1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешко соочување со нацистичкото минато

Панајотис Купаранис/ Жана Ацеска3 јануари 2014

Германското Друштво за Југоисточна Европа конечно се соочува со периодот на нацизмот и своите бивши членови кои верно му служеле на Хитлер. Нацистичките „опашки“ се провлекувале се‘ до 1980-те години.

https://p.dw.com/p/1Akug
Фотографија: picture-alliance/dpa

Андреас Ернст со години од Белград пишуваше за швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг“. А пишуваше одлично, толку добро што минатиот февруари германското Дрштво за Југоисточна Европа сакаше да го одликува со признанието „Рудолф Фогел“, кое се доделува на новинари од регионот кои пишуваат на германски јазик. Но, Ернст не сакаше такво признание. Имено, наградата го носи името на човек (на насловната фотографија) кој се занимавал со нацистичка пропаганда и самиот бил член на озлогласените Ес-Ес. Во последен момент Друштвото за Југоисточна Европа ја преименува наградата во „Новинарска награда на ДЈИЕ“, па новинарот од швајцарскиот весник ја прифати. Овој случај влијаеше за Друштвото за Југоисточна Европа забрзано да ја прочешла својата историја, што во Германија подразбира отворено соочување со нацистичките остатоци во сопствените редови и студија за врските со нацизмот. Тоа беше посебно важно за друштво што се финансира од даночни пари, како одделение на Министерството за надворешни работи, а задолжено е за поттикнување научни, културни и стопански односи со Југоисточна Европа. До каде е стигнато во тоа соочување со минатото, беше неодамна објаснето на дводневната конференција во Минхен.

Michael Martens Korrespondent der Frankfurter Allgemeinen Zeitung Istanbul
Михаел МартенсФотографија: DW/P.Kouparanis

Не почнало се‘ дури во 1945 година

Рудолф Фогел по Втората светска војна бил се‘ и сешто, член на Христијанско-демократската унија, сојузен пратеник, државен секретар, амбасадор и со децении претседател и потпретседател на Друштвото за Југоисточна Европа. Иако во 1950-те години го обвинувале за поддршка на нацистите во текот на владеењето на Хитлер, угледни весници како „Шпигел“ и „Зиддојче цајтунг“ пренесуваа толкување од ДЈИЕ дека Фогел бил „противник на нацистите и докажан антифашист“. Така во 1991. година новинарската награда на Друштвото го доби неговото име. Но, тој не беше единствениот во врвот на ДЈИЕ со сомнителни врски со нацистите, вели Михаел Мартенс, бивш дописник на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ од Белград, и самиот носител на наградата.

„Дури и во 1980-те години во ДЈИЕ доминирале личности со висок научен углед, но кои во текот на периодот на нацизмот играле одлучувачка и злокобна улога во проучувањата во Југоисточна Европа“, вели Мартенс. Во текот на нацизмот водечки фигури во научните проучувања на Југоисточна Европа како Фриц Ваљавец или Франц Ронебургер ја разбирале својата улога како „борбена наука“ во служба на нацизмот, објаснува историчарот Герхард Зеван од универзитетот во унгарскиот град Печуј. Станувало збор за обезбедување што посигурна експанзија на Третиот рајх на југоисток, што требало да биде поддржано со псевдонаучни аргументи. Или пак да се „проучува непријателот“, односно да се собираат податоци за личностите и групите кои можат да претставуваат опасност за нацистичка Германија. Со падот на нацизмот, кон Исток беше подигната Железната завеса и во Германија се бараа луѓе кои познавале некого зад таа завеса. Така во 1950-те години од даночни пари се финансирани институции во кои седеле истите луѓе кои им служеле и на нацистите.

Тешка борба со историјата

Континуитетот се отсликувал не само во луѓето, туку и во содржината - многу текстови и истражувања кои се правени во време на нацизмот, се објавувани по 1945. година. По смртта на Ваљавец во 1960 година, на чело на Институтот за Југоисток доаѓа Матијас Бернат, кој непријатните текстови и документи едноставно ги ставал во фиока.

Prof. Gerhard Seewann von der Universität Pécs
Герхард ЗеванФотографија: DW/P.Kouparanis

„Тоа беше тогашниот начин за надминување на минатото“, вели тогашниот соработник на Бернат, Зеван. Сепак, долгогодишниот претседател на ДЈИЕ Валтер Алтхамер истакнува дека дури и бившите „нацистички научници“ на некој начин придонесле за одржување врски со истокот и југот на континентот во текот на Студената војна. Биле основани друштва за соработка во областа на културата, науката и економијата.

Епилог на разговорот на претседателството на Друштвото за Југоисточна Европа е дека до февруари ќе има конкретни предлози на кој начин целосно да биде обработено минатото на Друштвото, како и неговата предисторија. Треба да бидат најдени средства за финансирање на сеопфатна студија, какви обично им се доверуваат на историчари од институти и престижни универзитети. Најавено е дека детално ќе се испитуваат погледите на свет на основачите на Друштвото за ЈИЕ, но и нивната улога во врските на Германија со Балкан во време на Студената војна. Од една страна, тука е позитивната улога во попуштањето на конфликтот, но и прашања како овие - како режимите во Југоисточна Европа соработувале со Друштвото? Дали влијаеле врз неговата работа? Дали во врвот на Друштвото имало шпиони од која било страна? Зафаќањето во 2014 година со нацистичките „опашки“ е сигурно задоцнето, но токму затоа и одговорите се исчекуваат со голем интерес.