1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп и Трудо - сложни соседи

Миодраг Шориќ
14 февруари 2017

Доналд Трамп во предизборната кампања вети дека ќе го раскине северноамериканскиот договор за слободна трговија, НАФТА. На првата средба со канадскиот премиер, тој ги пофали партнерските односи.

https://p.dw.com/p/2XWV8
USA PK des kanadischen Premierministers Justin Trudeau und des US-Präsidenten Donald Trump
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Постојат два вида прес-конференции: оние на кои мора внимателно да се слуша кажаното и оние каде поважно е она што не е речено. Занимливо е што на заедничката конференција за новинарите на претседателот Доналд Трамп и канадскиот премиер Џастин Трудо, северноамериканскиот договор за слободна трговија, НАФТА, не беше споменат. Интересно, зашто Трамп за време на својата предизборна кампања повеќепати жестоко ја критикуваше оваа спогодба. Тој на своите избирачи им вети дека ќе ја раскине спогодбата и повторно ќе преговара за неа. Тоа, пак, ги шокираше северните соседи. Зашто, економската благосостојба на Канада во голем дел зависи од САД. Веќе подолго време Канаѓаните одржуваат трговски суфицит. Секоја форма на протекционизам болно би ја погодила канадската економија.

Затоа, заедничкиот настап на Трамп и на Трудо во Белата куќа се очекуваше со големо внимание. Трамп притоа нагласено ја пофали трговијата со Канада и рече дека САД имаат големи проблеми со Мексико. По таа изјава, Трудо може мирно да се врати во Онтарио. Трговска војна нема да има. Трамп, кој само за неколку недели успеа да се „скара“ со лидерите на Мексико и на Австралија, веројатно не сакаше да разлути уште еден шеф на влада. 

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ

Трудо се реваншираше на свој начин. Од него набљудувачите очекуваа да го критикува Трамп поради забраната за влез во САД на луѓе од седум држави со претежно муслиманско население. Младиот премиер пред средбата со Трамп нагласи дека Канада и натаму ќе прима бегалци. Со тоа јасно се огради од политиката на Трамп, насочена муслиманите од Блискиот и Средниот Исток да се спречат да влегуваат во САД. Но, Трудо се воздржа од забелешки на сметка на имиграциската политика на Трамп. Тој рече дека не е дојден кај соседот за некому да му држи лекции.

Накратко, двајцата политичари на својата прва средба настојуваа да го истакнат она околу што се согласуваат, а тоа не беше лесно со оглед на тоа колку се разликуваат. 45-годишниот Трудо, вистински „санибој“ меѓу лидерите од Г7, важи за отворен, оптимист, леволиберален, самиот себеси се дефинира како феминист. Трамп со своите 70 години е доста постар, сега е конзервативен, недоверлив кон малцинствата, во минатото повеќепати лошо се изразувал на сметка на жените. Кога ќе се сретнат двајца толку различни политичари, може да се очекува сѐ, освен толку добро да се разбираат. Дотолку повеќе,  нивниот прв состанок може да се смета за успех.