1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешки удари за Доналд Трамп

Мартин Муно
22 август 2018

Два судски процеса, два сериозни лични пораза за Доналд Трамп. Но, сѐ уште е прерано за каква било надеж за крај на неговото претседателствување, смета Мартин Муно.

https://p.dw.com/p/33ZXr
US-Präsident Donald Trump attackiert CNN auf Twitter
Фотографија: picture alliance/NurPhoto/J. Arriens

Каков ден во Вашингтон! Двајца блиски соработници на Доналд Трамп мора да отслужат долга затворска казна. Поранешниот менаџер на предизборната кампања на Трамп, Пол Менафорт е прогласен за виновен за неколку обвиненија за даночна измама. И речиси во исто време, поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, се изјасни за виновен во судот за прекршување на правилата за финансирање на кампањата-  и тоа по упатство. Ова е добра вест за сите противници на Трамп.

Иако во случајот на Менафорт, не стануваше збор за централното прашање до кој степен тимот на предизборната кампања на републиканскиот кандидат направил нелегални договори со руските службеници за да ѝ наштети на конкурентката Хилари Клинтон, сепак темата и натаму игра важна улога - исто така и за наредниот судски процес, кој започнува во средината на септември.

Коен се изјасни за виновен дека по упатство од „еден претседателски кандидат“ им исплатил пари на две жени, со кои Трамп очигледно имал секс, за да молчат за врската. Трамп во неколку наврати тврдеше дека немало сексуални контакти, ниту пак биле исплатени пари. Ако Коен е виновен во правна смисла, тогаш Трамп и тоа како е виновен.

Слично на Вотергејт и Левински

Нелегални предизборни практики и жестоко негирана прељуба - и двете нешта имаат истакнато место во историјата на САД: Во првиот случај - аферата Вотергејт - Ричард Никсон мораше да поднесе оставка во 1974 година од претседателската функција за да спречи отповикување.

Во вториот случај, една таква постапка за импичмент беше поднесена против Бил Клинтон поради одржување на сексуална врска со приправничката во Белата куќа, Моника Левински, која тој под заклетва ја негираше. Постапката на крајот не успеа, но угледот на Клинтон беше сериозно оштетен.

Kommentarbild Muno Martin
Мартин Муно, автор на коментарот

И покрај тоа што станува сè појасно дека Трамп во предизборната кампања мамел, поткупувал и лажел, односно дека има добри причини за постапка за неговот отповикување од функцијата, таква постапка сè уште не е на повидок. Бидејќи такво нешто Претставничкиот дом мора да изгласа со просто мнозинство, а Сенатот дури со двотретинско мнозинство. Незамисливо е дека републиканците, со сегашното мнозинство во двата дома на Конгресот, ќе му се спротивстават на нивниот претседател, а исто така и дека демократите ќе можат да освојат соодветно мнозинство во Претставничкиот дом и во Сенатот на меѓуизборите во ноември.

Длабоко поделена земја

Сеедно за што се обвинува претседателот - добар дел од популацијата сè уште го поддржува Трамп. Извештаите за пропустите на претседателот неговите поддржувачи ги сметаат за пропаганда и лажни вести од лажливите медиуми - ваквите апсурдни тврдења претседателот речиси секојдневно ги поттикнува  со гневни твитови. САД се земја во длабок раскол: Поддржувачите и противниците на Трамп не можат да се согласат ниту за фактичката состојба врз основа на која може да се оценуваат постапките на овој човек - околност поради која  мораме со голема загриженост да гледаме кон политичката култура на оваа традиционална демократија.

Значи, остануваат судовите. Со оглед дека им се закануваат долги затворски казни, веројатно е дека и Коен и Менафорт ќе соработуваат со иследниците. Воопшто нема да биде чудно ако наскоро повеќе непријатни факти допрат до јавноста. Сепак, дали ќе има обвинение против претседателот, не може да се каже, бидејќи тој поради неговата функција ужива политички имунитет - барем за обвиненија кои се однесуваат на неговите службени должности. Правниците сега може да расправаат околу прашањето дали сексуалните ескапади пред неговиот избор потпаѓаат под тоа. Тој пак самиот е на мислење дека може да се помилува себеси. Така што изгледа дека човекот во Белата куќа, и покрај неговите карактерни слабости може непречено да продолжи со својата политика во стилот : „Ако угледот е веќе руиниран може да се владее сосема слободно". И тоа е лоша вест од овој значаен ден во Вашингтон.