1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Трамп и Макрон: повеќе европски пари за НАТО

ЖА / агенции
10 ноември 2018

Доналд Трамп ја почна посетата на Париз со вербален напад против Емануел Макрон поради неговата идеја за европска војска, но на средбата двајцата државници демонстрираа единственост и пријателство.

https://p.dw.com/p/380wt
Paris US-Präsident Trump und Macron
Фотографија: Reuters/C. Barria

Францускиот претседател Емануел Макрон ги поддржа барањата на американскиот претседател за значително поголем европски ангажман во рамките на НАТО. На средбата во Елисејската палата тој изјави: „Не е фер европската безбедност денес да се потпира на САД, потребни ни се поголеми европски капацитети, поголема европска одбрана.“

Трамп го повтори барањето за поделба на товарот во НАТО: „Сакаме да ѝ помогнеме на Европа, но мора да постои фер однос. Мора да помогнат и други земји. Во тоа целосно се согласуваме со претседателот Макрон“.

Макрон се осврна и на својата неодамнешна изјава, дека заради заштита од Русија, потребно е создавање  европска армија.

„Го делам гледиштето на претседателот Трамп за подобра распределба на товарот во рамките на НАТО. Од таа причина верувам дека моите предлози за европска одбрана се вклопуваат, зашто тоа би значело поголемо европско присуство во НАТО.“

Уште на пристигнувањето во Париз, гостинот од Вашингтон го критикуваше предлогот на домаќинот како навредлив: „Можеби Европа најпрво треба да го плати својот праведен дел во НАТО, кој САД во голема мерка го субвенционираат,“ напиша Трамп на Твитер.

Американскиот претседател најави дека за време на посетата на Франција ќе биде тематизиран и  трговскиот конфликт со Европа,  во кој се направени, според него, значајни напредоци.

Престојот на американскиот претседател во Франција е по повод манифестациите кои таму се одржуваат во спомен на крајот на Првата светска војна пред 100 години. На нив учествуваат и германската канцеларка Ангела Меркел, рускиот претседател Владимир Путин, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и бројни други шефови на држави или влади.

На 11. ноември 1918. година во францускиот град Компјен било потпишано примирје, кое го означило и крајот на Првата светска војна. Во неа загинале речиси девет милиони војници и преку шест милиони цивили.