1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Топи го советувал Иванов да гради добри односи со Косово

3 јуни 2009

Македонско-албанските односи и соработката, но пред сe‘ односите на Македонија со Косово биле во фокусот на педесетминутната средба Иванов-Топи, во хотелот „Адриатик“, во приморскиот албански град Драч.

https://p.dw.com/p/I2Vq
Бамир Топи и Ѓорги Иванов на средбата во Скопје што се одржа минатиот месецФотографија: Petr Stojanovski

На средбата која е остварена по барање на македонскиот претседател Ѓорге Иванов, констатирано е високо ниво на билатералните односи, но е потенцирана потребата од нивно интензивирање во сите области. Двајцата државници само ги поздравија, но не ги удостоија со изјава многуте новинари. Во соопштението од кабинетот на албанскиот претседател се наведува дека Топи го посоветувал Иванов оти Македонија мора да гради подобри односи со Косово. Откако ја потенцирал новата геополитичка ситуација во регионот, која била подобрена, посебно по прогласувањето на независноста на Косово и зачленувањето на Албанија и на Хрватска во НАТО, Топи оценил дека Косово треба да се вклучи во заедничките регионални собири, состаноци и форуми и не треба да се игнорира новата балканска реалност. Со Република Косово, која со успех се гради во една демократска, независна и мултиетничка држава, не само економски, туку и политички и диплматски односи треба да градат сите земји од регинот, порачал Топи.

Според соопштението на кабинетот на македонскиот претседател двајцата соговорници освен високата оценка за македонско-албанските односи размениле мислења и околу новата геополитичка состојба во регионот, која, како што стои во соопштението, била подобрена со интензивната демократизација на балканското општество, постигнатиот напредок на патот кон целосно евроатлантско интегрирање и засилените напори на земјите од регинот за меѓусебна соработка и размена на искуства.

Обид за смирување на затегнатоста

Најавата за посетата на Иванов на Албанија, албанските и косовоските медиуми ја протолкуваа како обид за смирување на реакциите по откажаната посета во последен момент на косовоскиот претседател Фатмир Сејдиу на Македонија.

Посетата на Сејдиу на Македонија прво беше најавена како официјална за да подоцна биде сменета како работна. Косово и партиите на Албанците во Македонија кренаа голема прашина и поради непоканувањето на косовоскиот претседател на инаугурацијата на македонскиот претседател. По овие случувања, Сејдиу најави дека во иднина во односите со Македонија ќе ја спроведува мерката реципроцитет. Албанските медиуми ја пренесоа и изјавата на македонскиот министер за локална самоуправа, Муса Џафери со која тој ги демантира шпекулациите за повлекување на одлуката за признавање на независноста на Косово.

Посебен публицитет и‘ дадоа и на пораката од Брисел за надминување на недоразбирањата меѓу Приштина и Скопје и за градење дипломатски односи и добросоедство.

Автор: Вера Тодоровска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска