1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп-Путин: самит за страв

Бернд Ригерт
17 јули 2018

Претседателот на САД Доналд Трамп покажа бројни слабости по средбата со рускиот колега Владимир Путин во Хелсинки. Тоа беше дипломатска грешка на светска сцена, смета Бернд Ригерт

https://p.dw.com/p/31ZZp
Finnland Helsinki Trump-Putin Treffen | Handschlag
Фотографија: picture-alliance/Sputnik/S. Guneev

Доналд Трамп е добар претседател- за Русија. Не за САД и не за остатокот на светот.
Руското Министерство за надворешни работи сподели твит на Трамп во кој тој ги обвини САД за „лудост и глупост“ поради лошите односи на неговата земја со Русија. Дали се САД виновни за руското хакирање за време на изборите во 2016 и за анексијата на Крим? Идејата е смешна, но и без преседан во поновата историја на САД. Но Трамп ја повтори оваа мисла уште еднаш за време на самитот во Хелсинки, и притоа успеа уште еднаш самиот да се дисквалификува.
Еден американски претседател никогаш досега не се однесувал на овој начин, ниту пак треба. Прашањето е: колку долго републиканците ќе ја толерираат оваа неспособна, прецената главоболка во Белата Куќа? Трамп редовно мрмори контрадикторни полувистини. Изборот од последниве денови ги вклучува критизерските изјави кон НАТО, тврдењето дека Велика Британија треба да ја тужи ЕУ поради Брегзит, конфликтни ставови за неговиот однос со британската премиерка Тереза Меј, и нарекувањето на Германија „затвореник на Русија“, за на крај да го нарече и рускиот лидер фер конкурент.

Уште колку Трамп можеме да издржиме?

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Изјавите на риалити ѕвездата која стана претседател последниве денови се тешки за слушање. Во споредба со Путин, Трамп делуваше слаб, несигурен и неподготвен за понеделничкиот самит. Секогаш кога Трамп ќе се оддалечи од дипломатската пракса, неговите соработници мораат да ги собираат конфликтните и конфузни делчиња и да ги претворат во разбирлива политика. Уште колку долго ќе можат да го прават тоа?
Путин се смееше под мустаќ за време на средбата со Трамп. Сѐ што требаше да стори е да си седи и да слуша како американскиот претседател го растура глобалниот поредок. Само во последните неколку недели Трамп успеа да ги оддалечи своите сојузници во НАТО, да ги навреди Британците и да ја нарече ЕУ „непријател“. Путин не можеше да посака ништо подобро. Обвинувањата за руско мешање во изборите во САД продолжуваат без последици. Дали Путин се обидел да влијае врз претседателските избори во 2016? Сакал ли да го намести Трамп на функцијата? Поседува ли компромитирачки материјал за претседалот и неговото семејство? Доколку го соберете сето тоа, разбирливо може да си помислите дека тоа е така, затоа што мора да постои нешто што го тера Трамп да се однесува на тој начин околу рускиот автократ.
Тоа е веројатно причината што претседателот на САД сакаше да седне со својот руски колега во Хелсинки. Непрофесионалниот егоманијак се среќава со поранешниот шпион. Единственото нешто што ги обединува овие двајца е што не се многу заинтересирани за вистината. Путин јасно стави до знаење дека не е заинтересиран за доверба, туку за остварување на своите интереси. Очигледно, добро е кога двајца толку моќни луѓе разговараат еден со друг. Но ова медиумско шоу кое го посакува Трамп очигледно не е доволно. Светот очекува повеќе, нешто што и самиот Трамп го призна во ретките светли моменти. Очекувањата не беа остварени. За жал на граѓаните на САД, тие имаат опасен, непредвидлив ексцентрик за претседател. Надежта е дека нема да предизвика уште поголема штета отколку досега.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија