1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешко до премиер во Египет

ЕМФ/дв7 јули 2013

Египет е поделен - обидите да се именува нов премиер, со кој ќе бидат согласни сите политички сили, се‘ уште се без успех.

https://p.dw.com/p/193KL
Фотографија: dpa

Прво се‘ изгледаше како наредnите чекори на Египет во насока на демократија да се јасни - носителот на Нобеловата награда за мир Мохамед Ел Барадеи, според инсајдерски информации, требаше да биде именуван за шеф на преодна влада во земјата. Но само неколку часа откако ваквата вест се проби до јавноста, стигна демант од портпаролот на преодниот претседател Адли Мансур.

Тој соопшти дека разговорите со Ел Bарадеи се во тек, но дека нема конкретен кандидат за функцијата. Се претпоставува дека од страна на исламистите имало жесток отпор против прозападно ориентираниот Ел Барадеи. Мансур по соборувањето на Мурси во средата (03.07) нагласи дека има намера во составувањето влада да ги вклучи и исламистите.

Ägypten Mohammed el-Baradei
Мохамед Ел БарадеиФотографија: Reuters

Демонстрациите продолжуваат

Исламистите, меѓутоа, и натаму се држат до Мурси. Неговата смена од страна на армијата, според исламистите, е пуч кој тие не сакаат да го прифатат. Приврзаниците на Мурси денаска (07.07) во Каиро сакаат да демонстрираат за враќање на Мурси на власт. На протести се повикани и неговите противници, пишува весникот „Ал Ахрам“ онлајн.

Отворената борба за власт меѓу новите властодршци и исламистичките поддржувачи на Мурси во петокот (05.07) ескалираше, а притоа, според болнички извори, загинаа најмалку 36 луѓе. Повредени се повеќе од 1100 лица.

Меѓународната заедница е загрижена поради насилството во Египет. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун ги повика египетските безбедносни сили да ги заштитат демонстрантите. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле за весникот „Билд ам Зонтаг“ изјави: „Апелирам до сите одговорни да не применуваат насилство во ваква тензична ситуација.“Американскиот претседател Барак Обама ја проанализира состојбата во Египет на телефонска конференција со Националниот совет за безбедност. Тој нагласи дека САД не се поврзани со некоја определена политичка партија или група во Египет, ниту даваат поддршка на некого посебно. Идниот пат на земјата може да биде трасиран единствено од самите Египќани, рече Обама.