1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Треба да му дадеме поддршка

17 декември 2006

Светот реагира позитивно на најавата на палестинскиот претседател, Махмуд Абас за предвремени избори

https://p.dw.com/p/Ac0r
Махмуд Абас најави нови избори во телевизиски говор
Махмуд Абас најави нови избори во телевизиски говорФотографија: AP

”Донесов одлука за распишување претседателски и парламентарни избори. Ова решение веќе го продискутирав со изборната комисија и за тоа ќе разговараме и натаму за одлуката што побргу да биде спроведена.”

Со овие зборови, палестинскиот претседател, Махмуд Абас, најави нови избори на палестинските автономни територии, кои би требало да бидат излез од длабоката политичка криза во која се наоѓаат Палестинците од доаѓањето на радикално-исламистичкиот Хамас на власт. Светот реагираше веднаш со одобрување. Портпарол на Белата куќа во Вашингтон изјави дека САД се надеваат оти предвремени избори ќе значат и крај на насилството. Британскиот премиер, Тони Блер, пак, по најавата на Абас, рече: ”Мора да му дадеме поддршка. Она што сега е неопходно е тој да покаже способност за водење, а ние да му дадеме поддршка.”

Шеф-дипломатот на ЕУ, Хавиер Солана, посакува на Абас да му успее менаџирањето со кризата настаната поради ескалирањето на борбата за моќ на движењето Фатах и на владеачкиот Хамас. Во Хамас велат дека најавата на претседателот е обид за пуч. Приврзаниците на Хамас, веднаш по говорот на Махмуд Абас, излегоа на улиците протестирајќи против одржување нови избори.

Во Кан Јунис имаше жестоки борби на улиците, во кои загина едно момче, а голем број луѓе се повредени. Министерот за надворешни работи, Махмуд Аз-Захар, рече: ”Ние нема да дозволиме непочитување на решението на палестинскиот народ. Кој се уморил треба да поднесе оставка.”