1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп и Ердоган - странични удари кон ЕУ

ЖА
14 ноември 2019

Според Доналд Трамп, ЕУ треба да плаќа повеќе за сириските бегалци во Турција, а за Ердоган неодамнешните изјави на Емануел Макрон за НАТО се неприфатливи. Во поглед на спорните теми меѓу САД и Турција- нема напредок.

https://p.dw.com/p/3Sz66
USA, Washington:  Donald Trump und  Erdogan
Фотографија: Reuters/T. Brenner

Во екот на конфликот со Турција околу бројни прашања, американскиот претседател Доналд Трамп изричито го испофали односот со својот турски колега Реџеп Таип Ердоган: „Ние сме одамнешни пријатели, речиси од првиот ден, секој од нас ја разбира земјата на другиот. Јас сум голем фан на претседателот“, изјави Трамп. На прес конференцијата, тој одржаната средба со Ердоган во Белата куќа ја оцени како „прекрасна и продуктивна“, додавајќи дека се надева двете земји да ги надминат разликите околу купувањето руски воздушен ракетен одбранбен систем С-400 од страна на Турција, кое претставува, според Трамп, „многу сериозен предизвик за САД“.

Американската влада, по купувањето на рускиот систем, го исклучи НАТО-партнерот Турција од воената програма за борбени авиони Ф-35. Владата во Вашингтон стравува дека преку системот С-400, Русија може да добие пристап кон тајните податоци на авионите Ф-35. Ердоган изјави дека решение во конфликтот е можно само преку дијалог. 

Разлики околу Сирија

Турција и САД имаа неодамна судир и во поглед на политиката кон Сирија. Турската воена офанзива во северна Сирија предизвика незадоволство во американскиот Конгрес, зашто е насочена против Курдите, досегашниот американски сојузник во Сирија во борбата против терористичката организација Исламска држава. Најавата на Трамп за повлекување на американските трупи од Сирија го отвори патот за турската интервенција. Вчера Трамп изјави дека САД имаат „прекрасни“ односи со Курдите, а верува дека и Ердоган има со нив „прекрасни односи“.

Ердоган пак рече дека неговата земја нема проблем со Курдите, туку само со терористички организации. Турција ја смета курдската милиција ИПГ за продолжена рака на курдската Работничка партија ПКК, која пак речиси четири децении води борба против турската држава.

Повеќе: 

Кризна средба на Трамп и Ердоган во Вашингтон

Ќе ја исфрлат ли Турција од НАТО?

Бизарното сфаќање на Трамп за тоа што е успех

Турција, Европа и Сирија - борба за надмоќ врз грбот на бегалците

Трамп: Европа треба да плаќа повеќе за бегалците во Турција

Ердоган истакна дека Турција потрошила 40 милијарди американски долари за прифаќање на сириски бегалци, па очекува помош од меѓународната заедница за да ги врати Сиријците во нивната земја. Европските влади инаку одбија да финансираат насилно враќање на бегалците.

„Искрено речено, мислам дека Европа треба да плати голем дел. Досега најмногу трошоци за бегалците плаќаше Турција“, изјави Трамп. 

ЕУ во рамките на својот договор за бегалците со Турција ја има исплатено половината од вкупната договорена сума од 6 милијарди евра. Ердоган пак во неколку наврати се закани со „отворање на вратите кон Европа за бегалците“. 

Турскиот претседател Ердоган во Вашингтон ја критикуваше најновата изјава на францускиот претседател во врска со НАТО како неприфатлива. Емануел Макрон минатата недела во интервју за британски „Економист“ оцени дека НАТО е клинички мртов. Формулацијата ја образложи со недоволната координација меѓу САД и Европејците и „агресивното“ однесување на НАТО-членката Турција во Сирија.