1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Топ терористот Карлос доби втора доживотна казна

16 декември 2011

Судот во Париз го осуди топ терористот од Венецуела Карлос на втора доживотна казна, поради четири напади извршени на француска територија. Предвремено ослободување на 62-годишникот не е можно во наредните 18 години.

https://p.dw.com/p/13TyK
Илих Рамирез Санчез - KарлосФотографија: picture-alliance/ dpa

Судската сала беше полна со гледачи се‘ до полноќ. Таму беа дел од симпатизерите, кои од Карлос беа поздравени со крената тупаница, но пред се‘ жртви на неговите напади од пред 30 години: „Навистина ми олесна тоа што Карлос останува во затвор. Тоа едноставно е добро“, вели Филип Руо, човек што бил присутен на местото на нападот врз канцелариите на еден арапски весник во Париз, во 1982 година. „За мене и за сите жртви на нападите пресудата и доживотната казна е голем момент“, нагласува Руо.

Судскиот процес се водеше за четири бомбашки напади во Париз и јужна Франција, во кои загинаа единаесет луѓе, а повредени беа 150. Илих Рамирез Санчез, наречен Карлос, порано беше еден од најпознатите терористи во светот. Во 70-тите и 80-тите години на минатиот век неговата група се споредуваше со германската Фракција на Црвената армија и италијанските Црвени бригади. Тој е еден од организаторите на заложничката драма на конференцијата на ОПЕК во Виена, во 1975 година. Уапсен беше во 1994 година, во Судан. Три години подоцна, во Франција беше осуден на доживотна казна затвор за три убиства.

Paris Prozessauftakt Carlos der Schakal
Илих Рамирез Санчез - Kарлос за време на процесотФотографија: dapd/Christine Lemarie

Oдбраната најави приговор

Одбраната, по соопштувањето на пресудата вчеравечер, најави приговор. Франсис Вилма, еден од адвокатите на Карлос изјави: „Нема докази, нема траги, нема сведоци, нити еден единствен“.

Карлос, инаку, го искористи последниот ден од процесот и зборуваше цели пет часа, спротивставувајќи се на многу изјави на сведоци и на презентираните докази. Освен тоа, ги објаснуваше и своите револуционерни теории. При соопштувањето на пресудата, при што уште еднаш беа прочитани имињата на сите 160 жртви, Карлос не покажа ниту трошка жалење за стореното, туку им се извини само на луѓето кои му се блиски извикувајќи „Да живее револуцијата“.

Автор: Јоханес Духро / ард / Е.Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска