1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп и уметноста за создавање хаос

Миодраг Шориќ
14 јуни 2017

Трамп не им наштетува само на своите противници, туку страда и угледот на оние кои се вбројуваат во негови пријатели и соработници. Оној кој му притекнува на помош, станува негов соучесник, смета Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/2efb5
USA Washington - Donald Trump und Jeff Sessions
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Од Трамп никој не може да побегне, сеедно дали е непријател или пријател. Во 2016. година, претседателскиот кандидат Трамп ги уништи изборните стратегии на искусните гувернери или сенатори и победи, иако беше политички новајлија. Трамп ги исмеваше своите ривали, им даваше потценувачки прекари, ја влечеше политичката култура на Америка сѐ подлабоко кон дното.

Овојпат на претседателот му припомогна министерот за правда, Џеф Сешн, изложувајќи се на вкрстените прашања на сенаторите во врска со руското влијание врз американските претседателски избори или заднината на отпуштањето на поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми. Министерот Сешн не даде ни една информација која може да му наштети на Трамп. За време на сослушувањето, Сешн „страдаше“ од напади на заборавност или одбиваше да се изјасни во критични моменти. Тоа е негово право. Но, транспарентноста изгледа сосем поинаку. Настапот на Сешн не буди никаква доверба, ниту во него, ни во оваа администрација.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ

Многу прашања и натаму се отворени

По ова сведочење, на противниците на Трамп сѐуште им недостигаат докази за премногу блиски контакти на изборниот тим  на Трамп со Русија. Дали Демократите ќе се откажат од натамошна истрага? Сигурно не.

Така, духот на блиските конекции на Трамп со Русија и натаму ќе лута низ ходниците на Конгресот. Судовите повторно ќе отфрлуваат потенцијална забрана за влез на муслимани во земјата и ќе ја проследуваат постапката до следната инстанца. Ќе има нови испитувања дали Трамп ги меша приватните со службените работи. Трамп, дубиозниот градежен претприемач, и натаму ќе се продава за морален чистунец кој сака да ги исчисти валканиците во Вашингтон. Она што е уште побезумно: Трамп вистински верува дека е адвокат на обичниот човек.

Напред кон минатото, Америко!

Неговите симпатизери го славеа повторното отворање на еден рудник за јаглен во Пенсилванија како знак на модернизација на американската економија. Истовремено,владата најави повлекување од Парискиот договор за климата, ги става под прашање меѓународните трговски договори, сака да подигне ѕидови на границите. Напред кон минатото, Америко!

Трамп живее во свет на „алтернативни факти“. Фактите се факти само ако му се од корист. Овој претседател магично привлекува полувистини и привиди. Каков непогрешлив инстинкт за создавање хаос! Џеф Сешн при сведочењето во Сенатот застана во одбрана на одлуките и начинот на донесување одлуки на овој претседател. Еден ден можеби ќе зажали за тоа.