1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Траума и вина - сенката на Граѓанската војна во Грција

28 јануари 2019

Никогаш нема да ја прифатам логиката на војната и на омразата. Ниту во одбрана на татковината, на националната гордост и на националниот идентитет. Затоа што го паметам страдањето на татко ми. Колумна на Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/3CJ1n
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Има мигови во историјата, во кои една реченица има сила да ги урне навидум моќните кули од силни пропаганди и политички табуа, градени со децении. Тие зборови тогаш пишуваат нова историја и создаваат ново време. Таква е прочуената реченица која американскиот претседател, Џон Ф. Кенеди, ја изговори во поделениот Берлин, кога извика: „Јас сум Берлинец!“ ( „Ich bin ein Berliner!"). Такви беа и неколкуте реченици во говорот на грчкиот премиер Алексис Ципрас во парламентот, со кои ги потсети комунистичките пратеници на сопственото минато. Тој, кого тие го обвинуваа за предавство на татковината со Преспанскиот договор, имаше храброст да каже дека тие се вистинските предавници. За последиците од тој храбар чин уште не се свесни ниту Грците ниту Македонците.

Храброста на Ципрас е во тоа да ги изговори имињата, кои седум децении во Грција беа табу. Тие ја раскинаа долготрајната грчка „штама“ за историскиот факт дека припадниците на македонското малцинство во Грција, „Славо-Македонците“, беа соборци на грчките комунисти во Граѓанската војна. Тоа што сите  Грци отсекогаш го знеја или само го насетуваа, но, од страв, со децении го премолчуваа, Ципрас го кажа гласно. И за миг ја симна маската на лицемерието од сето грчко општество. А најмногу од лицата на оние, кои мора да ја знаат историјата на својата партија – грчките комунисти. Додека пред парламентот толпата го величаше култот на со векови мртвиот цар Александар, извикувајќи дека „Македонија е само една и грчка“, тој потсети на една вистински славна личност, за чија смрт до неодамна уште беа живи очевидците. Ципрас проговори за тоа за што долго во Грција не смееше да се зборува. Тој ги изговори „забранетите зборови“ и имиња. „Славо-Македонци“ и „Славомакедонката Ирини Гини (Мирка Гинова)". Заслепените „македонски патриоти“, дури и кога самите (уште) се комунисти и левичари, не сфатија дека Ципрас не говореше за нив - за Македонците во Македонија. Ципрас немаше потреба да каже кои се тие. Тоа е  кажано во Преспанскиот договор. Тој говореше за Македонците во својата држава, во својата грчка историја. Тие се „Славо-Македонците". Затоа што по населувањето на грчките бегалци од Мала Азија во дваесеттите години на минатиот век, во Егејска Македонија има и Македонци кои се етнички Грци. Тие, кои се идентификуваат со Македонија како територија. Тоа се оние, на  кои законот од 1983-та, што го спомена Ципрас во својот говор, им дозволи да се вратат во татковината. Затоа што беа „Грци по род“. А не Славо-Македонци!

Крај на војната – видливата и невидливата!

Затоа тие зборови среде пропагандното лудило на грчката стварност, го повикаа заборавеното, премолчено време. Тие за мене, заради мојата фамилијарна биографија, се знаци на надеж. Затоа што тие го раскинаа  политичкото табу и го вратија ненадминатото минато во политичката грчка јавност. Не како митологија за античката слава на Александар. Туку како ненадмината траума на безбројните жртви од војната. Во исто време, како сознание за конкретна историска одговорност. Тоа од Грците, но и од Македонците, бара критичка самосвест. Патот на помирувањето почнува најнапред преку соочување со минатото. Ципрас го отвори тој пат со неколкуте реченици кои веќе станаа прочуени. „Не сакам да ја критикувам КПГ во однос на нејзината историја. Но ќе го споменам славомакедонскиот буквар, којшто членовите на КПГ го делеа во Ташкент на децата на славомакдонските борци на ДАГ. Не сакам да ги споменам ниту 70.000 бегалци од Граѓанската војна, на кои грчката држава им ја ускрати репатријацијата во 1983 година. Ниту Славомакедонката Мирка Гинова - комунист, која беше првата жена стрелана во Граѓанската војна во Грција. Со тие грижи, што ги носите на совест, ве оставам сами да се соочите..." Траумата од Граѓанската војна беше вистинската причина за спорот околу името Македонија. Затоа говорот на Ципрас го повика нејзиниот призрак. Во истиот миг, се разниша стравот од него, со кој манипулираа популистите, комунистите, социјалистите и конзервативните. Од страв, од кукавичлук и од лицемерие, сите беа станале фанатични националисти. Со говорот на Ципрас симболично дојде крајот на војната – на видливата и на невидливата.

Други колумни од авторката:

Република Северна Македонија

На Балканот нешто ново

Сите смееја... само некои не

Крајот на таа војна е само две години постар од мене. Или, поинаку, јас се родив само две години откако  заврши таа војна. Се родив во бегалско прифатилиште во Југославија, како дете на егејски бегалци. Затоа што грчката држава една година по крајот на војната на сите пребегани граѓани им го одзеде  државјанството, моите родители беа апатриди. И јас се родив апатрид. Затоа никогаш не верував дека таа војна навистина завршила. Затоа што во детството постојано ги слушав приказните за неа на моите роднини. Не верував дека таа ги оставила на мир да го живеат животот на протерани од дома. Затоа што детето на бегалците рано учи дека војната не дозволува целосно да се избега од неа. Не верував дека таа војна беше завршила за моите роднини и многу подоцна. Кога речиси сиот свет ја имаше заборавено. А само татко ми уште ја паметеше. Затоа што тие, прогонетите од „дома“, бегалците, го носеа на себе нејзиниот белег. Стигмата на војната. Ним им беше забрането да се вратат „дома". Војната, толку силна и во мирот, им го попречуваше патот. Ја гледав нејзината темна сенка во  очите на татко ми, секогаш кога тој ќе се вратеше од граничниот премин во Битола. Тогаш неговиот поглед беше оној на човек што ја загубил и последната надеж. Затоа што грчките граничари пак немале милост со него. Иако со часови молел и просел. Тие пак не го пуштиле пешки да тргне низ Леринското поле. На патот кон дома, во празната куќа на татка си. Знаев секогаш од неговата меланхолија, во која паѓаше во летото, кога ќе чуеше дека соседите се спремаат да отпатуваат на одмор во Грција, дека паметењето на војната нему пак од болка му го беше стегнало грлото како во јазол. Сите други смееја да ја поминат грчко-југословенската граница. Само тој не смееше. Токму затоа што Грција за него не беше странство, во кое се оди на туристичка посета. Таа не беше туѓа земја. Таа беше неговата родна земја. Затоа не верував дека за луѓето како татко ми војната, која го изгони од „дома“, беше одамна завршила. Знаев дека таа само се имаше скриено таму, зад грчката граница, која за егејските бегалци беше половина век херметички затворена. Не верував дека Граѓанската војна беше завршила и во зимското лето, 1996-та, кога татко ми умираше. Затоа што тој во секој миг од последните дни  на овој свет беше пак таму. „Дома“, во неговото љубено Леринско поле. На патот на бегството во зимата 1947-тата. Во виорот на војната. И се прашуваше има ли тој вина -  затоа што останал жив. И дали неговото страдање и постојаниот копнеж по „дома“ за него се „казна“. Затоа што ја преживеал војната и не останал мртов на патот на бегството. Кога тој една година пред да умре на вестите слушна за Времената спогодба, мајка ми радосно му довикна дека сега обајцата конечно ќе се вратат дома. Татко ми само замавна со раката. „На тој век ќе се вратам јас дома”, изусти. Ја чувствуваше болеста во себе.

Животот е паметење

Токму затоа никогаш нема да ја прифатам логиката на војната и на омразата. Ниту во одбрана на татковината, на националната гордост и на националниот идентитет. Затоа што го паметам страдањето на татко ми. Затоа што ја знам од фамилијарната биографија траумата на сите бегалци на светот, која не завршува со првата генерација. Затоа верувам во силата на демократијата и на здравиот разум. Верувам  во способноста за простување и сочувство. Уверена сум дека силата на соочувањето со минатото и   помирувањето на народите се единствените инструменти на мирот. Мирот е највисоката вредност. Времињата на вистински мир, всушност, се многу куси. Дури и во еден човечки живот. Тоа го знаат само тие што го доживеале лудилото на војната. Тие што имале среќа да немаат војна во својата или во фамилијарната биографија веруваат дека таа завршува со поразот на едната страна. Тие што непосредно или посредно ја почувствувале војната, знаат дека има војни кои долго немаат вистински крај. Тие не дозволуваат ниту во мир да се надмине траумата.  акви се граѓанските војни. Тие, во кои соседите, роднините стануваат непријатели. Таква беше Граѓанската војна во Грција. Такви се и војните по кои следи долга студена војна. Затоа што таа не  дозволува да се одигра ритуалот на крајот на војната – преговорите за мир, помирувањето меѓу тие што дотогаш стоеле на спротивставените страни. Студената војна само го замрзнува  воениот конфликт како политички. Граѓанската војна во Грција беше првиот чин на Студената војна помеѓу Истокот и Западот. Таа го истисна паметењето на траумата со силата на политиката. Иако со длабоки лузни и трауми од таа војна беа обележани и Македонците и Грците. Македонија и  Грција седумдесет години живееја само со својата слика за траумата од таа војна. Секоја беше затворена во сопствената траума. Особено во времето на диктатурата, од грчкото историско паметење беа избришани тие, кои се бореа заедно со грчките партизани - Славо-Македонците. Тие беа присутни само како призраци во урнатините од селата. И не беше чудно што само два-три дена по потпишувањето на Договорот во преспанското село Нивици (Псарадес), во еден грчки напис се говореше за „призраците“ во тие села. Во кои на ѕидовите од куќите уште се читливи избледените пароли, испишани во Граѓанската војна. Тие траги се само видливи знаци на уште подлабоката траума во душите на луѓето. Таа не го остава човека на мир, сѐ додека еден ден не биде надмината.

Кога траумата е потисната, таа станува автодеструктивна. Не само за луѓето, туку и за народите, за општеството во целост. На тоа потсети грчкиот премиер Ципрас кога во дебатата за Преспанскиот договор во парламентот им рече на пратениците дека не сака да биде „нивен психијатар.“ Затоа што му е јасно дека ненадминатата траума и понатаму живее невидливо во паметењето и на Грците и на Славо-Македонците во Грција. И во тоа на Македонците во Република Северна Македонија. Животот е паметење. Само кога тоа паметење е од љубов, а не од желба никогаш да не се прости, тоа е посилно и од смртта и од уништувањето. Само така паметењето на траумата може да стане колективно паметење на два народа – на грчкиот и на македонскиот.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.