1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Три сценарија за петолетката на Вучиќ

Драгослав Дедовиќ
4 април 2017

Вучиќ би можел да остане доследен во недоследноста и догодина да стане - градоначалник на Белград. Или да стане Ердоган. Или да не комплицира и да владее како Тадиќ, коментира Драгослав Дедовиќ.

https://p.dw.com/p/2adeg
Serbien Prsäidentenwahl Aleksandar Vucic in Belgrade
Фотографија: Reuters/A. Bronic

Во целата приказна најдобар е фактот што Александар Вучиќ извесно време нема да има уверлива причина за распишување нови избори. Иако, некоја силна причина за неговите политички пируети не постоеше ни досега. Единствено ако му падне на памет по Војислав Шешељ и Томислав Николиќ политички да погреба уште некого, па да му ја земе функцијата.

Прво сценарио: Вучиќ за градоначалник

Добра прилика, да речеме, се претстојните избори за прв човек на Белград. Тоа би бил досега невиден предизвик. Александар Вучиќ конечно ја надминува траумата на повеќекратен губитник на велеградските избори и по премиерското и претседателското место скока во градоначалничка фотелја. Од неа, судејќи според сѐ, исто ефикасно би можел да ја контролира Србија. А Синиша Мали нека биде казнет со премиерско место. На главниот ТВ Дневник тогаш десет минути би ја прераскажувале главната вест дека првиот човек на Кина го посетил белградскиот градоначалник. Или прекрасни снимки: градоначалникот Вучиќ и претседателот Путин (во деветти мандат) заедно во лов на еднорози во кавкаските дивини. Градоначалникот Вучиќ и Ангела Меркел (во својот седми мандат) ја посетуваат белградската зоолошка градина.

Кој вакво нешто смета за невозможно, нека се праша дали пред 2012. година помислил дека Вучиќ на ваков спектакуларен начин ќе се занимава со само нему сфатливо скокање од фотелја во фотелја.

Второ сценарио: Вучиќ како турски Французин

Уште е неизвесно дали тој, по углед на истанбулскиот самовласник Ердоган, ќе се обиде од Србија и нејзиниот устав да направи костум по своја мерка. Воведување претседателски систем од француски тип, каде претседателот истовремено е и татко на шефот на владата, најмногу би одговарало на нарцисоидниот темперамент и деспотските амбиции на ваков политичар.

Но, таа комбинација може да биде ризична. Петолетка е долг период. Претседателот може да стане непопуларен во текот на мандатот. Без оглед на раскошниот манипулативен талент на Вучиќ, пред него би можел да се појави некој далеку поамбициозен од Бели, но со ист шарм. Тогаш целата власт би стигнала во рацете на новиот претседател. Вучиќ би останал без работа. Соочен со својата неограничена немоќ и со - можно е - одмаздољубив победник.

Трето сценарио: Вучиќ како Тадиќ

Следното сценарио е веќе испробано во времето на Тадиќ. Претседателот на државата преку партиското лидерство управува со слабиот премиер и неговата влада. Маната на овој модел е што претседателот мора да се прави дека го почитува уставот и дека не се меша во работата на владата. На Вучиќ политичката глума не му паѓа тешко. Но, тој со жар тоа го прави само во Берлин, Москва и Брисел. Дома тоа го врши без волја, па актерските достигнувања се мизерни. Математички, овој модел е најверојатен, но не знаејќи ја политичката аритметика на Вучиќ, неизвесно е дали ќе биде применет.  Секако, не е ни битно каде ќе седи газдата.

Dragoslav Dedovic Kommentarbild App
​​Драгослав Дедовиќ​

Вучиќ со партиско жезло

Бидејќи во Србија институциите се сервис на власта, а не на граѓаните, сеедно е дали Вучиќ ќе лови риби или на хартија има репрезентативни задачи. Единствена функција која нема да ја даде ни за жива глава, е местото на партиски шеф. Еден од ретко исправните потези на Томислав Николиќ, неговото отстапување на партиското лидерско место пред стапување на претседателската функција, му донесе неколку години порано политичко пензионирање. Така е кога на стари денови стануваш помирлив и наместо со сурова сила, како дотогаш, сакаш да импресионираш со чистота. Во расплетот, Вучиќ располагаше со дивизиите, а Тома не. Малку веројатно е Вучиќ да го испушти од раце партиското жезло. Тоа е клуч на тајната одаја на власта. Само како партиски лидер Вучиќ може да ведри и да облачи.

На повидок нема внатрепартиски конкурент. Така, не треба да се очекува ниту ограничување на севластието на Вучиќ во Српската напредна партија. Тој има увид во сите тајни досијеа на пријателите и непријателите. Тој се дружи со сопствениците на популистички медиуми. Останатите ги заплашува и ги прозива. Неговиот белградски градоначалник е директно вмешан во испраќањето паравоени разбивачи на граѓани во Сава Маало. Неговиот бивш министер, кој сака слободни медиуми во клечечка позиција, беше на мраз околу една година, а сега Вучиќ со топли зборови го буди од хибернација. Неговиот главен полицаец, според сѐ судејќи, е плагијатор. Вака може да се набројува до утре. И што? Ништо. Сите тие со благодарни бели дробови ја вдишуваат заштитничката харизма на Вучиќ. Не требада се очекува некој да писне во партијата.

Вучиќ како арогантен фантаст

Сѐ додека е Србија држава на слаби институции и семоќни партии, додека наместо стручност и закон царуваат ортачко-пријателски систем и играње партиско оро околу казанот, целиот труд на Вучиќ да се претстави како реформатор, ќе биде неуверлива поза. Тој ќе прави што мора за да не падне во немилост на Запад и Исток. А со Србија ќе владее како што доликува, арогантно.

Крајно, во некоја паралелна вселена постои теоретска можност Вучиќ да ја употреби апсолутната власт за да воведе владеење на законите, да за сузбие корупцијата, да го искорени вработувањето по партиска линија, да ја врати младината од праговите на странските амабасади. Накратко, би можел, вистински да верува во она што понекогаш го зборува, својата неограничена власт да ја употреби за нејзино структурално ограничување, а со тоа и за нејзино цивилизирање.

Сепак, мислам дека сценариото во кое Вучиќ како градоначалник на Белград во Белиот дворец го прима шефот на кинеската држава е многу поверојатно.