1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Традиција на „супрези“ меѓу Македонците и Албанците во Радиовце

22 мај 2010

Една од карактеристиките на соживотот во Радиовце е и ткн. „супрег“– збор од локалниот дијалект, со кој се означува меѓусебното помагање на Македонците и Албанците во земјоделските и другите егзистенцијални прашања.

https://p.dw.com/p/NTVL
Селото Радиовце, тетовскоФотографија: DW

Тетовското село Радиовце со своите 1300 жители, од кои две третини се Албанци, а една третина Македонци, навидум, не се разликува од другите стотина села во овој регион: заостанато земјоделство, редица нерешени комунални проблеми, многу млади невработени луѓе ... Но, во сегашниот општествено – политички контекст, во кој се наоѓа Македонија, исполнет со разнишани меѓуетнички односи, од мултиетничко Радиовце зрачи една поинаква порака.

Дракче Стевановски, жител од ова село, ја сведува на следниве зборови:

„Се помагаме, работиме, се дружиме ... “

Заеднички пари за заедничките комунални инфраструктурни проблеми

Претседателот на Месната заедница Муса Зибери вели дека со заеднички самопридонеси формираат финансиски фондови за решавање на заедничките комунални проблеми:

„Еве, за водата, за автобуската постојка, за паркот и уредувањето на пристапот и до православните и до муслиманските гробишта имаше придонес од селото. Даваа кој колку што можеше и колку што имаше: по петстотини, по илјада, по триста денари. Значи, колку што имавме можности, за да направиме селски паричен фонд за тие комунални зафати.“

Една од карактеристиките на соживотот во оваа етнички мешана средина е и така наречениот „супрег“ – македонски локален дијалектен збор, со кој се означува меѓусебното помагање на Македонците и Албанците во земјоделските и другите работи сврзани со егзистенцијата.

Љубе Софревски за ова вели:

„Останало и ќе остане: имало примери Македонци со Албанци да бидат ’супрези’ при орање, носење сено, копање и други селски работи. Тоа било тогаш неминовно, се мешано, се заедно.“

Муса Зибери истакнува потврдно:

„Да, тоа го имало во нашето село уште од порано, на времето. Но, пак и ден – денес истата работа се врши: едните со другите соработуваат на полето, по нивите.“

Софревски дополнува дека шегите се неизбежен дел од секојдневието:

„Во текот на денот знаеме кој што сторил, што се случило, кој посеал, кој изорал. На сметка на оној што не изорал има шеги, без оглед дали е тоа некој Албанец, или Македонец. Ова го има речиси секој ден.“

Mazedonisches Dorf Radiovce
Претседателот на Месната заедница Муса ЗибериФотографија: DW

„Си имаме помагање и при умирачките“

Среде Радиовце се наоѓа продавницата со прехранбени и други артикли на Башким Нуредини, кој е и член на комисијата за меѓуетнички односи на Советот на општина Брвеница.

Нуредини се потсетува на моментите во минатите години кога не му одела работата:

„Еднаш дојде кај мене Живко Стојановски, кога останав без стока во дуќанот. Ми вели: ’Ајде, Башким, земи го комбето, да одиме по стока.’ Ми помагаше заеднички да одиме да ја снабдувам продавницава. Значи, тогаш немало никакви проблеми, а камоли, пак, сега.“

Абдил Максути и Дракче Стевановски не ги интересира политиката, она што го кажуваат нејзините „кројачи“ од “горе“, туку партијата шах и раатлакот на заедничката маса.

Максути изнесува:

„Е, јас не сум по политиката, за никого не сум. Јас си гледам во селово да си бидам со него, да играме карти, шах, едно – друго ... Да живеам добро. Воопшто не ме интересира политиката.“

Стевановски дополнува:

„Карти играме навечер, гледаме фудбалски натпревари, пополнуваме спортски прогнози. Се помагаме при умирачките. Кој нема, ќе побара и ќе добие на заем – Македонец од Албанец и обратно. Имаме давање - земање едни со други.“

Посебна е приказната за поплавите во Радиовце во март годинава. Љубе Софревски посочува за тие моменти кога едни на други си ги спасуваа домовите и стоката од разулавената вода на Боговинска река: „Ударната точка на поплавата беше токму кај Македонците. Повеќемина беа Албанци меѓу оние што донесоа вреќи и ги наредија онаму каде што се излеваше водата. Спречија да не се поплавува уште повеќе и кај нашите и кај нивните куќи. Настанаа големи штети, но така беше спречено да бидат многу поголеми.“

Mazedonisches Dorf Radiovce
Муса Зибери, Башким Нуредини, Љубе Софревски и Абдил МаксутиФотографија: DW

Климата на соживотот се пренесува и врз децата и помладите

Ги прашавме нашите соговорници: дали оваа клима на разбирање и соживот се пренесува и врз помладите и децата? Уследија спонтано нивните одговори, проследени со меѓусебни надополнувања:

„Во нашево локално основно училиште имаме играчки за деца. Тука се дружат и Македончињата и Албанчињата. Играат заедно фудбал, кошарка ... Е, сега, деца како деца, понекогаш има и инциденти, но, тоа е се во жарот на играта“.

„И Македонците и Албанците придонесуваат многу во случаите и да настане по некој таков проблем: го пријавуваат веднаш случајот и тогаш, исто така, веднаш преземаме акција, превентивно, се да испадне добро.“.

„Се се пријавува благовремено, ќе се каже навреме, да не се случи ништо лошо.“

Заминуваме од Радиовце, а во канцеларијата на тамошната месна заедница си останаа на бирото малите знаменца - македонското државно и албанското. Таму се наоѓаат постојано едно до друго и едно со друго на истиот простор.

автор: Свето Тоевски

редактор: Борис Георгиевски