1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешки преговори со грабнувачите

27 јули 2007

Војната на нерви со грабнатиот германски инженер во Авганистан продолжува. 61-годишниот Германец веќе девет дена е во рацете на грабнувачите. Според она што се знае, сепак неговото ослободување е блиску.

https://p.dw.com/p/BMgp
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Кризниот штаб во германскот министерство за надворешни работи е во постојан контакт со авганистанската влада која заедно со Германците прави напори за ослободување на грабнатиот германски инженер. Преговорите, се дознава, се тешки. За нивниот тек, државниот министер во министерството за надворешни работи Гернот Ерлер во интервју за телевизискиот канал Н-24 изјави:

„Станува збор за индиректни контакти, преку авганистанската влада со која сме во постојана врска. Од нив знаеме дека се одвиваат интензивни, но многу тешки преговори„.

Резултатот од обдукцијата на вториот заложник се очекуваат дури кон крајот на идната недела. Портпаролот на министерството за надворешни работи Мартин Јегер:

„Она што во моментов можеме со сигурност да го кажеме е дека починатиот не бил убиен во саботата изутрина по истекот на ултиматумот. Тој починал под поинакви околности„.

Меѓутоа, и натаму не е јасно како. Вториот Германец, според околностите, е добар и покрај екстремните временски услови во планините каде што е држен во заложништво. Тој инаку, не е во рацете на Талибанците, иако тие постојано се јавуваат за збор. Сојузната влада, настапот на Талибанците го оценува како пропагандна војна со Запад. За ова Ерлер вели:

„Во секој случај се одвива пропагандна кампања на Талибанците кои се добро информирани за раличните национални дискусии и добро знаат дека наесен во Германија треба да бидат донесени знајчајни решенија. Затоа се обидуват со дезинформации што во последниве денови зачестија, да влијаат врз нашата дебата. Наш интерес е решенијата да ги насочиме кон успех на мисијата во Авганистан, и да не им обрнуваме внимание на таквите информации„.

Слично предупредување во интервју за весникот „Зексише цајтунг„ изнесе и германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер.

Во случајот со грабнатите Јужнокорејци, Талибанците поставија нов ултиматум. Ако авганистанската влада до денеска напладне не ослободи осуммина затвореници од нивните редови, ќе бидат ликвидирани 22-цата заложници, изјави по телефон за агенцијата Ројтерс, нивниот портпарол Кари Мохамед Јусуф.

Во телефонско интервју за телевизијата ЦБС, еден од заложниците побара итна помош од својата влада. Станува збор за медицинска сестра која изјави дека заложниците се наоаѓаат во многу тешка состојба.