1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп се заканува со прекин на односите со Кина

ЖА / агенции
15 мај 2020

Среде корона-кризата, американскиот претседател ја засилува реториката против Пекинг, заканувајќи се дури и со прекин на контактите. Кина реагираше воздржано на заканите од Трамп.

https://p.dw.com/p/3cHHn
US Präsident Trump
Фотографија: picture-alliance/CNP/A. Harrer

Растечките тензии меѓу САД и Кина сега предизвикуваат и проблем во комуникацијата на највисоко ниво. Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за ТВ Фокс бизнис , емитувано синоќа, изјави дека во моментов не сака да разговара со шефот на кинеската држава и Комунистичката партија, Ши Џинпинг. „Многу сум разочаран од Кина. Можно е дури и комплетно да ги прекинеме односите", изјави Трамп, без да навлегува во детали околу оваа необична закана.

Кина денеска реагираше воздржано. Одржувањето на стабилни односи е во интерес на двата народи и неопходно заради зачувување на светскиот мир, изјавил портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лијан, пренесе државниот весник „Глобал тајмс". „Кина и САД во моментов треба да ја зајакнат соработката во борбата против пандемијата (на коронавирус), што налага отстапки и приближување од двете страни", рекол портпаролот.

Трампповторно ги обвини Кинезите за ненавремено запирање на ширењето на пандемијата на коронавирус во почетната фаза, со што се предизвикани енормни штети: „Или станува збор за глупавост, некомпетентност или за свесна намера". Трамп одново се пожали на долгогодишната неправедост и неизбалансираност во трговијата меѓу двете земји. Во средината на јануари, САД и Кина, по долги и макотрпни натегања, потпишаа привремен трговски договор.

Но, сега американскиот претседател најави – не е спремен за натамошни преговори. Неговата влада размислува во иднина кинеските концерни да мора да се придржуваат на американските билансни правила, доколку сакаат да бидат присутни на американската берза. Трамп освен тоа ги обвини Кинезите за обиди за крадење на интелектуалната сопственост во САД. Во средата ФБИ јавно извести за обиди на кинески хакери да ги шпионираат американските научни институции кои работат на пронаоѓање лекови и вакцини против коронавирусот.

Како „зајакнување" на Трамп стигнаа и изјавите на неговиот трговски советник Питер Наваро. Тој за Фокс њуз изјави дека коронавирусот најверојатно е создаден во лабораторија во Вухан во ноември. Потоа, цели два месеци тој беше сокриван зад штитот на Светската здравствена организација, од цел свет беше „вшмукана" целата заштитна опрема, убивани луѓе и на крај беше извлечен профит од кризата, изјави Наваро. „Сега хакерите на кинеската влада се обидуваат да украдат информации за вакцина, за да можат Кинезите први да ја произведат", обвини Наваро.

Односите меѓу Вашингтон и Пекинг се ионака затегнати, а Наваро ја заостри реториката со лавината обвинувања.

За тврдењата дека коронавирусот веројатно е произведен како биолошко оружје во лабораторија, досега нема докази, исто како и за тврдењата дека тој потекнува од истражувачка лабораторија во Вухан. Научниците сметаат за многу поверојатно дека САРС-КоВ-2 е создаден по природен пат и е пренесен од животни врз луѓе.