1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тошак не е повеќе селектор на македонската репрезентација

БГ/миа13 август 2012

Велшанецот Џон Тошак по една година си замина од кормилото на македонската фудбалска репрезентација поради несогласувања со новото раководство на ФФМ.

https://p.dw.com/p/15og9
Фотографија: P.Stojanovski

По една година мината на клупата како селектор на Македонија, Џон Тошак денеска ја одржа и последната прес-конференција на која присуствуваше и претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски. Тошак истакна дека спогодбено се договорил со новото раководство за раскин на договорот и оти новите услови кои ги побарал од него претседателот на ФФМ, Ѓорѓиоски биле неприфатливи.

„Ако пред 12 месеци Харалампие Хаџи-Ристески и Игор Климпер ми понудеа такви услови кога преговаравме, немаше да прифатам. Го разбирам новото раководство на ФФМ, си имаат своја визија за развој на фудбалот, но на состанокот во петокот имавме различни ставови. Затоа и решивме да направиме спогодбен раскин на договорот. Им посакувам среќа на фудбалерите, како и на новиот селектор на Македонија. И натаму верувам дека Македонија може да оствари добар резултат на следните квалификации за СП во Бразил 2014“, рече Тошак.

Претседателот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски истакна дека новиот селектор ќе биде назначен по пријателскиот натпревар со Литванија, што Македонија го игра в среда во Скопје. Комитетот за итност ќе реши кој ќе го води натпреварот в среда, а тоа ќе биде еден од досегашните помошници на Тошак, Бобан Бабунски или Гоце Седлоски.

Ilco Georgievski Fußballtrainer Mazedonien
Претседателот на ФФМ, Илчо ЃорѓиоскиФотографија: DW/Zlatko Kalinski

Бабунски утре ќе ја води репрезентацијата до 21 година во Португалија и се враќа в среда, а Седлоски ќе ги води тренинзите.

Поранешниот голман на националниот тим Петар Милошевски е именуван за директор на фудбалската репрезентација на Македонија.