1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп отвора шанса за „сонувачите“

ЖА / агенции
26 јануари 2018

Компромисен предлог: Трамп ќе им го отвори патот за добивање американско државјанство на 1,8 милиони млади имигранти, ако бидат одобрени 25 милијарди долари за изградба на граничен ѕид кон Мексико.

https://p.dw.com/p/2rYhh
USA | Tausende Menschen protestieren in LA gegen Trumps DACA-Pläne
Фотографија: Getty Images/David McNew

Американскиот претседател Доналд Трамп отстапува еден чекор од својата тврда имигрантска политика со предлогот:  на сите 1,8 милиони т.н. „дримери“, доселеници донесени илегално како деца во САД, им нуди можност да станат американски државјани.  За возврат, Конгресот треба да се согласи на создавање фонд од 25 милијарди долари за финансирање на ѕидот на границата кон Мексико, кој го планира Трамп, и за подобрување на обезбедувањето на границата кон Канада. Истовремено, во предлогот доставен од Белата куќа се бара заострување на правилата за илегално доселување, во прв ред посилни кочници за доаѓањето на семејствата на доселениците во САД. Така, мигрантите во иднина ќе можат во САД да ги доведат само брачните партнери и малолетните деца. Се бара и укинување на Доселеничката лотарија, односно Зелената карта, која на луѓето од различни земји им дава шанса за работна и дозвола за престој во САД.

Повеќе: 

Илегалните доселеници во САД во страв од масовни протерувања

Својот комплетен предлог, според пишувањето на медиумите, Трамп има намера да го достави до Конгресот во идната недела.

„Мора да се создадат алатки за запирање на илегалното доселување. Нужно е постоење начини за протерување на луѓето кои илегално влегле во САД и служби кои ќе ја штитат националната безбедност“, соопшти претставник на Белата куќа.

Таканаречените „сонувачи“, донесени илегално во САД од своите родители, до март уживаа заштита од протерување и можност да работат или студираат легално, преку декретот на претходниот американски претседател Барак Обама, под името ДАКА. Трамп го укина декретот во септември, но со продолжение до март му даде на Когресот можност да најде соодветно решение.