1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Титанот“ за последен пат меѓу стативите

З.Јордановски2 септември 2008

Оливер Кан, 21 година профи-фудбалер, 3 пати голман на годината во светот, вечер со проштален натпревар и официјално ја завршува активната спортска кариера. Во иднина останува поврзан со фудбалот, но во поинаква улога.

https://p.dw.com/p/FA2j
Последниот првенствен натпревар Кан го одигра на 17-ти мај годинава во Минхен, на средбата Баерн - ХертаФотографија: AP

На докрај исполнетите трибини на стадионот во Минхен Оливер Кан вечер за последен пат како актер ќе ги доживее емоциите на големата спортска сцена. Неговото проштевање ќе биде одбележано со натпреварот меѓу Баерн, чиј член беше 14 години и репрезентацијата на Германија, чиј гол го бранеше 86 пати. „Можам да си замислам дека за мене ќе биде уште еднаш нешто сосем посебно, со навивачите, со љубителите на фудбалот. Уште еднаш да настапам во стадионот Алијанц-Арена е прекрасно“, вели големиот ас.

Крајот на кариерата на Оливер Кан не значи и негова разделба од фудбалот - веќе на 10-ти септември на квалификационата средба Финска - Германија ќе дебитира како експерт на Втората програма на германската телевизија. Потоа, во Кина ќе ја започне акцијата за избор на талентирани голмани, што треба да биде проширена и во Јапонија, Јужна Кореја, Малезија и Индонезија.


Кан догодина менаџер на Баерн?


Оливер Кан е во игра и како можен наследник на менаџерот Ули Хенес, кога тој догодина ќе се кандидира за претседател на Баерн, на местото на Франц Бекенбауер. Притоа, Кан не гледа никаков проблем во соработката со тренерот Јирген Клинсман, кој на последното светско првенство му го одзеде статусот на прв голман во националниот тим. „Во многу работи тој размислува слично како мене, направи многу интелигентни работи“, вели Кан за Клинсман.

Кан планира и издавање книга и социјален ангажман во разни проекти, меѓу нив и за деца. Вечер на полувремето ќе се бори против 10 кандидати за еден милион евра. За секој нивни удар од 16 метри што ќе го одбрани или ќе заврши крај голот Кан ќе освои по 100 илајди евра за своите социјални ангажмани.



►◄