1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп и Путиновиот пријател Тилерсон - САД како компанија

Миодраг Шориќ
14 декември 2016

Политичкиот новајлија Трамп за министер за надворешни работи носи исто така новак. Дали е шефот на Ексон вистинскиот за функцијата? Надворешната политика не е бизнис, смета Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/2UFXC
Russland Putin und Tillerson 2011
Фотографија: picture alliance/dpa/Alexey Druginyn Mandatory Credit/R. Novosti

Уште пред да стапи на функцијата, на Рекс Тилерсон му вее спротивен ветер. Критиките гласат: 64-годишникот нема никакво дипломатско искуство, како менаџер на Ексон склопувал зделки со автократи, примал одликувања од нив. Сенаторот Марко Рубио твиташе: не сака пријател на Путинво Стејт департментот. И сенаторот Џон Меккејн, исто така републиканец, ја критикуваше блискоста на Тилерсон со Кремљ. Сенаторот Боб Менендес одлуката ја нарече „апсурдна“. Кон оваа критика ќе се придружи уште цел хор. Сето ова не е никаков добар предзнак за сослушувањето во Сенатот, на кое Тилерсон мора да се подложи како иден министер за надворешни работи на САД. Во моментов, се чини ни оддалеку нема потребно мнозинство во негова корист.

Сепак, Доналд Трамп се одлучи токму за него и со тоа за натамошна кавга со својата партија. Зошто? 

Препорака од поранешни министри за надворешни работи

Трамп и Тилерсон речиси воопшто не се познавале пред претседателските избори. Тексашанецот Тилерсон е републиканец и конзервативец, но во кампањата поддржувал други претседателски кандидати, и финансиски. Советот да го земе во предвид овој човек, Трамп го добил од страна, од поранешни министри за надворешни работи како Џејмс Бејкер, Кондолиза Рајс и други. Од опкружувањето на Трамп се дознава и следново: хемијата меѓу идниот претседател и менаџерот на нафтениот гигант функционирала од првиот момент.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ

Двајцата надворешната политика ја сметаат за некој вид бизнис. Таа и е тоа, на одреден начин, првенствено во САД. Но, не е само тоа. Што со темите кај кои САД финансиски нема никаква добивка, на пример одбраната на човековите права? Оној кој инсистира на зачувување на човековите права во светот, не си создава пријатели, пред сѐ не кај диктаторите. Американските министри за надворешни работи, заедно со своите колеги од Западна Европа тоа го чувствуваа, а сепак го правеа со децении. Притоа, многу успешно, ако се погледне растечкиот број на демократии во светот.

Дали со именувањето на Рекс Тилерсон ова ќе се промени? Дали експлоатацијата на суровини за американската економија, предностите во трговските договори, сега ќе бидат поважни од човековите права? Дали ангажманот на САД во НАТО или во обезбедувањето на меѓународните трговски патишта ќе биде отфрлен зашто чини премногу пари? Дали Америка ќе се повлече во себе самата, ќе се исклучи од позицијата на глобален чувар на редот?

Крај на досегашниот лик на Западот?

Тоа би бил почеток на крајот на досегашниот препознатлив знак за Западот, на еден поредок кој не донесе сигурност и благосостојба само за трансатлантската заедница, туку и за многу земји на сите континенти, но најмногу на самите САД.

Прерано е за ширење сценарија за пропаст на светот, на што се склони Европејците. Тие, како најважен трговски партнер на САД, треба и натаму да настапуваат самоуверено. Америка е вистински светска сила само заедно со своите европски сојузници.

При сите дилеми, кои ги предизвикува кабинетот на Трамп составен од милијардери и генерали, фер шанса заслужува и Рекс Тилерсон како министер за надворешни работи.