѓуетничката толеранција и комуникација?

Аделина Исмаили вели:

„Овој проект веќе влијае позитивно меѓу нас. Ќе постигнеме да се разбираме подобро и нема да има конфликти. Проектот со своите активности треба да продолжи да се реализира и меѓу учениците во основните училишта.“

Љупка Велкова напоменува:

„Треба да се дружиме малку повеќе, за да има поголемо разбирање меѓу нас. Конкретно тоа недостасува, а пред се тоа ни го забрануваат наставниците, директорите и сите други во училиштата: ни велат дека не смееме, еве, на пример, јас, како Македонка, да се дружам со Албанците, за да не би дошло до поголеми конфликти, кои ги има сега во училиштата.“

Агрон Абдулаи посочува:

„Треба да се стаса до една точка Тетово да стане и навистина град на мирот, заеднички град на многуте различни етникуми.“

Tetovo Stadt des Friedens
Александра Новеска, Агрон Абдулаи и Аделина ИсмаилиФотографија: Sveto Toevski

Александра Новеска додава: „Во овој момент во Тетово постојат некои етнички бариери, но, мислам дека можат да се совладаат со меѓусебна комуникација и меѓусебно дружење“.

Заедничкиот живот треба да се гради систематски

Директорката на „Форумот за цивилен мир“ Силке Ваер – Вит порачува дека „просторот и содржината на соживотот треба да се градат полека и систематски и оти „со активностите на сите национални структури треба да се афирмира предноста на заедничкиот живот“.

Според најавите, во текот на септември, или октомври годинава, во присуство на дипломатскиот кор, акредитиран во Скопје, и на другите претставници на меѓународната заедница во земјата, треба да уследи и формалното прогласување на Тетово како „Град на мирот и доброто меѓуетничко разбирање“, со покренати активности во оваа насока, кои се замислени не да бидат еднократни, туку како постојани, со траење и во иднина.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Борис Георгиевски