1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Токсичната Кремљ-листа на Вашингтон

Роман Гончаренко
1 февруари 2018

По тензиите во последните денови, Русија сега го исмејува т.н. Извештај за Кремљ на американската влада, кој би требало да послужи како образец за претстојните санкции против Русија. Критики стигнуваат и од експертите.

https://p.dw.com/p/2rpgq
Symbolbild Beziehungen USA Russland Kalter Krieg
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Последните тензии во вторникот се преточија во исмејување. Руските медиуми пренесуваат дека т.н. Извештај за Кремљ на американската влада се шега. Претседателот Владимир Путин зборува оти тоа што тој се наоѓа на вашингтонската листа за „непријателска постапка“ е тажен сарказам. Русија нема да реагира на тоа.

Во понеделникот американското Министерство за финансии требаше да му поднесе на Конгресот детален извештај за руските олигарси и за високи официјални лица, рангирани според богатството кое го поседуваат и нивната врска со Кремљ. Тоа стои во законот кој американскиот Конгрес го усвои во летото 2017 година, како одговор на руските акции во Украина и поради можното мешање во претседателските избори во 2016 година. Освен тоа, се очекуваше дека во извештајот ќе ги има и врските на овие богати Руси со клучни бранши во американската економија, како и евентуални случаи на корупција.

Повеќе на темата:

-Трамп ја напаѓа Русија

-Калашников молчи за американските санкции

-Лавров и Студената војна: Порано беше сѐ подобро

Борци за човекови права покрај олигаси

Кратко пред полноќ Министерството за финансии во Вашингтон објави листа со 210 имиња. Тука се наоѓа комплетната влада на чело со Дмитри Медведев, соработници на руското посредништво и 1.000 олигарси, чие богатство Вашингтон го оценува на околу една милијарда евра. Еден дел од лицата кои се наоѓаат на листата се веќе погодени  со претходно воведените санкции.

Russland Parlamentswahlen Putin und Medwedew Wahlparty
Фотографија: picture-alliance/dpa/Y. Shtukina/Russian Government Press Office

Изненадува тоа што на листата се наоѓаат претседателот на Советот за човекови права - Михаил Федотов и застапничката на претседателот за правата на децата - Ана Кузњецова. „Списокот очигледно е направен врз основа на телефонскиот именик на претседателството“, рече Федотов за ДВ. „Не можев ниту да замислам оти една таква листа би можела да биде направена врз една таква безмислена основа.“ И тоа, како што вели, што застапничката за човекови права Татјана Москаликова не е на листата „поради тоа што нејзиното име се наоѓа во друг именик“. Федотов уште рече дека не очекува никакви консеквенции бидејќи не поседува ништо во Америка. „Немам причина за страв.“

Листата во духот на Путин?

Нов на листата е Евгениј Касперски, основач на руска софтверска фирма со акцент на безбедноста. Од неодамна е забрането софтверите на оваа фирма да се користат во државните институции. Американските служби се сомневаат оти руските тајни служби ги користат софтверите на Касперски за шпионажа. Самиот Касперски пак отфрла каква било поврзаност со тајните служби.

Извештајот на Конгресот му е претставен како концепт за идни санкции. Но, дали и кога ќе следат тие - тоа сѐ уште не се знае.

Американската влада во понеделникот соопшти дека од нејзина гледна точка нема потреба од нови санкции, бидејќи руската индустрија за оружје веќе забележала загуби во милијарди.

Во експертските кругови оваа публикација предизвика различни реакции. Андерс Аслунд, од вашингтонскиот Атлантски совет вели оти листата не одговара на критериумите опишани во законот. Таа, вели тој за ДВ, содржи „премногу имиња, погрешни имиња, а во дел недостасува тесниот круг околу Путин“. Овој експерт на владата на Трамп ѝ префрла дека ослабеле американските санкции против Русија. Смислата за „Извештајот за Кремљ“ е да се подели руската елита. Оваа, како што вели, преобемна листа е повеќе во духот на Путин, кој би сакал „сите да се на ист брод“.

Russland Parteitag Parnas Parteivorsitzender Michail Michailowitsch Kassjanow
Михаил КасјановФотографија: picture-alliance/dpa/A. Korotayev

Нема нови санкции

Рускиот опозициски политичар и некогашен премиер Михаил Касјанов смета дека листата е предупредување до руските елити дека во секој момент би морале да сметаат на санкции. „Тоа е сигнал според мотото: ве имаме под надзор“, вели Касјанов за ДВ. Оваа листа без санкции е удар врз имиџот на руските политичари и бизнисмени вели тој: „Западните банки ќе бидат многу претпазливи во деловното работење со нив. Некои дури би можеле да им препорачаат да ги затворат сметките. Опасноста од извештајот е во тоа што Русија се претставува како отровна земја, земја со која би можело да биде ризично да се прави бизнис“, предупредува Александар Баунов од московскиот Карнеги центар.

Досега остана нејасно што стои во оној дел од Извештајот кој не е достапен за јавноста. Иан Бремер, експерт за надворешна политика и раководител на американската советодавна фирма Еуроазија Група е уверен дека во тој дел на извештајот има детали за 'корупциски врски'. Но ни Бремер не очекува воведување на нови санкции против Русија.