1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешка железничка несреќа во Пакистан

13 јули 2005

Ноќеска, во еден часот по полноќ по локално време, во Пакистан се случи најтешката железничка несреќа во последните 10 години.

https://p.dw.com/p/AcDv

На магистралната линија меѓу двата најголеми града Карачи и Лахоре се судрија дури три воза. За бројот на жртвите и повредените за сега има само проценки.

Додека едни агенции јавуваат за најмалку 150 загинати, други, повикувајќи се на полициски извори, тврдат дека има дури 300 жртви. Бројот на повредени се проценува на околу 1000, што само зборува за фактот дека за сега очигледно никој нема јасен увид во вкупниот обем на несреќата.

Во околината на јужно-пакистанскиот град Готки во секој случај владее највисок степен на аларм. Сите спасувачки екипи од регионот се мобилизирани, а ним им помагаат и специјални единици на армијата и на паравоените сили.

Несреќата, според досегашните сознанија, се случила така што машиновозачот на ноќниот експрес од Лахоре превидел еден црвен сигнал и налетал на другиот патнички воз „Кета експрес„ , што стоел и чекал на поправка. Во сударот се излизгале повеќе вагони и се испречиле и на колосекот што води во спротивна насока. Кога преживеаните токму се обидувале да излезат од превртените вагони, на нив налетал возот од Карачи, исто полн со патници. Се‘ на се‘ потешко се оштетени 20 вагони, од кои спасувачките екипи и понатаму се обидуваат да извлечат преживеани. Железничкиот сообраќај во целиот регион е комплетно блокиран, а претседателот на државата Первез Мушараф и премиерот Шаукат Азиз наредија итна и бескомпромисна истрага на несреќата.