1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Три масакри и злосторството кое трае

3 декември 2020

Тековната расправа дали Македонија била под фашистичка или административна управа на Бугарија и Албанија е априори бесмислена додека не се дефинира колку Македонија била претходно слободна и независна.Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/3mAGG
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

28 октомври е обичен ден во Македонија. Ниту е ден за прослави, ниту за свечености. Сепак, 28 октомври е битен ден, историски и современо, како датум кој недостасува во меморискиот конструкт на земјата. На тој ден, 28 октомври 1944 година, се има случено најголемото злосторство и најкрвавиот масакр за време на Втората светска војна на територијата на денешна Македонија.

Утрото на 28 октомври 1944 година, германските сили ќе упаднат во селото Радолиште, Струшко и без никаква причина, повод и предизвик ќе убијат, екзекутираат, масакрираат во недискриминаторска палба помеѓу 80 и сто лица, вклучително жени и деца. Сите Албанци. „Ни се обрати еден од нив, на српски: ‘Сите од 16 до 40 години возраст, настрана'. Значи, за стрелање” – вели Шемшедин Колоња, преживеан сведок на масакрот. Масакрот е извршен како одмазда за неколкудневните напади кон германските сили од страна на партизаните од Албанија, потпомогнати од партизаните од Македонија. Никој никогаш не бил обвинет ниту осуден за масакрот. 

19 ноември е ден на ослободувањето на Тетово. И ден кога во 1944 година, неколку месеци по масакрот во Радолиште, партизаните ќе убијат повеќе од 400 Албанци. Според сведочењето на сведокот Исак Зендели, ОЗНА ќе зароби повеќе од 500 млади Албанци и под изговор за мобилизација на Сремскиот фронт, ќе бидат спроведени кон Скопје за потоа да исчезнат без траг, до ден денешен. Под изговор на соработка со балистите, во тетовскиот Монопол ќе бидат затворени 6000 Албанци, стотици други ќе бидат затворени во камповите во Лавце, Групчин, Сарачиново. По интервенција на Неџат Аголи, дел од заробените ќе бидат пуштени. За да подоцна самиот Аголи биде измачуван и свирепо убиен од неговите соборци во ОЗНА. Никој не бил ниту обвинет, ни осуден за масакрот. 

1 април е меѓународен ден на лагата. Кај Албанците е ден за паметење на долго криената вистина за масакрот во Бар од страна на српско-црногорските партизани врз Албанци од Косово и Македонија на 1 април 1945 година. Насила мобилизирани за да бидат пратени на Сремскиот фронт. Спроведени преку Албанија, до Бар, каде што ќе бидат ставени во логорот Монопол. И набргу, под изговор на бунт, бидат стрелани безмилосно. Според англискиот мисионер Хадсон, убиени биле 1670. „Пешачев преку мостот. Крвта беше до глуждови” ќе изјави подоцна сведокот Жељко Миловиќ. Телата ќе бидат фрлани во море, во масовни гробници прекриени со автопат. Неколку дена претходно, 800 од 2700 заробени Албанци биле затруени во Дубровник. Обвинети и осудени за злосторот? Никој. 

Селективна меморија

Набројувањето на овие три масакри е горка, болна илустрација за селективната меморија на нашето оштество за сопствената историја, лажливите вистини за нашето минато и горка пародија на тековните дијалози за комунизмот и фашизмот, слободата и окупацијата. Која, посебно во дадената расправа на односите со Бугарија, така горко и цинично наликува на репликата на Базил од Фолти Тауерс: „Не ја спомнувај војната!” Во наш случај преведено како „не ги спомнувај Германците, фали ги Југословените и држ'те го фашизмот врзан за Бугарите и Албанците”.

Други колумни од авторот:

Заев отаде зенитот

Крвавите раце на добриот војник Тито

Крахот на миротворната ЕУ

Битно Америка мирна

Сведоштва за масакрот на германската армија врз невини цивили-Албанци нема да најдете низ ниедна европска монографија за Втората светска војна. Исто како што низ македонските и југословенските монографии за „славната борба на партизаните” нема да најдете ниту збор за масакрите од Монополите во Тетово и Бар. Трите масакри се потонати во прочката на жртвите и заборавот на генерациите. И тоа злосторство на заборавот сеуште трае. Контаминирајќи ја сегашноста.

Заборавот за Радолишта е последица на исклученоста на Албанците од пост-воените дијалози на Југославија со Германија и чувството на историска вина на Германија кон словенските народи. Фрлањето во заборав на масакри врз не-Словените во Југославија беше колатерала на прифатената етничка ексклузија наметната од победниците, поткрепена со засилената историографија на за Саџак и Скендербег дивизии за да се оправдаат пост-воените масакри врз Албанците и минимизира нивниот придонес кон антифашистичката борба. Во име на таа ексклузива мораа да бидат отфрлени „неадекватните факти” како што е учеството на албанските комунисти во Шпанската војна. Или дека првата жртва на „белиот терор” во Југославија беше Албанецот-католик и член на КПЈ од Скопје, Зеф Љуш Марку, убиен во 1920г, дека најголемите борби против фашистичката окупација се имаат водено во „албанската зона” на Македонија (Егберт Јан) итн.

Заборавот за Монополите во Тетово и Бар мораше да се случи во име на градењето на братство-единство, скроено без премногу интерес за вклучување на Албанците. Поменот за партизанските колења едноствано не беше споив со замислената стратегија на Тито за држење на Албанија и Бугарија во состојба на перпетуална вина од една и приграбување на ексклузивитетот на бивање „сојузник на Западот” во Балканските војни. Во Македонија молкот за монополскиот колеж беше составен дел на покорувањето на Македонија под командната палка на Светозар Вукмановиќ Темпо и неговите домашни сатрапи, засилени со наследената омраза кон Албанците. Од друга страна, масакрот во Радолишта врз Албанците од страна на Германците ја релативизираше борбата против окупаторите сведена на Бугарите и балистите и речиси без никаков директен ангажман со Германците, вклучително и жртви од двете страни.

Нешто што во повоените времиња ќе резултира со чуден, бизарен политички и уметнички занес на експлоатација на фашизмот припишан на Бугарија и Албанија и минимизиран, ретуширан во однос кон Германија. Занес искажан со жолчно опишување на фашизмот по лика и прилика на бугарски или албански сељак, неписмен, глупав, пијан, нечист, прост, злобен, додека пак германските војници се редовно прикажувани како стројни, педантни, отмени, префинети, културни Вермахт офицери, лабрадорски вљубени во македонско девојче. Во тој однос се отсликува расчекорот во релативното, флексибилно, варијабилно поимање на германскиот нацизам среде комунистичкиот естаблишмент, наспроти тврдокорната, константната, непоколеблива омраза кон бугарскиот и албанскиот „фашизам” без обзир на (пост)воениот братски комунизам. Тој расчекор е само надворешна манифестација на длабоките премрежија кои потврдуваат дека комунизмот во Македонија и Југославија никогаш не бил идеолошка, суштинска детерминанта, туку етничка утилитарна експлоатација – делумно наметната, делумно самогенерирана.

Историски факти

Но молкот за овие масакри има и една друга, поактуелна димензија која задира во деликатноста на дефинициите за окупацијата и слободата пред, за време и по Втората светска војна, скроени по мерка на политичката коректност на властодршците. Но политичката коректност сепак не може вечно да ја затскрие непопуларната но сепак историска фактичност дека Германците (и нивните сателити) не секаде и не секогаш биле пречекувани како поробувачи -  од Балтикот до Ирска и Балканот. Подеднакво како што и победата на партизаните не секогаш се сметала за ослободување – од Балтикот до Балканот. Логиката за 1945 како Нулта година во однос на слободата и ропството е кревок конструкт кој опстои токму поради едносмерноста и унилатералноста на континенталната осуда на фашизмот, парирано со  релативизацијата на комунизмот и злосторствата сторени во негово име.  Осудата на фашизмот како оправдана морална нужност на минатото и сегашноста е сепак шаблонски политички темплејт доколку не се земе во обзир ноторната вистина дека Албанците и Македонците биле одамна под „фашистички” – но не германски – терор долго пред Хитлер да го запали Рајхстагот. Проблемот на Западот во согледување и прифаќање на таа реалност – демонстрирана низ шпалирни и еуфорични пречеци на фашистичките окупатори во (не само) Македонија  – е што Првата светска војна никогаш нема завршено на Балканот туку се има прелеано, сплотено со Втората светска војна. Историјата може да биде игнорирана во читанки, но тоа не може да ја избрише контекстуалноста на времето и поведението врежано во паметењето на земјата. Оттаму, тековната расправија за тоа дали Македонија била под фашистичка или административна управа на Бугарија и Албанија е априори бесмислена се додека не се дефинира колку Македонија била претходно слободна и независна за да биде поробена и окупирана. Дотолку повеќе ако претходно била дел од дружба дефинирана како „зандана на народите”.

Иако го нема, Македонија го живее својот Хауард Зин момент на народно соочување со неслужбените истории и вистини за сопственото минато, надвор од политички пречистените академски читанки. Трикот е во изнаоѓање колку-толку правичен баланс помеѓу популарното паметење и службените верзии на настаните, притоа избегнувајќи ја популистичката еуфоричност и скротувајќи го идео-политичкиот апсолутизам врз вистината. Манипулацијата со историјата и меркантилизацијата со злосторствата на сметка на едни и по интерес на други соседи, не решава ништо, не нуди подобра иднина, не влева доверба и не гради соработка – дури и доколку се стопиме во ЕУ. Оние кои три децении не прекоруваа да не гледаме кон иднината туку кон минатото на крај ни ја ускратија иднината и не принудија во минатото да бараме некаков, било каков сурогат, плацебо, механизам за да го надоместиме ампутираното достоинство. Европа ќе мора внимателно но решително да го рекалибрира сопствениот поглед врз нашето минато. Кое засега е закотвено во црно-белата претстава за периодот 1941-1945 година. Доколку не, нашата приказна ќе се врати на самиот почеток, некаде во јули 1914. Но тогаш спорот веќе нема да биде ограничен  на релацијата Скопје – Софија.             

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач